Во согласност со планираната динамика, Моника Ставревска, студентка на режија на Факултетот за драмски уметности, во Драмскиот театар ја почна првата проба на дипломската претстава „Алиса се враќа дома“, која ќе се работи по текст на авторката Ивана Смилевска.
Претставата е шеста продукцијата на Драмскиот театар што се реализира во согласност со Годишната програма за работа на театарот, а премиерата се планира за првата половина на октомври.
– Инспирирана од генијалноста и безвременското дело на Луис Карол, претставата ја деконструира препознатливата митологија на култниот роман и ја преобликува во современа постмодерна бајка со сосема нов авторски контекст. Во едно дистописко кралство наречено Срцелија, над кое демне Црвената месечина, живеат Алиса, Црвената Кралица, Белиот Зајак, Лудиот Шапкар, Чешит Мачорот, Гасеницата, Цвеќињата, Белата Кралица и Твитл Ди и Твитл Дам. Нивното секојдневие, иако сместено во фантастичен свет, многу наликува на реалноста што добро ја препознаваме – вели режисерката Моника Ставревска.
Ликовите во претставата му се доверени на актерскиот тим: Алиса – Соња Стамболџиоска, Црвената кралица – Билјана Драгиќевиќ–Пројковска, Белиот зајак – Александар Степанулески, Чешит мачор – Златко Митрески, Дина – Ања Митиќ, Лудиот шапкар – Лазар Христов, Гасеница – Филип Трајковиќ, Белата кралица – Трајанка Илиева-Вељиќ, Цвеќе 1, Цвета – Ангела Пејкоска (к.г.), цвеќе 2, Ружа – Нина Елзесер, Цвеќе 3, Невена – Ирена Димеска (к.г.) и Твитл Ди и Твитл Дам – Томислав Давидовски и Марјан Наумов.

































