Денеска во Скопје, по кусо боледување, почина Владо Јаневски (65), еден од најпознатите македонски пејачи и кантавтори.
Веста за смртта на Фејсбук ја споделуваат неговите соработници, простувајќи се од пејачот и кантавторот.
Јаневски во август требаше да одржи концерт во Охрид, кој беше најавен на почетокот на годината, но подоцна беше откажан. Според неговите соработници, тој во последните неколку месеци се лекувал во една од приватните болници во Скопје.
Последниот настап за кој објави на социјалните мрежи беше во март, кога беше специјален гостин на концертот на хрватската пејачка Весна Писаровиќ во Филхармонијата. На 14 февруари одржа заеднички концерт со Момчило Бајагиќ-Бајага во Скопје, а две недели подоцна настапи и на „Златна бубамара на популарноста“.
Владо Јаневски е роден на 27 ноември 1960 година во Скопје. Во својата кариера објави шест студиски албуми и создаде бројни хитови, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“, „Еден бакнеж“ и многу други. Пред соло-кариерата беше член на групите „Бон тон“ и „Ластовица“.
Тој беше првиот македонски претставник на Евровизија, настапувајќи во 1998 година со песната „Не зори зоро“. Во последните години живееше во Гевгелија.
Кон крајот на 2023 и почетокот на 2024 година одржа пет концерти во Филхармонијата под наслов „Златни години – Најдоброто од Владо Јаневски“, со кои одбележа три децении музичка кариера. Во 2024 и 2025 година двапати по ред го наполни Античкиот театар во Охрид, изразувајќи желба настапот таму секој август да стане традиција.
-Како млад не можев ни да сонувам дека овие години ќе ми бидат најубави и дека олку ќе уживам во секој ден. Зрелоста на оваа возраст ја гледам во тоа што веќе одамна престанав да ги бркам ‘големите работи‘ кои ги сметав за многу важни. Сега убавината на денот ја мерам со малите задоволства кои ме исполнуваат. Кариерата е само мисловна именка, ама животот не е. Затоа, кога ќе ме слушнете да пеам за златните години, значи дека мислам на овие години кои ги живеам сега – изјави Владо Јаневски во интервју во 2023 година.

































