ДВЕ РЕДАКЦИСКИ АНАЛИЗИ ЗА ИРАН
Со почетокот на церемонијата на погребот на иранскиот ајатолах Али Хамнеи, настан што долго време во Иран е подготвуван да не биде само ритуал на длабока жалост на нацијата и државата туку и порака до светот за обединет Иран и нов историски почеток со нова улога на регионален и глобален план за Иран, редакцијата на „Нова Македонија“ и уредничкиот колегиум за читателите на весникот изготвија две анализи, два текста, за Иран каде што се обработуваат два различни аспекта.
Првиот аспект на анализата е текст што геополитички се занимава со прашањето „Што ќе биде третата епоха на Исламската револуција?“ Вториот аспект, пак, на анализата е текст што се занимава со прашањето „Каков Иран ќе се роди по третата епоха?“ Пакетот од двата текста му нуди на читателот две различни перспективи за поцелосна слика за она што ќе се случи со и во Иран. Едната е насочена кон меѓународните односи, а другата кон внатрешната трансформација на иранската држава и општество.
ТРЕТАТА ЕПОХА НА ИСЛАМСКАТА РЕВОЛУЦИЈА
Погребот на Хамнеи ќе биде ритуал на жалост, но и првиот голем тест на системот што, по смртта на водачот, мора да докаже дека пред него сè уште постои иднина
Во Иран започна церемонија на погреб што ќе биде многу повеќе од државен протокол. Властите ќе го носат телото на ајатолахот Али Хамнеи, убиен на првиот ден од американско-израелските напади врз Иран, низ најважните точки на шиитската и револуционерната географија: Техеран, Ком, Наџаф, Кербала и, на крајот, Машхад, каде што треба да биде погребан во близината на гробницата на имамот Реза.
Самата маршрута зборува речиси сè. Техеран е центарот на државата, Ком центарот на верската власт, Наџаф и Кербала се мостот кон шиитскиот свет надвор од иранските граници, а Машхад е местото на длабоката народна побожност. Погребот е замислен како подвижна карта на Исламската Република Иран, како ритуал преку кој државата сака да се претстави не како ранета, туку како цивилизација под опсада, која и од смртта на својот водач извлекува политичка сила.
Почнува третата епоха на Исламската револуција. По оваа точка, Иран мора да докаже дека пред него сè уште постои иднина. Но – каква?
Од револуција, преку преживување, до нова стратегија
Историјата на Исламската Република Иран може да се подели на три големи периоди.
Првата епоха беше револуционерната. Тоа беше времето на ајатолахот Хамеини, кога новата власт создаваше идеолошка држава, преживуваше војна со Ирак и ја градеше својата револуционерна легитимност.
Втората епоха му припаѓаше на Али Хамнеи. Таа беше период на долгорочно преживување. Под санкции, меѓународна изолација и постојан судир со Западот, Иран создаде паралелна архитектура на влијание: Хезболах во Либан, шиитските милиции во Ирак, сојузот со Сирија, Хутите во Јемен и стратешкото партнерство со Русија и Кина.
Третата епоха, доколку навистина започне со заминувањето на Хамнеи, нема да може да се темели само на револуционерното наследство. Ќе мора да понуди нов одговор на едно суштинско прашање, односно како Иран да остане регионална сила во свет што драматично се менува?
Наследникот нема да биде најголемиот предизвик
Во јавноста вниманието најчесто се насочува кон тоа кој ќе стане нов врховен лидер. Но личноста е само дел од приказната. Вистинското прашање е дали системот ќе остане кохерентен. Во последните две децении, вистинската моќ постепено се пресели кон Исламската револуционерна гарда, безбедносните структури, економските фондации и сложената мрежа на институции што веќе функционираат како колективен центар на одлучување. Тоа значи дека третата епоха би можела да биде помалку теократска, а повеќе безбедносно државна. Идеологијата би останала неопходен извор на легитимитет, но практичната политика сè повеќе би ја диктирале геополитиката и економијата.
Регионот повеќе не е ист
Во меѓувреме драматично се промени и Блискиот Исток. Сирија повеќе не е истата држава како во 2015 година. Либан е во длабока економска криза.
Ирак се обидува да води избалансирана политика меѓу Вашингтон и Техеран.
Земјите од Персискиот Залив постепено отвораат нови канали на комуникација со Иран. Тоа значи дека концептот на „Оската на отпорот“ веројатно ќе мора да се редефинира. Наместо ширење на идеолошкото влијание, Техеран би можел да се насочи кон создавање регионална мрежа на политички, економски и на енергетски интереси.
Големото свртување кон Азија
На глобален план, иднината на Иран речиси сигурно нема да биде врзана за Западот. Последните години покажаа дека Техеран сè повеќе се интегрира во азискиот политички и економски простор. Кина е најголемиот купувач на иранска енергија и најважниот долгорочен инвестициски партнер. Русија, и покрај сите ограничувања, останува безбедносен и воен сојузник. Во исто време, организациите како БРИКС и Шангајската организација за соработка му отвораат простор на Иран да стане дел од новата архитектура на мултиполарниот свет. Токму таму Техеран ја гледа својата иднина.
Дали е можно ново отворање кон САД?
Иако денес изгледа речиси невозможно, историјата покажува дека големите конфликти понекогаш создаваат услови за големи договори. По евентуалната смена на генерациите во иранското раководство, не е невозможно да се појави прагматична струја што би се обидела да ги намали тензиите со Вашингтон. Но такво отворање би било можно само ако САД признаат дека Иран останува неизбежен фактор во безбедносната архитектура на Блискиот Исток. Во спротивно, конфронтацијата ќе продолжи со нов интензитет.
Израел останува трајната равенка
Без оглед кој ќе го води Иран, односите со Израел ќе останат централна точка на стратегијата. Таму не станува збор само за територијален спор туку за две спротивставени визии за идниот поредок на регионот. Едната се потпира на американското присуство и на безбедносната архитектура изградена околу Израел. Другата ја гледа иднината во постепено истиснување на американското влијание и создавање регионален баланс во кој Иран ќе биде една од главните сили.
Најголемата битка ќе се води дома
Сепак, најважниот фронт нема да биде надвор од границите. Ќе биде во самиот Иран. Младото население бара подобар живот, економски развој, поголеми лични слободи и интеграција со светот. Државата, пак, ќе се обидува да го зачува револуционерниот идентитет врз кој почива нејзината легитимност. Токму тука ќе се решава успехот на третата епоха. Ако успее да ги спои национализмот, економскиот развој и геополитичката самостојност, Иран би можел да влезе во нов период на стабилност. Ако не успее, надворешниот притисок ќе се совпадне со внатрешното незадоволство, отворајќи циклус на долготрајна нестабилност.
Повеќе од смена на лидер
Во историјата на државите постојат моменти кога заминувањето на еден човек не претставува крај на една политичка кариера, туку почеток на нов историски циклус. За Исламската Република Иран, евентуалната смрт на Али Хамнеи би била токму таков момент. Третата епоха на Исламската револуција нема да се мери според тоа колку успешно ќе биде организиран и масовен еден погреб или колку длабока ќе биде жалоста. Ќе се мери според тоа дали Иран ќе успее да ја претвори револуцијата во трајна државна стратегија, отпорот во развој, а идеологијата во визија што ќе може да понуди перспектива не само за сопствените граѓани туку и за поширокиот Блиски Исток. Доколку успее, Исламската Република Иран би можела да излезе од најголемата криза во својата современа историја не како поразена сила, туку како држава што ја редефинирала сопствената улога во новиот мултиполарен свет. Во спротивно, третата епоха би можела да остане запаметена не како почеток на нов подем, туку како почеток на долгото исцрпување на револуцијата што во 1979 година го промени Блискиот Исток. Н.М.
Пo револуцијата доаѓа државата
- Дали третата епоха на Исламската Република Иран ќе биде помалку идеолошка, а повеќе национална?
- Револуциите имаат еден заеднички историски закон. На почетокот ги движи идејата. Подоцна ги одржува институцијата. На крајот ги спасува државата. Така било со Француската револуција, така било со Советскиот Сојуз, така било со кинеската револуција на Мао
Секоја револуција, ако сака да трае повеќе од една генерација, мора постепено да престане да биде револуција и да стане држава. Токму на тој праг денес се наоѓа Иран. Доколку смртта на Али Хамнеи навистина означи крај на една историска епоха, тогаш најголемото прашање нема да биде кој ќе седне во неговата фотелја. Многу поважно ќе биде дали Исламската Република Иран ќе ја остави револуцијата зад себе или конечно ќе стане класична регионална сила што сопствениот национален интерес ќе го стави пред идеолошката мисија. Тоа би било најголемата промена од 1979 година.
Генерацијата што не ја памети револуцијата
Кога ајатолахот Хомеини се врати во Техеран, милиони Иранци ја доживуваа револуцијата како лично ослободување. Денес повеќе од половина од населението никогаш не живеело во времето на шахот. За нив Исламската револуција не е лично искуство, туку лекција по историја. Нивните проблеми се многу поприземни, а во нив влегуваат инфлацијата, невработеноста, санкциите, скапите станови, недостигот од перспективи… Тие сакаат држава што ќе функционира, а не само држава што ќе победува во идеолошките битки. Тоа е тивката промена што веќе со години ја менува иранската политика.
Националниот интерес полека ја заменува револуцијата
Интересно е што токму Исламската Република Иран, создадена врз верска идеологија, последните години сè почесто зборува со јазикот на националниот интерес. Во официјалните говори сè почесто се споменува древната персиска цивилизација… Кир Велики… Персиската култура… Историската улога на Иран како цивилизациски центар. И тоа не е случајно.
Власта добро знае дека националниот идентитет може да обедини многу поширок круг луѓе отколку исклучиво револуционерната идеологија. Така, постепено се создава нов политички наратив. Сега помалку важи флоскулата „револуцијата е вечна“, туку цена добива мотото „Иран е вечен“.
Новата оска не е Блискиот Исток, туку Евроазија
Додека Западот со години го набљудува Иран исклучиво низ призмата на нуклеарната програма, во Техеран веќе одамна размислуваат многу пошироко. Денешниот Иран гледа кон север и кон исток. Кон Русија, кон Кина и кон Индија… Кон централна Азија, Кавкаскиот Регион… Тоа е просторот каде што се создава новата геоекономска карта на светот. Во неа Иран повеќе не е периферија. Тој е раскрсница. Персискиот Залив. Касписко Море. Железничките коридори кон Русија. Транспортните врски со Индија. Кинеската иницијатива „Појас и пат“. Сето тоа му дава улога што санкциите не можат целосно да ја избришат. Во свет што станува мултиполарен, географијата повторно станува политика. А географијата отсекогаш била најсилниот адут на Иран.

Санкциите создадоа поинаква економија
Парадоксално, четири децении санкции не го уништија Иран. Но го променија. Државата беше принудена да развие домашна индустрија, сопствени технологии, воена продукција и алтернативни финансиски механизми. Тоа не значи дека санкциите не нанесоа огромна штета. Но создадоа систем што научи да функционира во услови во кои многу други држави одамна би колабирале. Токму затоа многумина во Техеран денес не ја гледаат иднината во враќање кон стариот модел на зависност од Западот. Туку во изградба на паралелен економски свет.
Може ли Иран да стане азиска Турција?
Една од најинтересните можности е Иран постепено да ја преземе улогата што Турција ја имаше во првите две децении од XXI век. Регионална сила. Самостоен дипломатски играч. Држава што разговара и со Москва и со Пекинг, но истовремено преговара и со Европа. Таквата политика би барала многу поголем прагматизам отколку што го познававме досега. Но истовремено би му овозможила на Иран да излезе од улогата на вечен револуционерен противник.
Најголемата опасност е победата на тврдата струја
Сепак, постои и сосема поинакво сценарио. Наместо постепено отворање, системот би можел да стане уште позатворен. Уште помилитаризиран. Уште позависен од безбедносниот апарат. Историјата покажува дека државите што чувствуваат надворешна закана често реагираат со уште поголема централизација на моќта. Тоа би значело продолжување на долготрајната конфронтација со Израел и САД, но и сè поголем јаз меѓу државата и младото население. Во такво сценарио, Иран би останал силен како безбедносна сила, но би станувал сè послаб како општество.
Вистинската револуција допрва може да почне
Парадоксот е што третата епоха на Исламската Република Иран можеби нема да биде продолжение на револуцијата од 1979 година, туку нејзина трансформација. Не преку рушење на системот, туку преку негово тивко приспособување кон светот што се менува. Во тоа се крие најголемата дилема на современиот Иран. Дали ќе остане држава што постојано живее од својата револуционерна историја или ќе стане држава што ќе ја гради својата иднина врз економската моќ, регионалната дипломатија и цивилизациското наследство. Одговорот нема да го даде ниту еден наследник на Хамнеи. Ќе го дадат милионите млади Иранци што не ја паметат револуцијата, но ќе мора да живеат со последиците од неа. Ако тие успеат да го усогласат националниот интерес со државната стабилност и постепената модернизација, третата епоха може да стане период во кој Исламската Република Иран ќе престане да се дефинира преку отпорот и ќе почне да се дефинира преку својата улога како цивилизациска, економска и регионална сила. Тоа би била најдлабоката промена во нејзината историја – револуција што не се случува на улиците, туку во самото сфаќање на државата. Н.М.
































