- (Кон претставата „Кралот Лир“ од Вилијам Шекспир, во режија на Силвиу Пуркарете и во продукција на националниот театар „Марин Сореску“ од Крајова, Романија. Улогите ги толкуваат: Клаудиу Блеонт, Романица Јонеску, Јулија Колан, Костинела Унгуреану, Овидиу Карстеа и др.)
Шекспирова трагедија „Кралот Лир“ е типичен пример за констатацијата на големиот шекспиролог Јан Кот во неговата книга „Шекспир наш современик“, во која вели дека „античката трагедија е губење на животот, а модерната трагедија е губење на целта“. Големиот романски режисер Силвиу Пуркарете оваа констатација ја визуализира хедонистички. Делбата на царството – сосема бесцелен потег на кралот, кој е свесен за својата надоаѓачка сенилност – се случува на трпеза, каде што земјата буквално се дели како колач. Гневен заради „ништото на Корделија“, кралот на крајот го растура колачот и тука започнува вистинската трагедија. Овој концепт е едноставно видлив и сфатлив, пред сè затоа што претставата се одвива во мал простор каде што публиката е во непосредна близина на актерите.
Пуркарете ја поставува оваа драконска едноставност во современ контекст. Преку грижливо одбрани знаци и метафори, тој ги обликува цврстите односи меѓу ликовите. Целото дејство е просторно позиционирано под сенката на темнината, која се надвиснала над кралските ходници и одаи. Овој Лир на Пуркарете не е грамаден старец што плаче поради својата погрешна одлука, туку е ситно старче, кое токму таа сурова генеалогија го донела на тронот, кој, по сè изгледа, му е за неколку броја поголем. Оваа насока во адаптацијата на текстот е многу продуктивна, затоа што донекаде ги оправдува сите други настани низ кои двете негови ќерки длабоко го деперсонализираат својот татко, додека неговата најмала ќерка маскирајќи се во шутот го следи на неговото патување и се обидува со својата сатиричност да го залечи неговиот очај. Лир е сепак гротескна фигура, но во ова видување на Пуркарете таа фигура станува и современ прочит на безвластието, кое започнува и завршува на трпезите, со недојадена храна и истурени вина. Секако дека адаптација има ововременски референци, но таа со себе носи и една постмодерна констелација, една тенка, но значајна нишка на рециклираност од која конечно се изнедрува денешната воена илузорност.
Во целата своја органика, ова видување на Пуркарете на „Кралот Лир“ е своевиден драмски реквием за бесмислата и бесцелноста. Во оваа верзија нема хероизам, Лир не се спротивставува на ветровите, не им посакува „да им пукнат образите“, тој е едноставно изгубено старче што го доживува своето кралство како пуста земја во која тој е единствениот бездомник и секако дека овој концепт со себе носи една автентичност што нè обвива сите нас.
Клаудиу Блеонт го одигрува својот Лир со силна емотивност, но и со голема динамика, отелотворувајќи човек во поодминати години, кој губејќи ја власта, всушност не ја изгубил и личноста, па така, неговиот бунт станува уште поголем. Но оваа креација во својот уникум има и саркастични елементи, кои овој одличен актер многу успешно ги вовлекува во својата говорна партитура, создавајќи лик на изгубен владетел што ја доживува својата безумност како кардинална животна грешка. Би признал дека овој Лир на Блеонт е дијаметрално различен од сите досегашни толкувања на овој комплексен Шекспиров лик, што е еден од куриозитетите на претставата. Овде би го издвоил и амбициозниот и суров Едмунд на Овидиу Карстеа, лик на великодостојник во кој се чини дека навлегла целата суровост на ововременскиот политички престиж. Корпулентен и доминантен, овој актер гради лик што одушевува со својата неприкосновеност и цврстина, секако, актерска индивидуа што фасцинира со својата говорна, но и физичка особеност. Гонерила на Романица Јонеску е докрај пресметана владетелка, чија суровост е дозирана доста политички, па така, оваа исклучителна актерка ни нуди лик на освојувачка, која претпочита многу лешеви до тронот, кој сепак го губи најмногу заради страста. На таа линија е и Регана на Јулија Колон, која, пак, од друга страна е поотворена во својата априорна суровост, лик на ирационална злобничка, која оваа актерка ја донесува мошне умешно, додека Корделија на Костинела Унгуреану е целосна спротивност од неа, но тоа сепак не е лик на најмладата нежна ќеркичка на Лир, чија мудрост сенилниот татко не може да ја разбере, туку е лик на резонерка што потоа се впушта во авантура да го следи својот татко, одигрувајќи еден актерски извонредно артикулиран шут, кој низ суровата сатира се обидува да биде со својот целосно изгубен татко. Конечно, сцените меѓу Корделија/шутот и Лир се есенцијалното јадро на целата претстава. Од овие сцени се разгрануваат сите други настани што го артикулираат современото читање на Лир. Но кога сме кај сатиричноста, не можеме, а да не го споменеме и сјајниот Едгар на Георге Алберт Костеа, актер што со својата фантастична пластика обликува лик на гротескен губитник, чија надеж е токму суровоста на сатирата за која самиот смета дека можеби ќе успее да ја промени погубноста. Во другите улоги, секој со својот сјај и прецизна визуализација, беа и: Каталин Виеру (војводата од Олбани), Алекс Калангиу (војводата од Корнвол), Мирчеа Могошеану (кралот на Франција), Ангел Рабабок (Кент), Сореин Леовеану (Глостер), Николае Погирц (Освалд).
Визуелниот момент на претставата е графички темен, каде што и костимите, но и сценското решение на Драгош Бухагиар потсетуваат на темните ходници на кралскиот замок, целосно интегрирани во ентериерните решенија на новите автрократи, се разбира низ сценски асоцијативни елементи главно низ реквизитите, кои значат многу и во дејствието, но и како стилски навеви. Тука совршено се вклопува и музичката илустрација на Василе Ширли, чија ригидност е, се чини, првиот чекор кон аналитиката на ововременската суровост со која се занимава Пуркарете.
Шекспир во овој текст многу зборува и за генеалошката припадност, велејќи на едно место токму преку устата на Лир: „Колку е поостро од змиски заб да имаш неблагодарно дете!“ Синовите и ќерките во ројалистичкиот конгломерат на ликови кај Шекспир се секогаш ренегати, никогаш не ја следат мислата на своите родители владетели и, секако, одвај чекаат тие да си заминат за да го наследат нивниот трон. Лир е, секако, сведување на сметките и проблематизирање на припадноста, која не само кај Пуркарете туку и кај другите режисери коиндицира со осиромашување на кралството. Тоа совршено го констатира Шекспировиот Лир: „И можеби сум уште полош: најлошото не е сè додека можеме да кажеме ’ова е најлошото‘“, но овој Лир на Пуркарете ја отвора својата вертикала на припадноста и го проблематизира својот личен контекст во целиот галиматијас прашувајќи се дали војната произлегува од личните недоразбирања или од излегувањето од генеалошките констелации. Низ тие дилеми поминуваат речиси сите ликови на трагедијата, која гасне и се спепелува во оној момент кога Лир умира. Не останува ништо. Се чини дека тој „нихилизам“, кој го споменува и Кот, но и Бекет, е основа за ирационализмот на новиот светски поредок и новите „демократски“ струења во Европа, кои говорат за реинтегрирање на човековиот социјален корпус, кој се клати пред навевот на непосакуваната, но многу очекувана дистопија.
Рецензија на Сашо Огненовски

































