ШАХ – ЈУЛСКА РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ
- На македонските ранг-листи нема промени, водат ВМ Романов и ЖФМ Стојковска
Магнус Карлсен загуби 18 рејтинг-поени (2.823), но сепак останува шахист број еден во светот и на јулската рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Норвежанецот е прв и на ранг-листата во забрзан (2.803, минус 28,8 р.п.) и брз шах (2.860, минус 9,4). Втор е Американецот Фабијано Каруана (2.792), а трет неговиот сонародник Хикару Накамура со ист рејтинг. Актуелниот светскиот првак, Индиецот Домараџу Гукеш, е дури на 26-то место (2.717, минус 14,8). Кај жените, нема промени на врвот на светската ранг-листа, каде што Кинезинките Хоу Јифан (2.596), Леи Тинџие (2.566), светската првенка Ју Венџун (2.560, плус еден) и Жу Џинер (2.550, плус три) се на првите четири места, а Хоу е прва и во забрзан и брз шах. Сепак, вниманието го привлече новата европска првенка, 16-годишната Украинка, ЖФМ Анастасија Хнатишин (2.465), која со дури 214,4 нови поени напредуваше 44 места и сега е 18-та!
На македонската листа и понатаму прв е ВМ Евгени Романов (2.548, минус еден поен, во однос на јуни), втор ВМ Трако Недев (2.460), а трет ИМ Филип Панчевски (2.430). Најмногу рејтинг-поени (39) освои Жарко Селковски (2.388) и се искачи од 87-то на 81-то место. Кај шахистките исто така без промени меѓу првите 10, води ЖФМ Моника Стојковска (2.076), втора е ЖИМ Габриела Коскоска (2012), а трета ЖФМ Моника Жежовска (1.978). Најмногу рејтинг-поени (54) освои деветгодишната Софија Беловска (1.480) и од 33-то се искачи на 28-то место. Македонија на листата за мажи остана на 58-то место (2.418 р.п.), како и на листата за жени, каде што е на 71-то место (1.919) меѓу 204 држави. Кај мажите први се САД (2.724), пред Индија (2.709) и Кина (2.667, плус еден), а кај жените Кина (2.487), пред Индија (2.416) и Украина (2.381). Г.И.

































