Пријатели на децата: Далибор Крстевски, наставник по ликовно образование од Куманово
- Секој ученик е посебен и единствен, со свои интереси, способности и начин на изразување. Затоа настојувам наставата по ликовно образование да биде динамична, креативна и исполнета со позитивна атмосфера, во која учениците ќе се чувствуваат слободно да експериментираат и да ја искажат својата индивидуалност, вели наставникот Далибор
Секоја седмица носи нови предизвици за нас во однос на тоа какви содржини да избереме за да ви бидеме интересни и инспиративни. На социјалните мрежи веќе подолго време ја следиме работата на наставникот Далибор Крстевски од ООУ,,Толи Зордумис” од Куманово. Многубројните активности што ги реализира со своите ученици беа поттик да поразговараме со него.
Во уметноста не посто и погрешен одговор
Иако само две години е наставник по ликовно образование во училиштето, тој со голема љубов, посветеност и ентузијазам успева да ги мотивира своите ученици ликовно да се изразуваат, да творат и да учествуваат на разни конкурси. Па така, под негово менторство, малите ликовни таленти се добитници на грст први места, благодарници и дипломи. Овие успеси претставуваат потврда за нивниот талент и труд, но и поттик за наставникот Крстевски да продолжи да вложува во развојот на детската креативност.
– Работата со децата претставува неисцрпен извор на инспирација и мотив за постојано усовршување. Секој ученик е посебен и единствен, со свои интереси, способности и начин на изразување. Затоа настојувам наставата по ликовно образование да биде динамична, креативна и исполнета со позитивна атмосфера, во која учениците ќе се чувствуваат слободно да експериментираат и да ја искажат својата индивидуалност – вели наставникот Далибор.
Во текот на наставата тој ги запознава учениците со различни ликовни техники и материјали: цртање со молив, јаглен и туш, сликање со водени, темпера и акрилни бои, графички техники, колаж, мозаик, моделирање со глина и други современи и традиционални начини на ликовно изразување. Посебно внимание му посветува на развивањето на чувството за естетика, набљудување, креативно размислување и самодоверба.
– Талентираните ученици ги поттикнувам преку дополнителна работа, индивидуални насоки и вклучување во различни ликовни конкурси, работилници и изложби. Им помагам да ги надградуваат своите способности, да стекнуваат нови искуства и да веруваат во сопствените можности. Истовремено, големо внимание им посветувам и на учениците што се помалку сигурни во своите способности, мотивирајќи ги да учествуваат, да истражуваат и да сфатат дека во уметноста не постои погрешен одговор, туку искрен личен израз – посочува Крстевски.
Преку креативност до самодоверба
Во текот на неговата работа се реализирани голем број активности со учениците: училишни и општински ликовни работилници, одбележување значајни датуми и празници преку уметнички проекти, хуманитарни акции, уредување на училишниот простор и учество на различни ликовни конкурси на локално, државно и меѓународно ниво.
– Особено сум горд на успесите на учениците што со своите творби освоиле голем број награди, признанија и пофалници. Секоја награда претставува потврда за нивниот труд, талент и посветеност, но и дополнителен поттик за понатамошен развој. Сепак, најголем успех за мене е кога кај учениците ќе ги разбудиме љубопитноста, љубовта кон уметноста и желбата за создавање – вели наставникот Далибор.
Покрај работата со учениците, Крстевски активно учествува во ликовни активности, изложби и конкурси, на кои е добитник на повеќе награди и признанија. Тој смета дека личниот професионален развој на наставникот е важен пример за учениците и дополнителна мотивација за нивно напредување.
– Верувам дека ликовното образование има важна улога во формирањето комплетна личност. Преку уметноста децата учат да размислуваат креативно, да ги почитуваат различностите, да соработуваат и да ги изразуваат своите чувства и идеи на позитивен начин – вели тој.
Крстевски како ликовен педагог тежнее да создаде средина во која секое дете ќе има можност да се развива, да биде охрабрено и вреднувано без разлика на неговото почетно ниво на способности.
– Настојувам да бидам поддршка и инспирација за учениците, помагајќи им да изградат самодоверба и да ги препознаат сопствените квалитети. Со љубов, трпение и посветеност продолжувам да ја негувам детската креативност, верувајќи дека токму преку уметноста се создаваат посреќни, почувствителни и поуспешни генерации – подвлекува нaставникот Далибор Крстевски.


































