Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека ќе бидат поднесени кривични пријави против лицата инволвирани во случајот со врсничко насилство, како и против нивните родители, пренесе МИА.
Тој информира дека МВР ги презело сите дејствија во своја надлежност – разговарало со жртвата и нејзиниот родител, ги повикало сите учесници и сведоци на настанот, како и лицата што го снимале инцидентот, во присуство на нивните родители. За случајот бил известен јавен обвинител, а жртвата била прегледана од надлежен лекар.
-Во консултација со јавен обвинител, за дел од лицата кои учествувале во настанот ќе бидат поднесени кривични пријави за насилство, како и за малтретирање и запуштање малолетно лице, а ќе бидат опфатени и родители таму каде што се исполнети законските услови – изјави Тошковски.
Тој нагласи дека МВР ќе ја заврши својата работа, но дека понатамошната постапка е во надлежност на Јавното обвинителство и Судот, кои, како што рече, треба да испратат јасна порака дека ваквото насилство нема да остане неказнето.
Според Тошковски, врсничкото насилство бара координиран одговор од сите институции. Тој потсети дека неодамна била одржана трибина со претставници на МВР, Министерството за образование, Министерството за демографија и млади и невладиниот сектор, на која бил утврден план за превентивно дејствување.
На прашање дали се потребни законски измени за поголема одговорност на родителите, министерот рече дека сите предлози што ќе придонесат за поефикасен институционален одговор ќе бидат предмет на анализа.
Осврнувајќи се на можноста за враќање на т.н. „маалски полицајци“, Тошковски истакна дека МВР работи на поголемо присуство на полицијата на терен и на проширување на системот за видеонадзор, но посочи дека без оглед на ограничените човечки ресурси, институциите ќе продолжат со мерки за подобра заштита на децата.
Тој говореше при отворањето на новите простории за разговор со деца во судир со законот во СВР Струмица, проект реализиран со поддршка на Организација за безбедност и соработка во Европа и Амбасадата на Шведска, нагласувајќи дека покрај новите простории, клучен сегмент ќе биде обуката на полициските службеници за професионален пристап и подобра заштита на малолетните жртви.




































