Читаме лектира за вас: „Стапка по стапка од Дојран до Попова Шапка“ од Васил Мукаетов

  • Со две пeснички од книгата „Стапка по стапка од Дојран до Попова Шапка“ ќе ви помогнеме и ќе ве заинтересираме целосно да ја прочитате. Кога ќе се прочита книга докрај, задоволството е еднакво како и кога ќе се изеде сладоледот до дното на корнетот и кога ќе се исплива до посакуваната страна на базенот, само што со изедениот сладолед се станува сит, со испливаната дестинација посилен, а со прочитаната книга се станува поразборит

Викендов еден од најактуелните македонски писатели за деца, Васил Мукаетов, го прослави својот 84. роденден. Ние од срце му го честитаме роденденот и му посакуваме добро здравје и долг и креативно исполнет живот. Тој е роден на 27 јуни 1943 година во Кавадарци. За да им биде поблиску на своите внуци, одамна се преселил во Скопје, а тие пак му возвраќале со инспирација. Иако внуците пораснаа, нивното детство го чува писателот Мукаетов преку своите книги со кои често нѐ изненадува и ги радува децата што растат сега.

„Ти реков ми рече“, „Поглед со двоглед“, „Што е, што не е“, „Ај погоди“, „Да нацртаме другар“, „Скокни-прескокни“, „Од згода до згода, заграб бистра вода“, „Има ли страна петта“ се само дел од насловите на многубројните дела на современиот македонски писател за деца Васил Мукаетов. Тој навистина го заслужува епитетот современ, бидејќи, иако пред неколку дена наполни 84 години, неговите песни прозвучуваат со духот на современото дете, кое расте во урбаната средина, крај таблетите, телефоните и компјутерите. Мукаетов се соживува со неговите потреби, интереси и проблеми, секогаш забележувајќи понекоја поука често кажана низ шега.
И токму затоа тој е омилен автор кај децата, сакан гостин на средбите со деца, во училиштата, во библиотеките и на фестивалите.
Со својата најверната публика, Мукаетов другарува уште од шеесеттите години на минатиот век објавувајќи свое творештво во списанијата „Титов пионер“, „Другарче“, „Развигор“, „Колибри“, „Ѕвезди“, „Детски клик“…
Нас особено нѐ прави среќни фактот што Васил Мукаетов е соработник на „Колибри“ уште од првиот број објавен во 1958 година, па до денес. Како ученик, неговата песна „Штрк“ му била објавена на страниците на „Колибри“. Сочуваниот примерок Мукаетов гордо го покажа пред публиката по повод одбележувањето 68 години од постоењето на овој додаток за деца, кое се одржа во мај годинава. По тој повод, редакцијата на „Нова Македонија“ му врачи благодарница на Мукаетов за верната соработка и долгогодишниот заеднички растеж.

За книгата „Скокни-прескокни“ е добитник на наградата за најдобра книга за деца „Ванчо Николески“ на традиционалниот конкурс на Друштвото на писателите на Македонија. Важно е да споменеме дека Мукаетов има голем придонес во зачувувањето и реактуализацијата на творештвото на македонскиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков. По повод стогодишнината од раѓањето на Цепенков, издавачот „Арс Ламина“ објави неколку книги на Мукаетов како „Мариовски сказни – Пејови приказни“, „Ај погоди!“, „Што е, а што не е?“ и „Од згода до згода, заграб бистра вода“. За оваа едиција, издавачот е носител на првата награда за општествена одговорност од страна на Македонската асоцијација на издавачите. Истата едиција е второнаградена на Саемот на книгата во Скопје.

– Драго ми е што голем дел од моето творештво посветив на доближување на творештвото на мојот книжевен идол, Марко Цепенков, со новите генерации. Исто така ми е задоволство што пишувам за нив, најважните читатели, децата. Се инспирирам од секојдневната дружба со тие умни глави. Внимателно ги слушам децата што кажуваат, нивните мудрости, досетки и бисери, прераснуваат во најинтересни стихови. Многу е важно да ги слушаме децата што кажуваат, така ќе ги разбереме полесно. Во сите мои песни навивам за сите деца. Детето додека е мало е безгрешно, дури и кога ќе направи беља. Детето треба да се сака повеќе со срце, отколку со рака. Вистината е многу блиска до децата да им попуштаме, но да ги советуваме – вели Мукаетов.
Во новиот список на Бирото за развој на образованието, книгата „Од згода до згода, заграб бистра вода“ е изборна лектира за четврто одделение, а новата „Стапка по стапка од Дојран до Попова Шапка“ е изборна лектира за петто одделение.
Професорката Весна Мојсова Чепишевска во освртот кон книгата вели дека читателот може да ја доживее и како исклучителна колекција на дописни картички или разгледници.

– Затоа, драги деца, земете ја стихозбиркава, како најдоброто превозно средство, и тргнете на пат низ Македонија. Книгата може да има повеќе начини на читање. Може реално да се патува низ голем број предели и потоа да се бара соодветна песна или неколкуте песни што ќе ве пренесат, кои поетски ќе ве одведат на тие места. Но може и првин да прочитате некоја песна и потоа да посакате да го посетите тоа место, тој предел, или манастир, или спомен-куќа, со своите мама и тато, но и со своите наставници, но најмногу со своите другарчиња – вели проф. д-р Мојсова Чепишевска.
Со две пeснички од книгата „Стапка по стапка од Дојран до Попова Шапка“ ние ќе ви помогнеме и ќе ве заинтересираме целосно да ја прочитате. Кога ќе се прочита книга докрај, задоволството е еднакво како и кога ќе се изеде сладоледот до дното на корнетот и кога ќе се исплива до посакуваната страна на базенот, само што со изедениот сладолед се станува сит, со испливаната дестинација посилен, а со прочитаната книга се станува попаметен.

Ф.Д.


Татковината
сме сите ние

Татковината сме сите ние,
што заеднички учиме,
работиме, чекориме.

Едно срце што бие.
За секого – добрина да сториме.

Татковината се сака
и со подадена чаша
студена вода со слатко.
Со топлиот леб
од тврдите раце на татко.

Татковината е
постела мека
и утрински бакнеж од мама.
Татковината е
и домашна задача
и сѐ што научив сама.
Татковината е
и автобусот „двојка“
што полн доаѓа и полн се враќа.
И мустаклијата што катаден вози
што мавта и поздрав праќа!

Татковината е радост до небо
петки кога добиваме.
И кога сме сите ко еден
заедно кога навиваме.

Татковината е вековина.
Татковината е траење.

Татковината се чува,
со разум и со знаење!

Со оваа песна,
во камп во Преспа

Нашиве соседни две езера бели.
Галичица ги дели.
По секој подгонет облак,
еднаш на едната,
вторпат на другата страна се сели.

И еве:
– Под планината,
осончени и Преспа и Ресен,
Езерото и рамнината…

Ќе пропирка езерското ветре
и сонцето ќе се врати.
Жолти зраци ќе прати,
крај сенки, крај плажи
во Отешево и во Асамати!

Деца од сите страни!
А ние и летово и лани
летувавме во Крани.

Од книгата „Стапка по стапка
од Дојран до Попова Шапка“,
(„Панили“, 2025)