Давор Јанкулоски, научен соработник во Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“

Промоцијата на дигиталните изданија на Речникот на македонските говори во југоисточниот егејски дел од проф. Коста Пеев претставува настан од особено значење за македонската наука и култура. Со оваа дигитализација не добиваме само нов формат на едно веќе афирмирано научно издание, туку добиваме нов живот на дело што претставува мошне значајно достигнување на македонската дијалектологија и лексикографија. Лексичкото богатство на еден јазичен свет, собирано, обработувано и зачувувано со децении, сега станува подостапно за научниците, студентите и за сите заинтересирани за македонскиот јазик и за неговата историја.
Шесттомниот речник на Коста Пеев претставува најобемната лексикографска обработка на македонските говори од југоисточниот дел. Неговата вредност лежи во фактот што се обработуваат говори што во најголем дел го изгубиле својот природен простор на употреба и развој. Историските околности, присилните преселби и драматичните демографски промени довеле до исчезнување или маргинализирање на средините во кои овие говори природно функционирале и се развивале. Токму затоа словенечката славистка проф. д-р Вера Смоле го определува ова дело како „речник на дијалектите што веќе ги нема“. Во оваа нејзина кратка оценка е содржана суштината на неговото значење. Речникот не е само збир од зборови и нивните значења. Тој претставува реконструкција на еден исчезнат јазичен простор и сведоштво за животот на луѓето што го создавале и го носеле тој јазик низ времето. Во него не е зачувано само лексичкото богатство, туку тој чува и траги од секојдневието, културата, традициите, обичаите и колективната меморија на Македонците од Кукушко, Солунско, Лагадинско, Серско и поширокиот југоисточен егејски регион. Поради тоа, ова дело може да се чита и како научен документ и како културен споменик.
В. Смоле додава дека Речникот, заедно со монографијата „Кукушкиот говор“, претставува величествен споменик на Македонците што по драматичните историски настани од првата половина на XX век биле прогонети од своите родни места и раселени низ Балканот и светот. Овој споменик е изграден од зборови, а токму зборовите најдолго ја чуваат меморијата на еден народ.
Научната вредност на Речникот на македонските говори во југоисточниот егејски дел е препознаена и високо оценета од уште низа истакнати слависти. Академик Зузана Тополињска нагласува дека станува збор за дело без вистински еквивалент во славистичката наука, кое обработува лексички фонд на говори што денес веќе не можат да се проучуваат во нивната природна јазична средина. Токму затоа овој речник претставува непроценлив извор за македонистиката, славистиката, балканистиката, и историската лингвистика, воопшто.

Во овие говори се зачувани голем број архаични јазични елементи што овозможуваат подобро разбирање на историскиот развој на словенските јазици, на нивните меѓусебни врски и на миграциските процеси што го обликувале словенскиот јазичен свет. Богатата лексичка граѓа од речникот претставува незаменлив извор за идните истражувања во областа на историската лексикологија, етимологијата, дијалектологијата и словенската јазична географија. Проф. Тополињска нагласува дека овој материјал ќе има значајно место во идните македонски и словенски етимолошки речници, како и во големите меѓународни проекти од областа на словенската лингвистика.
Значајна е и оценката на проф. д-р Аленка Шивиц-Дулар, која истакнува дека Коста Пеев со своите истражувања се вбројува во врвот на македонската дијалектолошка наука, а со своите лексикографски придонеси и во врвот на словенската дијалектолошка лексикографија. Според неа, Речникот е еден од најзначајните проекти во современата македонска дијалектолошка лексикологија, бидејќи за првпат целосно го претставува лексичкиот корпус на пограничните говори од крајниот југ на јужнословенскиот јазичен простор. Со тоа, делото на Пеев станува не само македонско туку и европско научно наследство.
Од друга страна, проф. д-р Димитар Пандев ја истакнува неговата поширока културна мисија, определувајќи ја научната работа на Пеев како своевидна „заштита и одбрана од заборав“. Имено, кога исчезнува еден говор, не исчезнуваат само зборовите, туку исчезнуваат цели светови на значења, искуства и колективни спомени. Благодарение на истражувачката упорност на Коста Пеев, тие светови денес остануваат достапни за науката и за идните генерации.
Самиот авторски подвиг заслужува посебна почит. Речиси три децении Коста Пеев работел на собирањето, обработката и редакцијата на овој огромен материјал. Илјадници речнички единици, текстови, фразеологизми и јазични податоци биле систематизирани со ретка научна дисциплина, посветеност и истрајност. Тоа е труд што барал не само научна компетентност туку и длабока свест за вредноста на наследството што се зачувува.

Денешната дигитализација претставува природно продолжение на таа мисија. Ако печатените томови се гаранција за научното вреднување и зачувување на делото, дигиталните изданија овозможуваат негова поширока достапност, поголема видливост и полесна употреба во современите истражувања. На тој начин, богатото јазично наследство што го собрал и обработил Коста Пеев станува достапно за новите генерации истражувачи, наставници, студенти и љубители на македонскиот јазик, без просторни и временски ограничувања.
Затоа дигитализацијата на ова капитално дело е повеќе од техничка преобразба на печатениот текст во електронски формат. Таа претставува чин на научна одговорност и културна грижа. Во време кога дигиталните технологии стануваат главен медиум за пристап до знаењето, овозможувањето достапност на едно вакво дело значи обезбедување на неговата долгорочна употреба, заштита и присуство во научниот и културниот простор.
Имено, денес не промовираме само шест дигитални тома. Промовираме едно од најзначајните сведоштва за јазичкото наследство на Македонците од егејскиот простор. Промовираме дело што истовремено е научен извор, историски документ и културен споменик. Промовираме труд што ја поврзува меморијата на минатото со можностите на иднината.
Нека дигиталните изданија на Речникот на македонските говори во југоисточниот егејски дел продолжат да го носат гласот на тие говори, на тие луѓе и на таа култура – како трајно сведоштво за богатството на македонскиот јазик и како инспирација за нови научни истражувања.
Дигиталните изданија на Речникот се слободно достапни на веб-страницата Дигитални ресурси на македонските дијалекти на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ при Македонската академија на науките и уметностите, на следната адреса: https://dijalekti.manu.edu.mk/recnici/.