Од Ѓурѓовден до Митровден
Случајно или не, во пошироката јавност со децении поголемо внимание се обрнува на Илинденското востание отколку на случувањата во Македонија и борбата на Македонците за слобода и човечки правдини со децении, па и векови претходно, но и во децениите по трагичното Илинденско востание. Во овој фељтон, кој е продолжение на претходниот „Од Митровден до Ѓурѓовден“, вниманието е насочено токму кон таквиот вид информации. Во претходните неколку продолженија за првпат по многу време во јавноста ги споменавме хектографските весници и заборавениот весник на Гоце Делчев, кој се објавувал токму пред Илинденското востание. На цела Европа ѝ станало јасно токму во предилинденскиот период дека бурата во Македонија, тогашната „заостаната, политички обесправена и неконтролирано експлоатирана турска провинција“, е неизбежна, а тоа се случило поради „првите терористи на 20 век“ – „гемиџиите“, организаторите и извршителите на страшните Солунски атентати. Ефектот во европската јавност и дипломатските кругови бил толку силен, што подвигот на овие бестрашни македонски младинци веднаш го свртел вниманието на светот. Тие верувале дека нивната саможртва ќе ги принуди големите европски сили да се погрижат за подобрување на положбата на населението во Македонија – обврска што тие ја имале и како морално задолжение по Берлинскиот конгрес.
Анархистичкиот кружок во Солун се појавил во време кога веќе тајната организација успешно ја ширела својата мрежа. Иако според некои автори целите на Организацијата и тие на гемиџиите биле исти – промена на тогашниот систем преку оружена акција, начинот на кој се работело за тие цели бил сосема различен, а средствата за нивно постигнување се разликувале до толку, што „гемиџиите не сакале, дури и избегнувале да одржуваат врска со обесправените маси… дури и не верувале дека слободата на Македонија во тој момент можела да се извојува преку национална револуција, а голем дел од водачите на Организацијата за нив претставувале нешто архаично, назадно и неспособно за големи дела“. Од спомените на последниот преживеан од гемиџиите, Павел Шатев, дознаваме дека „до 1900 немале и не сакале да имаат никакви односи со Централниот комитет, бидејќи патот си го имале одредено и тој бил терористички, без потпирање на широките народни маси“. Според Манџуков, „немале никакви допирни точки и односи со ЦК и не сакале да имаат, и нема зошто да ја прошируваат дејноста и да се јавуваат во услуга на едни или други, кои по тактика и методи се разликувале од нив, колкави и да биле тие големци или членови на Централниот комитет, со кои врвеле по различни патишта и сосема други методи на дејствување…“.
Но дали тоа било баш така? Една од првите, можеби и прва акција за снабдување со пари на гемиџиите била извршена преку Гоце Делчев, кога Кирков и Богданов во родниот Велес биле „грабнати од комити“ со цел да добијат откуп од нивните богати родители, а целата конспирација наводно била поддржана и организирана со дозвола од Гоце Делчев. Според Шатев, Гарванов и неговите ги претставувале гемиџиите како „млади авантуристи опфатени од превратни учења и теории“. По големото апсење во Солун во 1901, Гарванов, Мирчев и Мртинов од Софија се обиделе да се наметнат како Централен комитет, но немале ништо заедничко со стремежите на македонскиот народ за извојување на своја автономна држава, ниту пак способност да раководат со народното движење на Македонците, а секако дека од самиот народ им било покажано дека не можат да го имаат авторитетот што го имале Татарчев, Матов, Хаџи Николов и Тошев. Според гемиџиите, врховистите биле пречка за развојот на општото револуционерно движење. Гарванов ги заплашувал со контратерористички напади што ќе ги уништат, но откако бил предупреден од Орце Поп Јорданов и Гоце Делчев, се обидел да примени други средства и барем да ги оневозможи да ги исполнат своите планирани акции во Солун. Откако Сарафов од Белгија испратил еден тон динамит што во февруари 1903 требало да се пренесе од Деде Агач во Солун, Гарванов со измама ја саботирал акцијата. И покрај тоа, гемиџиите успеале да најдат начин за да се снабдат со одредено количество динамит и за тоа го известиле и Гоце Делчев. Откако во Солун, низ Македонија и во Софија се дознало дека младите анархисти „не седат со врзани раце“, Мечев бил повикан во Софија есента 1902, каде што бил замолен да не преземаат дејствија и акции до април следната година, за кога бил планиран почеток на некакво востание. Гемиџиите се согласиле да чекаат до 1 јануари 1903, но под услов „да ни бројат 250 наполеони за да се издржуваме до тогаш“, како што запишал Павел Шатев, кој посведочил и дека таа помош била побарана и одобрена од Гоце Делчев, а „парите биле од Мис Стоновите“. Според Шатев, „ниту со ЦК, а уште помалку со населението во Солун или во другите делови на Македонија имавме нешто општо и не сакавме да влегуваме во расправии со ЦК, кои немаа право и основа да ни наредуваат, бидејќи ние не бевме нивни членови, туку одделен и независен од никого револуционерен кружок“.
Вистина е дека дел од гемиџиите својот револуционерен пат го почнале во Организацијата преку Гоце Делчев, па во иднина историчарите би имале многу работа доколку започнат да го проучуваат конспиративното дејствување на апостолот на македонската револуционерна борба, кој дејствувал инспириран и од многуте револуции низ светот, па е сосема возможно дека и покрај официјалниот наратив, имал целосна поддршка, а можеби дури и многу поважна улога од општопознатата во големото дело на солунските атентатори. Во овој контекст можеме да споменеме два погледа на овие односи – според Герџиков, во негово присуство во Софија, Делчев го убедувал Мечев да не дејствуваат на своја глава и му предлагал друга „комбинација за акција“. Еден друг нивен современик вели дека „Гоце им бил во опозиција и секогаш гледал да ги зауздува, а сите тие му биле негови најдобри пријатели“. Според Чаков, кога Делчев отишол во Солун да се сретне со Груев, тие заедно имале состанок со гемиџиите. Првите луѓе на Организацијата – Гоце и Даме и другите, не само што не биле против акциите на гемиџиите туку и ги помагале, иако барале од нив да ги усогласат своите акции со тие на Организацијата.
Политичкиот момент што бил употребен од турската влада, која веќе го заменила зборот „разбојници“ со кој биле крстени македонските револуционери со „анархисти“ бидејќи во Европа предизвикувал поголем ефект, бил искористен да им се наложи на дипломатските претставници на големите сили да обрнат внимание врз новиот „анархистички курс“ на револуционерната организација. Секако дека тоа не му одговарало на дел од раководството на Организацијата, но останува фактот дека Гоце Делчев, како противник на прерано востание и идеолог на „постојаното – перманентно востание“ за ослободување на Македонија преку постојан притисок, бил дел од многу атентати и терористички акции, а секако дека ги поддржувал и солунските атентатори…
М-р Никола Ристевски
(продолжува)






























