Организаторите ја објавија конечната листа на членови на жирито за 83. издание на најстариот филмски фестивал во светот

Организаторите на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција официјално го објавија составот на меѓународното жири што ќе одлучува за добитникот на престижниот „Златен лав“ на 83. издание на фестивалот, кој ќе се одржи од 2 до 12 септември. На чело на жирито ќе биде американската актерка, режисерка и сценаристка Меги Џиленхол, чие именување беше најавено уште во април.
Покрај Џиленхол, во жирито ќе членуваат и туниската режисерка Каутер Бен Ханиа, британскиот композитор Даниел Блумберг, филмскиот теоретичар Франческо Касети, францускиот режисер Хавиер Џиамоли, авганистанската авторка Шахрбану Садат и хонгконшкиот режисер Џони То. Изборот на членовите е направен по предлог на уметничкиот директор на фестивалот Алберто Барбера.
Жирито ќе ги додели најважните фестивалски признанија, меѓу кои „Златниот лав“ за најдобар филм, „Сребрениот лав“ за режија, наградите „Копа Волпи“ за најдобра актерка и актер, како и Специјалната награда на жирито.
Со изборот на Џиленхол за претседателка, фестивалот уште еднаш ја потврдува својата ориентација кон автори со силен и препознатлив уметнички глас. Нејзиното режисерско деби „Д лост дотер“ токму во Венеција ја освои наградата за најдобро сценарио, а денес таа се враќа на Лидо како една од највлијателните фигури на современото авторско кино.