Фото: ЕПА

ЕУ по евентуалниот германски пресврт

  • Првиот политички земјотрес за либерална ЕУ доаѓа наредната година со претседателските избори во Франција и евентуалната победа на Марин Ле Пен, што, според аналитичарите, „здраво ќе ја потресе Унијата“. Но ако бранот суверенизам продолжи и во Германија со АфД, за што има навистина голема веројатност, тогаш, според аналитичарите, „…со висока доза сигурност може да се каже дека два политички земјотреса, во Германија и Франција, со сигурност можат да ја преобликуваат Европската Унија“… првин да го „срушат“ актуелниот Брисел, а потоа да го изградат одново, на темелите на вредностите вградени при создавањето на европската заедница во вистинска смисла на зборот

Европската Унија влегува во период во кој нејзината иднина повеќе нема да се определува само во институционалните кабинети во Брисел туку сè повеќе во националните престолнини. Доколку политичките процеси во Франција и Германија продолжат во насока на јакнење на суверенистичките сили, Европа би можела да се соочи со најголемата политичка трансформација од создавањето на еврото и големите проширувања кон Источна Европа.
Изборниот успех на Марин Ле Пен или нејзиното политичко влијание врз идната француска влада би имало огромно значење за Брисел. Но евентуалниот понатамошен подем на АфД (Alternative für Deutschland – AfD) би бил уште посилен потрес, бидејќи Германија не е само најголемата економија на ЕУ туку и еден од главните политички столбови на европскиот проект. Ако Париз може да го смени тонот на Европа, тогаш Берлин може да го промени нејзиниот правец.

Од Франција до Германија: Крај на ерата на либералниот консензус?

Со децении европската политика се темелеше на широк консензус меѓу центристичките партии: силно централизирана европска интеграција, постепено пренесување на дел од националните надлежности кон Брисел, либерална економска политика и постепено ширење на Унијата. Суверенистичките движења го оспоруваат токму тој модел. Тие не ја отфрлаат нужно европската соработка, но бараат поинаква Европа – во која националните држави повторно ќе имаат поголема контрола врз клучните одлуки. За нив, проблемот не е постоењето на ЕУ, туку нејзината трансформација во политички систем каде што граѓаните често чувствуваат дека одлуките се носат далеку од нивниот директен демократски избор.

Германскиот фактор: Најсилната економија бара нови правила

Евентуално силно влијание на АфД во Германија би имало далекосежни последици затоа што германската политика традиционално има клучна улога во одредувањето на европскиот курс. Берлин со години беше моторот на продлабочувањето на европската интеграција. Но суверенистичката визија нуди спротивна насока, односно помалку централизирање, поголем простор за националните влади и преиспитување на политиките што доаѓаат од европските институции. Таквиот пресврт би можел да отвори дебата за самата структура на ЕУ – од прашањето за буџетските правила, преку енергетската политика, до улогата на Европската комисија. Европа би можела да се движи од моделот „една Европа“ кон моделот „поинаква Европа“.

Проширувањето на ЕУ: Забрзување или нова блокада?

Еден од најважните тестови за новиот политички баланс ќе биде прашањето за проширувањето на Европската Унија. Досегашната политика на Брисел беше насочена кон постепено приближување на земјите од Западен Балкан и Источна Европа кон европските структури, под услов „да се исполнат реформските критериуми“. Ова, пак, еволуираше во политички критериуми од кои некои испорачани барања кон земјите кандидатки, ја преминуваа и границата на меѓународното право и правдата, со внесување арбитрарност директно од либералните елити во Брисел.
Но суверенистичките партии често гледаат на проширувањето со поголема претпазливост. Нивниот приоритет е внатрешното преуредување на Унијата пред нејзино понатамошно ширење. Аргументот на овие сили е дека ЕУ прво треба да реши сопствени проблеми, односно демократската одговорност на институциите, миграциската политика, економската конкурентност и поделбата на надлежностите меѓу Брисел и националните влади.
Во основа тоа значи дека идните кандидати за членство би можеле да се соочат со уште покомплексен процес – не само со услови за реформи туку и со прашањето каква ЕУ ќе постои во моментот кога тие ќе бидат подготвени за членство.

Новата битка за Европа: Реконструкција пред проширување

Суверенистичкиот бран поставува едно фундаментално прашање:
Дали Европската Унија треба прво да се прошири или прво да се реформира?
Либералниот центар смета дека проширувањето е стратешка инвестиција – начин Европа да ја прошири својата политичка и безбедносна зона и да ја намали нестабилноста околу своите граници. Но мислејќи повеќе на создавање тампон-зони отколку на државните ентитети на работ на ЕУ (земјите кандидати од Балканот и од Источна Европа), либералниот пристап ги занемари народите и нивниот идентитет. Тој целосно го релативизира и деноминира нивниот национален, па и конфесионален супстрат. Тоа особено беше удар за Македонија.
Суверенистите, пак, предупредуваат дека Унијата, која веќе има проблеми со донесувањето одлуки, може да стане уште понефункционална со прием на нови членки без претходна институционална реформа. Овој судир ќе биде особено важен за земјите кандидати, бидејќи нивната европска перспектива ќе зависи не само од нивните реформи туку и од внатрешната политичка битка во самата ЕУ.

Брисел пред нова реалност

Доколку Франција добие силно суверенистичко влијание, а Германија се придвижи во истата политичка насока, Брисел ќе мора да се адаптира на нова Европа. Тоа не мора автоматски да значи распад на Унијата, но може да значи крај на досегашниот модел на постепено создавање сè посилна централна Европа.
Можно е да се појави нова формула: ЕУ како сојуз на посилни национални држави, со поголема флексибилност и помалку надлежности во центарот. Затоа германскиот суверенистички бран не е само германско прашање. Тој е прашање за идентитетот на цела Европа. Следната голема битка нема да биде само кој ќе управува со Европа туку каква Европа ќе остане по таа политичка промена.

Автор: Доне Прентоски