„Струшки вечери на пoезијата“

Со „Поетско кафе“ и „Поетски портрет“ на добитничката на „Златен венец“, поетесата Анеке Брасинга од Холандија, продолжи 65-то издание на „Струшките вечери на поезијата“.
Поетското претставување на Брасинга традиционално се одржа во црквата „Света Софија“ во Охрид. Се одржаа и поетските читања „Современа македонска поезија 2“ и меѓународното поетско читање „Созвучја“, на кои настапија домашни и странски поети, продолжувајќи ја мисијата на фестивалот да биде место на различни поетски стилови и култури.
Николина Андова Шопова со збирката „Во куќата“ е добитничка на „Браќа Миладиновци“ за 2026 година за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија на „Струшките вечери на поезијата“.
Одлуката ја донесе комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година во состав: Наташа Аврамовска, претседателка, и членовите Весна Ацевска, Весна Мојсова-Чепишевска, Владимир Илиевски и Виолета Танчева-Златева.
– Станува збор за мала поетска книшка компонирана во два поетски циклуса и своевидна епилошка песна. Компонирана е едноставно, но влезот во неа е небаре загатка што мигновено залисува со магијата на сублимниот поетски израз, кој открива ни помалку ни повеќе одошто е потребно со инстант-ефект да го поведе читателот/читателката на крилјата на вообразбата кон само насетени простори (во сеќавањето ли, во длабините ли на внатрешното битие или можеби во сонот што му се откинал на детското раче во потезите врз лист хартија?) – стои во образложението на жири-комисијата.
Добитничката Николина Андова Шопова се заблагодари за укажаната чест и доверба.
– Сакам да им се заблагодарам на сите оние поети пред мене, оние што ја носеле поезијата како тивок товар и како радост. Некои од нив се добитници на оваа награда и беа и останаа мои први и трајни поетски училишта. Но тука сакам да ги спомнам и оние поети што, ете, во текот на животот не добиле место во големите литературни признанија, но добиле место во нашите внатрешни простори, со по еден стих барем, кој променил нешто во нас, во нашата насока на мисла и на дејствување. Дел од овие песни настанаа во периоди на осаменост и на тишина. И сакам да верувам дека преку овие стихови заеднички ќе ја споделиме таа тишина – изјави Андова Шопова.
Поетската книга „Патешествие низ времиња“ од Ибраим Џемаил–Скарабеус е добитник на наградата „Стојан Христов“ за 2026 година, која ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ и Агенцијата за иселеништво. Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав Иван Шопов – претседател, и Славе Ѓорѓо Димоски и Никола Ѓелинчески – членови, по разгледување на пристигнатите седум поетски збирки од македонски иселеници.

„’Патешествие низ времиња‘ е збирка што се движи меѓу личното искуство, сеќавањето и чувството на припадност. Во неа се препознава авторската потреба да се зачуваат миговите, местата и луѓето што оставиле трага во животот на поетот. Особено е впечатлива постојаната врска со Македонија, која се јавува не само како географски простор туку и како духовна точка на враќање. Песните се градени врз богата сликовитост и симболички претстави, а мотивите на патувањата и корените се провлекуваат низ целата книга. Како целина, ’Патешествие низ времиња‘ нуди искрен и личен поетски запис за човекот меѓу спомените, патувањата и потрагата по дом“, стои во образложението на жири-комисијата.
Со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата „Т`га за југ“, во средата во Домот на поезијата во Струга почна 65-то издание на најпрестижната поетска манифестација во светот, „Струшките вечери на поезијата“. Струга повторно е дом на поети од сите поетски меридијани, испраќајќи порака дека поезијата и денес има моќ да обединува, да инспирира и да го брани човечкото достоинство.
На јубилејните 65-ти „Струшки вечери на поезијата“, кои годинава се одржуваат под мотото „Каде што живее поезијата“, учествуваат околу 70 поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и од странство. Покрај добитничката на „Златен венец“ за 2026 година, Анеке Брасинга од Холандија, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, и Даниел Хајндс од Обединетото Кралство, учествуваат и еминентни поети од Македонија, Грција, Турција, Мексико, Шпанија, Кина, Италија, Монголија… С.Ј.