Од Ѓурѓовден до Митровден
Во историјата на македонското националноослободително движење, хектографскиот печат не претставува само обична техничка алатка за информирање туку вистинско револуционерно оружје, рамо до рамо со пушката и куршумот. Во услови на строга отоманска цензура, апатија и постојан прогон од туѓите пропаганди, раните македонски револуционери мораа да пронајдат брз, евтин и лесно пренослив начин за масовно ширење на ослободителните идеи. Одговорот на овој предизвик се изразил преку хектографски копии – умножување текстови со помош на желатинска маса и специјално мастило. Овој специфичен вид печат ја означува зората на организираната медиумска дејност на Македонската револуционерна организација. Иако хектографските изданија се ваделе во скромни тиражи од триесетина до сто примероци и биле изработувани преку ноќни илегални дежурства, нивното значење на теренот било огромно. Тие биле првиот знак за народот дека Организацијата е жива, организирана и дека поседува сопствена политичка мисла. Врвот на оваа илегална медиумска стратегија се случува во судбоносната 1903 година. Соочен со одлуката за предвремено востание, голема е веројатноста дека Гоце Делчев тргнал во обид за промена на текот на настаните. Како главен инструмент за кохезија и идеолошка борба на теренот, тој го активира легендарниот хектографски весник „Слобода или смрт“. Текстовите од овој весник јасно ја отсликуваат суштината на хектографскиот печат. Тој не трпи компромиси и дипломатски фрази; неговиот јазик е директен, остар и револуционерен. Хектографскиот печат бил совршен одраз на филозофијата за самоослободување. Тој ја пренесувал спасителната вистина дека Македонија треба да се надева „на себеси и само на себеси“, отфрлајќи ги лажните ветувања за реформи и соништата за надворешна помош. Стуткани во пазувите на селските курири, пренесувани низ тајни патеки и планински беспаќа, овие хектографирани листови хартија напечатени со толку прогресивни мисли за тоа време, што цела Европа погледнала кон Македонија и Македонците, докажаа дека заедницата не се обединува само со воена сила туку пред сè со заедничка идеологија, верба и моќта на автентичниот македонски пишан збор.
Проучувањето на дејноста на Гоце Делчев во областа на печатот открива една помалку позната, но круцијална димензија на неговиот револуционерен гениј. Делчев не бил само воен стратег и организатор на четите на теренот; тој бил длабок визионер што ја разбирал моќта на јавниот збор во процесот на национално созревање. Еден од најдраматичните моменти во историјата на МРО се случува на почетокот на 1903 година, кога на Солунскиот конгрес била донесена одлуката за кревање општо востание во текот на истата година. Гоце Делчев, свесен дека народот и Организацијата сè уште не се доволно подготвени за фронтална војна со огромната отоманска армија, итно заминал од Софија за внатрешноста на Македонија.
Неговата цел била да го модифицира текот на претстојните настани, да издејствува одложување на востанието или негово трансформирање во перманентна партизанска тактика со цел да се зачуваат човечките и материјалните ресурси. Како клучно пропагандно и идеолошко средство за ширење на своите погледи меѓу раководителите и востаниците на теренот, покрај непосредното усно убедување, Гоце Делчев активира нов хектографски весник под симболичното име „Слобода или смрт“. Уредувањето му го доверува на еден од најдобрите другари, големиот поет и соборец Пеју Јаворов, кој во тој период патувал заедно со четата на Делчев. Гоце заминал од Софија длабоко разочаран и навреден од недоразбирањата со задграничните претставници, но со цврста надеж дека ќе успее да влијае врз Централниот комитет, па во тој правец тој дејствувал усно меѓу интелигенцијата, но и писмено преку весникот „Слобода или смрт“. Во биографијата за Гоце Делчев, самиот Пеју Јаворов дава скапоцени податоци за динамиката на излегувањето на овој весник. Првиот број се појавил на 10 февруари 1903 година. Весникот имал средна големина, а во текот на цели три месеци, секој понеделник, илегално се дистрибуирал преку сложената и опасна мрежа на селски курири по „кривите патишта“ на Македонија. Весникот пишувал исклучиво во духот на Гоцевите концепции, во името на автентичната Внатрешна организација. Делчев остварувал постојан контакт со Јаворов, давајќи му директни насоки во кој дух да бидат уредувани статиите. По успешно изведената диверзија кај реката Анжишта, каде што четата ги разурнала железничкиот мост и блискиот тунел, ги прекинала железничките шини и телеграфските врски, Делчев му испратил писмо на Јаворов со специфично стратешко упатство: „Кога ќе пишуваш за весникот во врска со извршеното, не пишувај дека е од чета, туку од онаа сила воопшто што се наоѓа во целата земја, под името Тајна револуционерна организација“. Овој детаљ ја открива длабоката медиумска стратегија на Делчев: тој сакал кај непријателот, но и кај сопствениот народ, да создаде претстава дека акциите не се изолирани инциденти на неколку вооружени бунтовници, туку дејство на сеприсутна, моќна и добро организирана тајна сила што ја контролира целата територија. За да може печатениот збор да го постигне својот ефект, Организацијата морала да изгради совршена илегална логистичка мрежа за транспорт на материјалите од слободните територии или преку границата во внатрешноста на Македонија.
Автентично сведоштво за оваа дејност на Гоце Делчев наоѓаме во неговата зачувана преписка со Никола Зографов, кој служел како главен пунктен началник и клучна врска на Организацијата со внатрешноста. Во писмото датирано од 21 јули 1898 година, Делчев открива дека одржува блиски врски со Иван Кепов, прогресивниот уредник на весникот „Изгрев“, кој излегувал во Ќустендил. Кепов, како историчар и учител, учествувал во борбата против реакционерниот Врховен комитет во Софија. Од спомените на Ѓорче Петров е евидентно дека весникот „Изгрев“ во тој период ја застапувал истата независна линија на Организацијата, како и весникот „Дело“. Преписката со Зографов јасно покажува колку Гоце Делчев бил ригорозен во однос на дистрибуцијата на печатот. Во писмото од 11 март 1899 година, тој експлицитно му наредува на Зографов да задржи одредено илегално лице и да не го испраќа „внатре“ во Македонија сè додека не пристигнат најавените весници, за да може лицето да ги префрли заедно со себе преку границата. За Гоце Делчев, присуството на професионални новинари и уредници во редовите на движењето било од витално значење за одржување на високиот квалитет на револуционерната пропаганда. Периодичниот печат од предилинденската епоха претставува еден од најважните столбови врз кои се градеше македонската национална и политичка посебност. Низ страниците на илегалните хектографски весници во Македонија и прогресивните гласила во емиграцијата се водеше макотрпна борба за зачувување на автономијата и независноста на македонското ослободително дело од надворешните влијанија и империјалните аспирации на соседните држави. Дејноста на Гоце Делчев како двигател и стратег на овој печат покажува дека тој јасно согледувал оти слободата не се извојува само со куршуми туку и со подигнување на свеста на масите преку моќта на вистината и пишаниот збор. И покрај тоа што голем дел од овие весници исчезнале во виорот на војните и палежите, нивната историска трага останува трајно врежана како круцијален сегмент од културната и политичката историја на македонскиот народ.
Извадок од првото издание на „Слобода или смрт“
Не е далеку и денот во кој и слободата ќе грејне и над нашата татковина потопена во солзи и облеана со крв
„Само она, кое никогаш не се раѓало, само тоа не умира; само она кое никогаш не почнувало, само тоа не свршува. Се роди заради нас погана тиранија во несреќни времиња, та за секогаш ли ќе остане? Заради нас почна ропската мака во црните денови, та нема ли да сврши? Умре тиранијата за Грција, за Србија, за Романија, за Бугарија – за Македонија нема ли да умре? Се сврши маката за Грците, за Србите, за Романците, за Бугарите, за Македонците нема ли да сврши? Нема човек, стар или млад, маж или жена, по нашата убава татковина, кој не легнува и не станува со една мисла во главата: слобода, со еден збор на јазикот: борба! Тој општ растеж на народниот дух нели е една бурна стихија која ќе ја смете од нашите села и градови чалмоносната неправда. Изминаа десет години откако ја сознавме спасителната вистина дека треба да ги оставиме настрана соништата за каква и да е помош од некоја надворешна сила; десет години изминаа за да увидиме дека треба да се надеваме на себеси и само на себеси; десет години изминаа откако се готвиме за една голема саморасправа со нашиот вековен угнетувач. И десет години храбро се бориме! Секој врв на китните македонски планини, ако би можел да прикажува, ќе му раскаже на светот за подвигот на некој наш борец; секој џбун по рамните македонски полиња, ако би можел да се разгрне, ќе открие пред очите на луѓето гроб на некој славно загинат наш херој. Полни се битолските, скопските, солунските и други зандани, полни се и сите анадолски тврдини со маченици кои ставиле сè драго, сè мило, сè скапо пред олтарот на општото дело. Без да се тресеме, без да се плашиме, ние ги згуснувавме своите редови, ние ја засилувавме својата Организација и одевме напред, додека се исправивме лице в лице против цариградското крваво чудовиште, готови да му нанесеме последен смртоносен удар…
…со право рекол еден мудрец: ’Посакаш ли да се ослободиш, ти си веќе половина слободен‘. Но не е далеку и денот во кој и слободата ќе грејне и над нашата татковина потопена во солзи и облеана со крв. Ехото на нашите борби се разнесува далеку по светот и сите поголеми држави се занимаваат со нашето прашање. И Русија, и Австрија, и Франција, и Англија поверуваа веќе во нашата сила и се плашат од востанието, за кое се подготвуваме да го дигнеме. И сите веќе зборуваат дека ние си ја заслужуваме слободата и сите веќе наблегнуваат да ни се даде таа слобода. Не беа на ветер досегашните жртви и не беа напразно нашите досегашни усилби. И, доколку минатото е добра лекција за сегашното, нашата мината работа гледана по нејзините резултати што ги имаме на лице од неа, треба да ни биде нешто повеќе од поука. Деноноќниот, упорниот и самопожртвуван труд нè направи плашило за оние што ја крепеа раскапаната Турција која ние ја растресовме од темел. И, колку повеќе ја засилуваме нашата работа, толку пострашни ќе бидеме за странците кои, сакале – не сакале, ќе продолжуваат да се занимаваат со нас. Колку порешително и нанесуваме удар по удар на турската држава, толку повеќе ќе ја расклатуваме, додека да ја направиме гнило дрво кое ќе биде кутнато при првото избувнување на народната бура. А таа бура не може да биде друга освен оној последен момент на нашата долга дејност – момент кој ќе биде наречен во историјата сенародно македонско востание. И така, да си ја знаеме својата должност: работа без страв! Да го гледаме својот пат: секогаш напред! Да ја паметиме и својата цел: слобода или смрт!“ – „Слобода или смрт“ бр. 1, 10 февруари 1903 година.
М-р Никола Ристевски
(продолжува)

































