ШАХ – ДОГОВОР ПОМЕЃУ ФИДЕ И СВЕТСКИОТ ШАХ
- Околу 500.000 играчи имаат официјален ФИДЕ-рејтинг (од мечеви на табла). Оваа програма е дизајнирана да го овозможи тоа и за милиони други. За играчи што никогаш немале пристап до рејтинг-шах од мечеви на табла, тоа би можело да доведе до професионална шаховска кариера, пишува ФИДЕ
Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и Светскиот шах неодамна објавија дека се согласиле да работат на Првиот рејтинг-експеримент, прва програма од ваков вид, што ќе им овозможи на играчите да го добијат својот прв официјален ФИДЕ-рејтинг во брз и во забрзан шах преку играње онлајн. Околу 500.000 играчи имаат официјален ФИДЕ-рејтинг (од мечеви на табла). Оваа програма е дизајнирана да го овозможи тоа и за милиони други. За играчи што никогаш немале пристап до рејтинг-шах од мечеви на табла, тоа би можело да доведе до професионална шаховска кариера, пишува ФИДЕ.
– Вака ФИДЕ ја развива играта одговорно, транспарентно, контролирано и изградено со заедницата. Се согласивме за рамка што го става интегритетот на рејтингот на прво место и го отвора за играчи што никогаш немале начин за пристап – вели претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, пренесе ФИДЕ.
Двете страни се согласија во принцип и сега работат за конечен договор. Со нивно соопштение ја покануваат шаховската заедница да се вклучи и да ја обликува програмата пред нешто да се финализира. Програмата, ако се потврди, ќе трае две години, со можност за продолжување на официјалната платформа во живо на ФИДЕ, во забрзан и во брз шах, под целосен надзор на ФИДЕ.
– Рејтингот на ФИДЕ отвора врати за професионална шаховска кариера за оние кои ја сакаат, а никогаш не успеале да влезат во неа. Оваа програма е дизајнирана да го промени тоа. Се согласивме за рамката. Сега го работиме тоа со ФИДЕ и со шаховската заедница – вели Илја Мерензон, извршен директор на Светскиот шах, пренесе ФИДЕ.
КАКО ФУНКЦИОНИРА
За да се квалификува за конверзија на рејтинзи, играчот ќе треба да изгради вистински онлајн рејтинг, вклучувајќи минимален број партии на рејтинг-турнирите онлајн, а не само обични партии. Откако ќе се квалификува, неговите резултати поминуваат низ проверки за ферплеј. Ако тие поминат, се издава рејтинг со помош на внимателно дизајниран коефициент. Тој коефициент е техничкото средиште на програмата. Се пресметува за да се осигури дека рејтингот освоен онлајн го одразува истиот стандард на игра како оној освоен преку табла, дека резултатот онлајн и резултатот на табла на исто ниво значат исто, пишува ФИДЕ. Коефициентот го поставуваат специјалисти, се рекалибрира секои шест месеци во однос на голем број играчи и е одобрен од ФИДЕ. Рејтингот има фиксна висина, сега е предложен на 1.800 поени. Над тоа, рејтинзите се освојуваат преку мечеви на табла, како и секогаш. Играчите ќе можат да го конвертираат својот рејтинг еднаш годишно, пишува ФИДЕ.
ФЕРПЛЕЈ
Секоја квалификациска партија се проверува со слоевита детекција изградена за оваа програма. Резултатите под прашање ги чува и ги разгледува службеник против мамење, со формален процес на жалби достапен за секој играч. Системот е независно прегледан од надворешни експерти и ќе помине низ дополнителна сертификација. Секој играч го потврдува својот идентитет пред да се квалификува. Техничкиот дизајн, методологијата на коефициентот, квалификацискиот стандард, висината на рејтингот и патот на жалби се отворени за преглед и за дискусија пред да се финализира нешто, пишува ФИДЕ. Ова е вистински разговор, а не формалност. Играчи, тренери, федерации и експерти се поканети да се вклучат за деталите, да изразат загриженост и да помогнат во обликувањето на конечните правила, а ФИДЕ и Светскиот шах имаат цел да ја финализираат и да ја лансираат програмата наскоро, со понатамошна дискусија во заедницата и професионалниот придонес, пишува ФИДЕ. Г.И.


































