НЕПОЗНАТ, ПОЗНАТ СВЕТ (10)

Дозволи му да се брани, но донекаде.
Сѐ уште имаше поцрвенето лице, сигурно поради возбудата му станало претопло во канцеларијата. Воздивна длабоко, како пред исповед, и почна:
– Тука луѓето влетуваат прекуноќ во зделки, секакви зделки. Не знам какво е вашето мислење, почитувана инспекторке, вие сигурно многу подобро го знаете тоа, но тука луѓето станаа некако збркани, животот ги забрзал, сите сакаат да се збогатат прекуноќ, ете и брат ми се измени, не беше како оној порано…
– Порано значи подобро се сложувавте?
– Па може така да се каже. Тој е само осумнаесет месеци помлад од мене, јас бев едно одделение пред него, пубертетот и младоста ги поминавме заедно, во исто друштво. Дури кога почнавме по журки, заедно одевме… Потоа, на студии. Тој беше подобар студент од мене, запиша Економски и го заврши редовно, со високи оценки, јас не успеав да го завршам Машинскиот, се фатив со бизниси, потоа се оженив и заминавме за Шведска… Почнав речиси како шегрт во една од работилниците на „Волво“, ама брзо напредував…
Го прекина: – Продолживте да се гледате?
-… Доаѓавме тука за празниците, понекогаш, за Нова Година, Велигден, во почетокот преку лето… Инаку, ви кажав, контактиравме преку мобилен.
– А тој, ве посетуваше во Шведска?
– Не – и веднаш се исправи – Во почетокот, кога сѐ уште не бев среден. Потоа, не доаѓаше. Но се слушавме, телефонски.
– Тогаш зошто се случи тоа во станот?
Братот замолчи, бездруго мислеше како да одговори:
– Кога тогаш се видовме во Скопје… веднаш забележав дека е некако поцрнет и ослабен… дека нешто го мачи… – погледна наоколу како да бара поддршка да продолжи:
– и…
– И?
-… ми побара голема сума пари.

(продолжува)