Понекогаш се чудам како може исти државници, исти претседатели, исти премиери, на еден начин да се однесуваат во рамките на НАТО, да манифестираат разбирање, а кога се работи за Европската Унија, 20 години да нè држат во лавиринтот. Време е тоа да се надмине – порача денеска претседателката Гордана Силјановска Давкова, по учеството на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, во рамки на Самитот на НАТО што се одржа во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара.
Силјановска Давкова изјави дека синоќа при учеството на приемот кај турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган имала кратка средба со премиерот на Бугарија Румен Радев, кој и рекол дека не сме само соседи, туку дека му е пријателка, што, рече, е инспиративно и охрабрувачко. Имала подолг разговор со унгарскиот премиер Петер Маѓар кој кажал дека уште позасилено ќе застане зад Западен Балкан, дека целосно нè поддржува и оти неминовно е, за да има стабилност и мир на Балканот, земјите од Западен Балкан да станат членки на Европската Унија.
Според претседателката Силјановска Давкова, нема подобро решение за силна Европа и силно НАТО од состојба на мир, бидејќи силата на Европа е во способноста со мирни средства да посегне по реформи или да промовира демократија заснована на основните принципи и вредности.
На самитот на НАТО, рече претседателката, беше порачано дека ние сме докажан, кредибилен партнер на НАТО, дека се однесуваме одговорно и во поглед на средствата и во поглед на однесувањето, како и дека може да сметаат на нас.
Втората порака од Самитот, дополни таа, се однесува на НАТО. – Навистина требаше да се потенцира дека господинот Трамп на некој начин, откако на НАТО му стави до знаење дека одбраната заради која е создаден не се однесува само на Соединетите Американски Држави, туку и на земјите од Европа, и дека треба да си го земат својот товар од одбраната. Денеска се покажа дека навистина речиси сите држави, ако не и сите држави, веќе тргнале на таа патека во, се разбира, себегарантирањето, односно во гарантирањето способност да ја организираат сопствената одбрана. Тоа е исто, според мене, многу важно – рече Силјановска Давкова.
На овој самит, потенцира претседателката, се чувствуваше единство. Од господинот Трамп, па до сите останати, манифестираа решеност, спремност, навистина, заедно да ги остварат задачите што ги поставивме уште во Хаг.
Ја цитираше мислата од Кемал Ататурк – „Ако има дома мир, ќе има и надвор мир“ и порача дека нема подобро решение за силна Европа и силно НАТО од состојба на мир бидејќи, нагласи, силата на Европа е во способноста со мирни средства да посегне по реформи или да промовира демократија заснована на основните принципи и вредности.
-Тоа ја прави посебна, се разбира, ако истите членки седат таму и таму, или во најголем дел, тогаш логично е дека не треба да се откажеме од мирот. Тука е посебната вредност на господинот Трамп, бидејќи тој, покрај издвојувањето на средства, постојано вели дека треба да се најде мирна солуција за сите проблеми – рече Силјановска Давкова, пренесува МИА.
На новинарско прашање за поддршката и однесувањето на лидерите во рамки на НАТО и во однос на евроинтеграциите на државава Силјановска Давкова посочи на средбите со Радев и со Маѓар, истакнувајќи ја поддршката од него.
-Со господинот Радев имав куса средба синоќа, се разбира, во присуство на господинот Кошта. Тој рече дека не сме само соседи, туку дека сум му јас пријателка, се разбира дека тоа е инспиративно и охрабрувачко. Но, немав овојпат некој подолг разговор, но со господинот Маџар имав. Ме интересираше како гледа тој на политиката под негова палка, дали ќе посегне по промени. Ова што го изјави е дека уште позасилено ќе застане зад Западниот Балкан, дека целосно нè поддржува и дека неминовно е, за да има стабилност и мир на Балканот, земјите од Западен Балкан да станат членки на Европската Унија, дури рече дека има намера да тргне во турнеја по земјите од Западен Балкан, што е навистина одговорно и посветено – изјави Силјановска Давкова, која на Самитот ја предводеше македонската делегација во чиј состав се министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, како и генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Во пресрет на состанокот Силјановска Давкова повика на „повеќе кантијанизам од макијевализам.
– Денеска би дакала да кажам дека мотото „Посилна Европа – посилно НАТО“ според мене значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилната Европа е Европа што живее во мир и демократија базирана на принципи и вредности. Тоа е мојата порака, изјави претседателката Силјановска Давкова.
По присуството на синоќешниот прием организиран од претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган македонската претседателка сподели дека во духот на сојузништвото и меѓусебната почит со шефовите на држави и влади разменивле мислења за натамошното обликување на евро-атлантската безбедносна архитектура, јакнењето на колективната одбрана и зацврстувањето на трансатлантското единство.
– Убедена сум дека со политичка мудрост, заемна доверба и цврста посветеност можеме да креираме решенија во служба на мирот, стабилноста и безбедноста – објави претседателката на „Фејсбук“.
Мисајловски: Македонија поздравена како држава која дава значителен придонес во НАТО
Освен потребата од унапредување на соработката меѓу земјите-членки на Алијансата, на Самитот на НАТО во Анкара била потенцирана и заедничката одбранбена и безбедносна политика на европските земји, порака која се повеќе добивала на интензитет, при што Македонија била поздравена од голем број држави како земја, која иако мала во споредба со многу други, сепак дава свој значителен придонес во рамки на процесите на Алијансата.
Ова го потенцира денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски во заедничката изјава што ја дадоа со претседателката и врховен командант на вооружените сили на Македонија Гордана Сиљановска Давкова и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, по завршувањето на Самитот.
-Многу е важна пораката што ја имаме од сите европски земји дека имаме заедничката безбедносна и одбранбена политика и дека треба да припаднеме таму, тоа е одлична порака која заеднички треба да ја споделуваме и го правиме тоа и затоа ако во рамките на НАТО сме семејство на исто ниво, тоа треба да важи и за Европската Унија – рече Мисајловски и додаде дека повеќе држави не поздравиле, како земја, која иако мала, дава свој придонес.
Министерот нагласи дека претседателката, која ја предводеше македонската делегација имала одличен прием и достоинствено ја претставила нашата држава.
На самитот, додаде Мисајловски, меѓудругото се разговарало и за зголемувањето на учеството на БДП во одбраната, при што напомена дека ние како држава веќе издвојува околу четири проценти од БДП за одбрана и сродни трошоци, што е значаен придонес во насока на заедничката цел на Алијансата за достигнување пет проценти до 2035 година.
Министерот оцени дека ова бил убав Самит, од кој била испратена моќна порака за солидарност, а на него меѓудругото се разговарало и за актуелните светски случувања, влијанието на Кина, за случувањата во Украина, Иран…
Муцунски информира дека присуствувал на состанокот на министрите за надворешни работи од земјите од НАТО и на потписничките на Истанбулската конвенција, како и со голем број земји од Арапскиот залив, каде што се зборувало за состојбите поврзани со конфликтот со Иран, но и за политичката, безбедносната, но и економско-социјалната состојба во Европа и во светот. Министерот додаде дека присустувал и на состанок на министри за надворешни работи на НАТО земјите плус Украина, на кој учествувала и високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика.
Муцунски остварил и средба со Том Берендсен, министер за надворешни работи на Холандија, со кого разговарале за билатералните односи, регионалните и европските прашања, како и за партнерството во рамки на Алијансата.
-Во фокусот на таа средба беа билатералните односи помеѓу двете држави, нашата соработка во рамките на НАТО Алијансата, зборувавме секако и прашања поврзани со европската интеграција, за Холандија која што е земја која што својот фокус го става на прашањата поврзани со внатрешните реформи…исто така издвоивме време да зборуваме и за некои инвестициски проекти за кои веќе двете држави дискутираат. Се надеваме дека во скорешен период ќе можеме да ги претставиме и пред јавноста – рече Муцунски.
Лидерите на НАТО денеска ја потврдија својата „железна посветеност“ на колективната одбрана и единството на Алијансата, изјавувајќи дека „напад врз еден е напад врз сите“ во декларацијата на самитот усвоена во Анкара.
Во Декларацијата од самитот во Анкара се вели дека сојузниците остануваат посветени на Член 5 од Вашингтонскиот договор, трансатлантската врска и пристапот од 360 степени кон одвраќањето и одбраната, опишувајќи го „единството, солидарноста и колективната сила како основа на мирот, безбедноста и просперитетот“ за едната милијарда граѓани на алијансата. Наведувајќи ја Русија како долгорочна закана за евроатлантската безбедност, а тероризмот како постојан предизвик, сојузниците наведоа дека европските членки и Канада минатата година ги зголемија инвестициите во основните одбранбени потреби за повеќе од 139 милијарди долари, пренесе Анадолија.

































