КОШАРКА
- Новиот македонски репрезентативец имаше одлично деби, но фокусот веќе е насочен кон најважните предизвици
Дивејн Стјуарт Јуниор на најдобар начин го најави своето присуство во дресот на македонската репрезентација. На првиот настап, во контролниот меч против Бугарија, новото македонско засилување покажа дека може да биде значаен дел од репрезентацијата во завршницата од претквалификацискиот циклус за Европското првенство 2029. Со само неколку тренинзи со новите соиграчи, Стјуард веднаш ја презеде одговорноста на теренот. За повеќе од 30 минути игра постигна 26 коша, а придодаде и по пет скока и асистенции, демонстрирајќи офанзивен квалитет и енергијата што може да ги донесе во македонскиот состав, предводен од селекторот Жозе Марија Берокал.
– Ова е мое прво искуство во еден национален тим и секогаш сакам да го дадам најдоброто од себе. Подготвен сум да работам со соиграчите и да помогнам во секој посед на топката, секој потег на теренот и секој детаљ во кошаркарската игра – вели Стјуарт, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Контролниот меч со Бугарија беше само подготовка за она што следува, а тоа се последните два дуела од групата А во претквалификациите за пласман на ЕП 2029, домашниот меч против Ирска на 2 јули во Скопје, а по три дена и гостувањето кај Луксембург. Со победнички менталитет и желба за докажување, Стјуарт го направи првиот чекор во македонскиот дрес. Вистинскиот тест, сепак, ќе дојде во дуелите што носат многу поголема тежина.
– Целта е да победиме на следните два натпревара. Ќе се бориме да го направиме тоа и да бидеме најдобрата верзија на теренот – кратко додаде новиот македонски адут Дивејн, пренесе КФМ. Г.И.
































