Словачка ја пушти во употреба четвртата и последна енергетска единица на нуклеарната централа „Моховце“
- „Моховце“ не е само реактор – таа е државна стратегија. Пред некој ден, поточно на 29 јуни, Словачка започна со снабдување со гориво на реакторот чија изградба траеше рекордни 39 години. Реакторот е изграден според проект на поранешниот Советски Сојуз, а нуклеарното гориво ќе го снабдува руската компанија ТВЕЛ, дел од државната корпорација „Росатом“. Но зад техничките детали стои една многу поважна приказна – за држава што одлучила да ја стави сопствената енергетска стабилност над сите други краткорочни интереси
Постојат одлуки што ги надживуваат владите, политичките циклуси и дневните идеолошки пресметки. Таква е одлуката една држава да обезбеди сопствено, сигурно и стабилно производство на електрична енергија. Токму затоа пуштањето во употреба на четвртата и последна енергетска единица на нуклеарната централа „Моховце“ претставува многу повеќе од завршување на еден инфраструктурен проект. Тоа е симбол на државничка истрајност и потврда дека енергетската безбедност е темел на националниот суверенитет.
Стариот проект отвора нови хоризонти
Пред некој ден, поточно на 29 јуни, Словачка започна со снабдување со гориво на реакторот чија изградба траеше рекордни 39 години. Реакторот е изграден според проект на поранешниот Советски Сојуз, а нуклеарното гориво ќе го снабдува руската компанија ТВЕЛ, дел од државната корпорација „Росатом“. Но зад техничките детали стои една многу поважна приказна – за држава што одлучила да ја стави сопствената енергетска стабилност над сите други краткорочни интереси.
Енергијата како предуслов за економска моќ
Извршниот директор на „Словенске електрарне“, Бранислав Стричек, недвосмислено ја сумира суштината на проектот кога вели дека новата електроцентрала ќе обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија во секое време и дека тоа претставува значаен чекор напред за Словачка и за целиот регион на Источна Европа. Новиот реактор од типот ВВЕР-440 ќе произведува околу 3,5 терават-часа електрична енергија годишно, со што уделот на нуклеарната енергија во словачкото производство ќе достигне дури 77 проценти.
Тоа не е само енергетска статистика. Тоа значи стабилни цени за индустријата, предвидливост за инвеститорите, сигурност за домаќинствата и конкурентност на националната економија. Земја што произведува доволно електрична енергија не стравува од енергетски уцени, ценовни шокови и неизвесност на меѓународните пазари.
Словачкиот премиер Фицо ја продолжи визијата кога многумина се откажуваа
Историјата на „Моховце“ е истовремено и историја на политичка истрајност. Изградбата на последните два блока започна уште во 1987 година, но беше прекината по распадот на Советскиот Сојуз и остана замрзнат проект речиси две децении. Работите продолжија во 2008 година по иницијатива од тогашниот премиер Роберт Фицо. Воден од политиката на енергетска самостојност и безбедност како предуслов за економски и индустриски развој, тој го убеди тогашниот сопственик на компанијата, италијанската „Енел“, да го продолжи проектот. Токму тука се гледа разликата меѓу дневната политика и долгорочното државништво. Инвестициите во енергетиката ретко носат политички поени прекуноќ, но создаваат генерациски придобивки што ги чувствуваат и идните влади и идните генерации.
Суверенитетот почнува таму каде што завршува енергетската зависност
Современата геополитика покажа дека државите не се ранливи само со оружје, туку и преку енергијата. Оној што нема сопствено производство е принуден да купува туѓа сигурност, а таа секогаш има своја политичка и економска цена. Словачка со „Моховце“ испраќа поинаква порака. Дека енергетската безбедност не е идеолошко прашање, туку прашање на национален интерес. Дека домашното производство на електрична енергија создава простор за економски раст, индустриски развој, долгорочна одржливост и политичка независност. Дека државата што располага со сопствени стабилни извори на енергија има многу поголема слобода во носењето на своите стратешки одлуки.
Во време кога светот повторно зборува за енергетски кризи, прекини на синџирите на снабдување и геополитички неизвесности, словачкиот пример покажува дека најголемата инвестиција не е само во мегавати туку и во националната сигурност. Енергетскиот суверенитет не е политички слоган. Тој е предуслов за стабилна економија, развиена индустрија, одржлива иднина и држава што самостојно ја определува својата судбина. Р.С.

































