Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва по седницата на Извршниот комитет на партијата го соопшти предлог составот на неговиот нов кабинет. Мицкоски информираше и за ресорите договорени со коалициските партнери „Вреди“ и ЗНАМ. Предлогот за нов реконструиран состав на Владата се очекува до петок да биде испратен до Собранието, а најдоцна до средината на јули да биде избран новиот владин состав.

– Пред да прејдам на решенијата, сакам да соопштам дека оваа реконструкција на Владата означува почеток на нова фаза по изминати две години, од работата на оваа Влада, исполнети со сериозни предизвици, поставување темели, стабилизација на состојбите и реализација на крупни проекти. Сега следува период, во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните. Нова енергија за ново забрзување – рече премиерот Мицкоски.

Секој функционер, потенцира тој, мора да биде достапен, одговорен и целосно посветен на работата. – Тоа останува принцип од кој нема отстапување. Граѓаните очекуваат темпо, дисциплина и резултати, а токму тоа ќе биде обврска на секој член на Владата – рече премиерот.

Мицкоски соопшти дека нов министер за здравство ќе биде Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување, а на негово место ќе дојде Златко Перински, кој сега е на функцијата министер за локална самоуправа. Предлог за нов министер за социјална политика, демографија и млади е Ѓоко Велковски, досегашен заемник-министер во истото министерство. Ова се два нови ресори со кои во иднина ќе раководат кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Нов министер за локална самоуправа ќе биде Иван Стоиљковиќ. Министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, ќе биде Ерџан Демир, дипломиран економист кој до сега е претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во општина Шуто Оризари. Нема да има вицепремиер за добро владеење и тој ресор ќе биде под ингеренции на Кабинетот на премиерот.

– Досегашниот ресор за добро владеење, односно потпретседател во Владата за добро владеење, се укинува и тој ресор за добро владеење ќе биде директно под ингеренции на кабинетот на премиерот. Ние веќе имаме секретар, којшто ја следи работата на Владата и реализацијата на програмата, сега ќе имаме и секретар од кабинетот којшто ќе биде задолжен за добро владеење – информираше премиерот Мицкоски.

Владиното мнозинство ќе се зголеми за еден пратеник од Демократската партија на Турците, која ќе стане дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за што е постигната согласност. Партијата ќе добие министер без портфолио.

– Пред почетокот на состанокот на ИК, заедно со политичката партија Демократска партија на Турците, постигнавме согласност за нејзино учество во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и понатаму нејзино учество во Владата со еден претставник, министер без портфолио. Така што Владата го задржува истиот број на ресори, со тоа што ќе имаме двајца потпретседатели на Владата помалку, споредено со изминатиот двогодишен период – рече Мицкоски.

Посочи дека прво ќе има осум промени во владиниот состав, а потоа ќе се оди со уште едно за кое министер треба да предложи ДПТ.

Од ВМРО-ДПМНЕ во Владата остануваат министерката за образование и наука Весна Јаневска, Панче Тошковски за внатрешни работи, Владо Мисајловски за одбрана, Борко Ристовски за спорт, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и министер за дигитална трансформација останува Стефан Андоновски.

„Вреди“ ги презема министерствата за правда, за култура и туризам, и за односи меѓу заедниците, а и остануваат и секторите животна средина, европски прашања и економија и труд.

ЗНАМ попладнево објави дека тие го преземаат министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и дека нивен предлог за министер е досегашниот државен секретар во Министерството Борче Серафимовски. Горан Минчев останува да го раководи Министерството за јавна администрација.

Премиерот и претседател на Владата Мицкоски по седницата на Извршниот комитет информираше и за партиски решенија.

– ОК Кичево добива нов претседател во името на Дејан Пандилевски. Досегашниот претседател на ОК, Лазе Јакимоски, работеше посветено, направи исклучително голема работа, но како заменик министер во Министерството за јавна администрација, останува посветен на своите професионални обврски во рамките на самото министерство – рече тој.

ОК Битола добива нов претседател – Горан Исков, кој во моментов ја извршува функцијата директор на АД ЕСМ Молика.

Претседател на ОК Прилеп е младиот Христијан Тунески, додека пак, досегашниот претседател на ОК Прилеп, и актуелен градоначалник на Општина Прилеп, Дејан Проданоски ќе биде предложен за нов член на ИК на партијата.

– Со ова, практично ја затвораме целокупната структура на општински комитети – рече Мицкоски.

Тој информираше дека за нов претседател на Унијата на млади сили е избран Тодор Конески, а за нова претседателка на Унијата на жени е избрана Марија Митева, досегашен портпарол на Владата.

– Сите овие смени и во рамките на партијата и во рамките на Владата, имаат за цел да внесат нова енергија, да додадат вредност во квалитетот на работење и на Владата и на партијата. Новата енергија е нов импулс за уште повеќе работа, новата енергија е ново забрзување, забрзување на реформите, забрзување на економијата, забрзување на капиталните инвестиции и забрзување на промените што граѓаните ги очекуваат и заслужуваат – рече Мицкоски.