Илијана Јотова / Фото: ЕПА

Бугарската потпретседателка Јотова на средба со претставници на Советот на Европа (не)свесно изнесе практикување два стандарда за исто фундаментално прашање за човековите права

  • Официјална Софија со години инсистира Брисел да биде гарант за исполнувањето на нејзините ултимативни барања кон Македонија, но, од друга страна, кога станува збор за обврските што самата Бугарија ги има според пресудите на Европскиот суд за човекови права, тие се претставуваат како прашање што ќе се решава низ институционален дијалог, без драматизација и без политички последици. (?!) Експертите за човекови права веднаш ги воочија двојните стандарди на официјална Софија во приодот кон ова прашање, бескрупулозно изнесено во Советот на Европа (Стразбур – уште наречен и „совест на Европа“), при што соговорниците обрнуваат внимание во јавноста дека ваквите двојни стандарди на Софија нема уште долго да бидат толерирани

Последниот настап на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, по средбата со претставници на Советот на Европа, на која прашањето за неизвршените пресуди на Европскиот суд за човекови права во предметите „ОМО Илинден против Бугарија“ беше претставено како дел од „конструктивен дијалог“ и исполнување одредени обврски, говори многу јасно за двојните стандарди што официјална Софија ги применува кон Македонија.
Имено, кога станува збор за барањата што Бугарија ги испорачува кон Македонија, тие никогаш не се претставуваат како административни или технички прашања, туку, напротив, секогаш се објаснуваат како фундаментални човекови права, европски вредности и предуслов за продолжување на европската интеграција на земјава. Поради тие барања Македонија мораше да прифати преговарачка рамка во која за првпат во историјата на Европската Унија беа вметнати идентитетски, историски и билатерални спорови како дел од процесот на пристапување.
Со други зборови, прашањата за историјата, јазикот, идентитетот и уставните измени не беа третирани како технички теми, туку како клучни политички услови без чие исполнување нема напредок кон Европската Унија. Но, кога предмет на разговор стануваат пресудите на Европскиот суд за човекови права против Бугарија, тогаш реториката нагло се менува. Одеднаш повеќе не станува збор за фундаментални човекови права, туку за процес на „исполнување на одлуките“, односно за техничко и административно прашање. Токму тука е очигледната недоследност.

Јотова: Бугарија ги создаде неопходните услови за гарантирање на правото на
здружување

За време на неодамнешната средба на бугарската потпретседателка Илијана Јотова со генералниот директор за човекови права и владеење на правото при Секретаријатот на Советот на Европа, Џанлука Еспозито, на која учествувал и раководителот на Одделот за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Фредерик Долт, станало збор за односот на Бугарија кон извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
– За време на средбата беше разговарано за конструктивниот дијалог и за ангажираноста на нашата земја во исполнувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права во групата на дела „ОМО Илинден против Бугарија“- се наведува во соопштението по средбата од трети јули.
Во предметите „ОМО Илинден против Бугарија“, Европскиот суд за човекови права во повеќе наврати утврди дека бугарските власти го прекршиле правото на здружување на граѓаните што се изјаснуваат како Македонци. И покрај тоа што пресудите се донесени уште пред многу години, нивното целосно спроведување и понатаму е проблем, а Комитетот на министри на Советот на Европа редовно го следи нивното извршување.
– Бугарија ги создаде неопходните услови за гарантирање на правото на здружување, преземајќи законодавни, институционални и практични мерки што им олеснуваат на граѓаните во регистрацијата на здруженија – изјавила Јотова на средбата.
Бугарската потпретседателка се осврнала на развојот на оваа тема од 2006 година до денес и ја нотирала „интензивната и континуирана контрола од страна на Комитетот на министрите“, со очекување дека е крајно време таквиот мониторинг да заврши.
– Илијана Јотова изрази очекување за скорашно завршување на мониторингот врз спроведувањето на одлуките, со оглед на напорите што ги вложи нашата земја и исполнетите мерки за либерализирање на процесот на регистрација. „Неприфатливо е да се поврзуваат технички барања со политички толкувања“, изјави шефот на државата – се наведува во соопштението од прес-службата на бугарската претседателка.

Принципите се важечки за сите

Во разговор со добри познавачи на македонско-бугарските односи и поранешни дипломати ни беше посочено дека ако правата на Бугарите во Македонија претставуваат прашање на европски вредности, тогаш по истата логика и правата на Македонците во Бугарија мора да бидат европска вредност и тоа да им се предочи на сите.
– Не може едните права да бидат услов за членство во Европската Унија, а другите да се сведуваат на административна процедура – велат нашите соговорници.
Според нив, уште поинтересно е тоа што токму Софија со години инсистира Европската Унија да биде гарант за исполнувањето на нејзините барања кон Македонија, но, од друга страна, кога станува збор за обврските што самата Бугарија ги има според пресудите на Европскиот суд за човекови права, тие се претставуваат како прашање што ќе се решава низ институционален дијалог, без драматизација и без политички последици.
– Таквиот пристап не е само дипломатска недоследност. Тој директно ја поткопува довербата во европскиот процес. Ако принципите важат само кога ѝ одговараат на една земја членка, а престануваат да важат кога истата таа земја треба да ги почитува, тогаш се испраќа порака дека европските стандарди не се универзални, туку селективни.
Тоа е особено опасно за кредибилитетот на Европската Унија. Унијата со децении се претставува како заедница заснована на владеење на правото, еднаквост пред законите и почитување на човековите права. Но, кога една земја членка успева билатералните историски и идентитетски спорови да ги претвори во услов за членство на друга држава, а истовремено сопствените пресуди од Европскиот суд за човекови права да ги сведува на „техничко прашање“, неизбежно се поставува прашањето дали за сите важат истите стандарди – нагласуваат соговорниците.
Тие проблемот го лоцираат во европските институции, кои со години дозволуваат ваквата двојна практика да функционира без сериозен отпор.
– Наместо јасно да се разграничи што претставува европски критериум, а што е билатерален политички спор, Брисел дозволи тие две категории да се измешаат. Последицата е Македонија денес да биде единствената земја кандидат чиј пристапен процес е условен со прашања за национален идентитет, историски личности, учебници и толкувања на минатото. Токму затоа изјавите по средбата на Јотова не се само дипломатско соопштение туку и јасна потврда дека во политиката на Софија постојат два различни стандарда – еден кога се бараат права за Бугарите во Македонија и сосема друг кога истите тие права ги бараат Македонците во Бугарија. А европските вредности, ако навистина се вредности, не можат да важат само кога тоа е политички корисно. Во спротивно, тие престануваат да бидат принципи и стануваат политичка алатка. А токму таков впечаток денес сè почесто остава процесот на проширување – дека правилата не ги определуваат вредностите, туку интересите на оние што во одреден момент имаат право на вето – заклучуваат нашите соговорници.