Скопје се збогуваше со музичката легенда Владо Јаневски

Илјадници луѓе се собраа пред арената „Борис Трајковски“ да му кажат последно збогум на починатиот македонски пејач. Под светлината на стотици запалени свеќи и со песните што ги знае цела Македонија, Скопје му оддаде последна почит на пејачот Владо Јаневски, музичарот што остави длабока трага во македонската поп-музика.
Вечерта беше исполнета со неговите песни, кои публиката ги пееше во еден здив. Владо Јаневски ќе остане глас што ја обележи македонската музика и дел од колективната меморија на неколку генерации.
Роден е во Скопје на 27 ноември 1960 година. Дипломирал англиски јазик и книжевност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Музичката кариера ја започнал уште како тинејџер, како член на групите „Тост сендвич“, „Бон-тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“, а на почетокот на 1990-тите години започнал успешна соло-кариера. Со својот препознатлив баритон, романтичните балади и авторскиот пристап кон музиката и текстовите, брзо стана еден од најомилените македонски пејачи.
Во текот на кариерата издаде шест студиски албуми – „Парче душа“, „Сè најдобро“, „Далеку е небото“, „Има нешто посилно од сè“, „Ваков или таков“ и „Повторно се заљубувам во тебе“. Неговите песни „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Некогаш и негде“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Еден бакнеж“, „Не зори, зоро“, „Срце преку небото“, „Без тебе не ме бива“ и многу други станаа безвременски хитови и неизоставен дел од македонската поп-музика. Јаневски настапуваше на многу домашни и меѓународни фестивали. Добитник е на повеќе награди на „Макфест“ и „Интерфест“, а во 1998 година испиша историја како прв официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Бирмингем, Велика Британија, со композицијата „Не зори, зоро“. Повеќе од три децении беше меѓу најслушаните македонски музички автори. На крајот на 2023 и почетокот на 2024 година одбележа три децении соло-кариера со серија од пет распродадени концерти во Филхармонијата под наслов „Златни години – Најдоброто од Владо Јаневски“. Неговите традиционални летни настапи во Античкиот театар во Охрид (2024 и 2025 година) беа масовно посетени. Јаневски на 7 август требаше да одржи концерт на Античкиот театар во Охрид, кој се рекламираше во почетокот на годината, па потоа се откажа.
Последниот концерт го одржа во спортскиот центар „Борис Траковски“ на 14 февруари, славејќи го Денот на виното и љубовта заедно со српскиот пејач Момчило Бајагиќ-Бајага, а на 26 февруари го доби признанието пејач на годината на „Златна бубамара на популарноста“. Наградата му ја додели хрватската пејачка Весна Писаровиќ, на која ѝ беше гостин на нејзиниот концерт во Скопје што се одржа на 29 март годинава. Последната песна за која сними и спот беше „Принчипеса“, издадена во февруари годинава.

Неговите безвременски хитови и денес се пеат со истиот жар и емоции. Со повеќедецениска кариера, препознатлив глас и искрени стихови, Владо Јаневски изгради музичко наследство што ќе продолжи да живее. Неговите песни освен што беа хитови, станаа и дел од македонската култура, од спомените, љубовите и животите на луѓето, кои вечно ќе останат со нас.
Македонскиот пејач, композитор и текстописец почина на 65-годишна возраст по кратко боледување. По веста за неговата смрт, јавни личности и негови долгогодишни соработници почнаа да се простуваат од него на социјалните мрежи.
Каролина Гочева сподели три заеднички фотографии со Јаневски со песната „Не заборавај да се сетиш на мене“ и напиша: „Владе мој, збогум со мојата најомилена песна од тебе… и никогаш нема да заборавам…“. Калиопи напиша: „Си замина тивко, без поздрав… Ми беше другар, а јас твојата Каља… Многу нешта споделивме во овој живот и во следниот повторно ќе се најдеме… Некогаш и негде…“. Од него се прости и шоуменот и актер Игор Џамбазов, кој напиша: „Збогум, Владо… Понекогаш зборовите не се доволни. А понекогаш се излишни. Слава ти! И ти благодарам за сè што направи…“ Актерката Весна Петрушевска напиша: „Шепни му на малиот горе дека нема веќе полско цвеќе. Ќе фалиш“, алудирајќи на Тоше Проески. Организаторите на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ соопштија дека Јаневски ќе остане запаметен по песните што „ќе останат вечни спомени за љубовта, разделбите и најубавите моменти што ги носиме во себе“. В.Д.