ФУДБАЛ
- Во полуфиналето меѓу себе ќе играат Франција (трета на актуелната ранг-листа, од јуни годинава) и Шпанија (втора), како и Англија (четврта) и Аргентина (прва). Тие репрезентации се на првите места и според ранг-листата на ФИФА во живо, а беа водечки и на рангирањето од ноември лани, пред влечењето на ждрепката за СП 2026
Четирите првопласирани репрезентации на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) првпат се пласираа во полуфинале на едно светско првенство (СП), пишува „Би-би-си“. Така, според актуелната ранг-листа, од јуни годинава, во полуфиналето утре (од 21 часот) ќе играат Франција (трета) и Шпанија (втора), а в среда (од 21 часот) е и дуелот помеѓу Англија (четврта) и Аргентина (прва).
Тие репрезентации се на првите места и според ранг-листата на ФИФА во живо, на која прва е Франција, пред Аргентина, Шпанија и Англија. Истите селекции беа водечки и на ранг-листата од ноември лани, пред влечењето на ждрепката за СП 2026, кога водеше Шпанија, пред Аргентина, Франција и Англија.
А напредокот на Шпанија, Аргентина, Франција и на Англија беше потпомогнат од промената на Светската фудбалска федерација за Светското првенство годинава, пишува „Би-би-си“. Тие пред влечењето на ждрепката беа ставени во посебни квадранти, за да не можат да се сретнат пред полуфиналето, за да се случи тоа, тие мораа да ги освојат првите места во своите групи, што и го направија, а разделбата во ждрепката значеше дека, на пример, Шпанија не можеше да се сретне со Аргентина пред финалето, дополнително, Англија и Франција беа ставени на спротивставени страни од нокаут-фазата и на пат да се сретнат или со Шпанија или со Аргентина во полуфиналето ако сите се пласирале понатаму, пишува „Би-би-си“.
Светската фудбалска федерација го опиша потегот како обезбедување „натпреварувачка рамнотежа“ преку воспоставување „две одделни патеки до полуфиналето“. Сличен пристап се случува и, на пример, на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон, и во новиот формат на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), каде што носителите се држат одвоени во двојки, пишува „Би-би-си“.
Ранг-листата на ФИФА беше воведена во 1994 година, но не се користеше за турнирот таа година. Белгија (во 2022 година), Германија (2018), Шпанија (2014), Италија (2010) и Франција (2002) беа рангирани меѓу првите четири и се пласираа во нокаут-фазата, а на преостанатите светски првенства од 1998 година, првопласираните репрезентации не се пласираа сите во полуфиналето, пишува „Би-би-си“.
Кога официјалните лица на Светската фудбалска федерација го сменија процесот на ждрепка за ова Светско првенство, тие го сторија тоа со целосна транспарентност, откако управното тело на светскиот фудбал изјави дека сака да се осигури дека четирите највисоко рангирани селекции не можат да се сретнат порано во нокаут-фазата, со што потенцијално ќе ги зачува големите дуели за подоцна во турнирот, пишува „Би-би-си“.
На светските првенства со 32 селекции, победниците на групите не можеа да се соочат едни со други во осминафиналето. На Мундијалот во 2010 година две од првите четири репрезентации во светот се сретнаа пред полуфиналето, кога Холандија го победи Бразил со 2-1 во четврт-финалето. Светското првенство со 48 селекции, со дополнителна нокаут-рунда, ги направи раните средби меѓу победниците на групите можни, а тоа се случи во три натпревари во осминафиналето годинава, кога САД играа со Белгија, Англија со Мексико и Швајцарија со Колумбија, пишува „Би-би-си“.
Истиот систем за рангирање беше користен и за клупското Светско првенство минатата година, а една од четирите првопласирани екипи (Реал Мадрид) стигна до полуфиналето. Н.М.
СП 2026 1/16-ФИНАЛЕ
Германија – Парагвај 1-1 (3-4 п.)
Франција – Шведска 3-0
Јужна Африка – Канада 0-1
Холандија – Мароко 1-1 (2-3 п.)
Бразил – Јапонија 2-1
БСК – Норвешка 1-2
Мексико – Еквадор 2-0
Белгија – Сенегал 3-2
Англија – ДР Конго 2-1
САД – БиХ 2-0
Шпанија – Австрија 3-0
Португалија – Хрватска 2-1
Швајцарија – Алжир 2-0
Австралија – Египет 1-1 (2-4 п.)
Аргентина – Зелено`ртски О. 3-2
Колумбија – Гана 1-0
ОСМИНАФИНАЛЕ
Канада – Мароко 0-3
Парагвај – Франција 0-1
Бразил – Норвешка 1-2
Мексико – Англија 2-3
Португалија – Шпанија 0-1
САД – Белгија 1-4
Аргентина – Египет 3-2
Швајцарија – Колумбија 0-0 (4-3 п.)
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Франција – Мароко 2-0
Шпанија – Белгија 2-1
Норвешка – Англија 1-2
Аргентина – Швајцарија 3-1
ПОЛУФИНАЛЕ
Франција – Шпанија утре, 21 ч.
Англија – Аргентина среда, 21 ч.
Мечот за третото место е в сабота од 23 часот, а финалето е в недела од 21 часот

































