Владата сè уште нема донесено конечна одлука за евентуални пензиски реформи, а пред какви било промени ќе се почекаат анализите и препораките од ММФ и Светска банка, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, пренесе МИА.
Таа нагласи дека за 2026 година во Буџетот се обезбедени 19,6 милијарди денари за трансфер во Вториот пензиски столб и дека овие средства ќе бидат исплатени согласно планираното.
Според министерката, ММФ и Светска банка ќе изработат сеопфатна анализа на пензискиот систем, по што ќе дадат препораки, но тоа не значи дека Владата автоматски ќе ги прифати.
-Веројатно една од препораките ќе биде зголемување на старосната граница за пензионирање, но дали Владата ќе го прифати тоа останува да се види по завршувањето на анализите – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека, според проценките на ММФ, најголемиот долгорочен ризик за пензискиот систем е негативната демографска состојба, која може сериозно да влијае врз неговата одржливост доколку не се подобрат трендовите.
Димитриеска-Кочоска изнесе и личен став дека не поддржува задолжително зголемување на старосната граница за пензионирање.
-Сметам дека треба да останат сегашните услови, а на граѓаните да им се овозможи сами да одлучат дали ќе продолжат да работат по исполнување на условите за пензија – истакна министерката.

































