Во Македонскиот народен театар започнаа пробите за новата претстава „Црно злато“, по текст на култниот македонски драматург Дејан Дуковски, а во режија на еден од најзначајните македонски режисери, Слободан Унковски.
По долгогодишна и исклучително значајна творечка кариера, Унковски повторно се враќа на големата сцена на МНТ. Неговата последна режија на оваа сцена беше претставата „Сите сме птици“, со која оствари уште еден голем успех.
„Црно злато“ носи авторски потпис на Дејан Дуковски, драматург чие творештво со својата специфична естетика, црн хумор, остар јазик и препознатлив авторски сензибилитет остава голем печат во македонскиот и европскиот театар. Во центарот на приказната се едно семејство, неговите премолчени конфликти, трауми, љубови, загуби и обиди за повторно пронаоѓање на сопствениот идентитет. Во улогите настапуваат: Јовица Михајловски, Мими Таневска, Камка Тоциновски, Нела Павловска… Креативниот тим го сочинуваат сценографот Бранко Хојник, костимографот Александар Ношпал, композиторот Златко Ориѓански, асистентката на режисерот Звездана Ангеловска и асистентот на сценографот Мартин Манев. Во претставата учествуваат музичари и хор.
Со „Црно злато“, МНТ повторно ги обединува имињата на Дејан Дуковски и Слободан Унковски: тандем што во македонскиот театар носи препознатлив сценски јазик, силни ликови, провокативни теми и исклучителна драматуршка и режисерска енергија. Премиерата се очекува во декември.































