Од денеска на Меѓународниот аеродром „Скопје“ се пуштени во употреба нови безбедносни системи кои овозможуваат побрза и поефикасна контрола на патниците. Благодарение на новата технологија, патниците повеќе нема да мора да ги вадат лаптопите, таблетите, мобилните телефони и течностите од рачниот багаж при безбедносната проверка.
Во модернизацијата на безбедносниот систем се инвестирани околу еден милион евра. Инсталирани се два уреди со компјутерска томографија (CT) за проверка на рачниот багаж и две автоматизирани ленти за враќање на корпите, произведени од британската компанија Smiths Detection.
Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, изјави дека новата опрема ќе ја забрза безбедносната контрола, ќе го намали времето на чекање и ќе ја подобри удобноста за патниците. Тој нагласи дека новата технологија овозможува обработка на двојно повеќе патници на час по безбедносна линија, што е особено важно во периодите со зголемен број патувања.
Заменичката министерка за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, оцени дека инвестицијата ќе придонесе за повисоко ниво на безбедност и поголема ефикасност на аеродромските услуги. Таа потсети дека преку соработката со „ТАВ Македонија“ досега се реализирани инвестиции вредни околу 50 милиони евра, а во тек е и модернизацијата на аеродромот во Охрид.
Според Курт, со воведувањето на оваа технологија, скопскиот аеродром се приклучува на европските аеродроми како Франкфурт, Хитроу и Цирих, каде ваквите системи веќе се стандард, а истата опрема се користи и на голем број аеродроми во САД, Израел и Индија.
Тој посочи дека ова е дел од поширок инвестициски циклус во безбедноста, откако минатата година беа реализирани проекти вредни речиси 1,93 милиони евра за нов систем за видеонадзор и современ систем за обука и сертификација на безбедносниот персонал.
Според официјалните податоци, во периодот од јануари до мај годинава двата македонски аеродроми опслужиле 1.580.932 патници, што претставува раст од 31,2 проценти во споредба со истиот период лани. Во истиот период биле реализирани 10.595 летови, односно 9,5 проценти повеќе од минатата година.


































