Во двата јунски уписни рока за учебната 2026/2027 година во средните училишта низ државата се запишале вкупно 15.705 ученици, соопшти Министерството за образование и наука (МОН), пренесе МИА.
Од нив, 11.171 ученик ќе следи настава на македонски јазик, 4.241 на албански, 279 на турски, а 14 ученици на српски наставен јазик.
Според видот на образованието, 4.653 ученици се запишале во гимназиско образование, 10.823 во стручно образование, а 229 ученици во Спортската академија. Процесот на селекција за упис во уметничките училишта сè уште е во тек.
Вториот уписен рок беше реализиран на 23 јуни, додека доставувањето на документацијата до училиштата се одвиваше на 24 јуни. Во овој рок се пријавиле 2.927 ученици, од кои 1.457 за настава на македонски јазик, 1.369 на албански и 101 на турски јазик.
Во првиот уписен рок, кој се спроведе со електронско пријавување од 12 до 15 јуни, аплицирале 15.075 ученици, а по завршената селекција, особено за уметничките училишта, биле запишани 13.423 ученици.
Од нив, 9.839 се запишале на настава на македонски јазик, 3.357 на албански, 213 на турски и 14 ученици на српски јазик.


































