Монографија од Васил Стерјовски за прогонот на Македонците во с. Горна Горица, Албанија
- Монографијата „Прогонот на Македонците од преспанското село Горна Горица (1924–1933)“ има цел да ја зачува историската вистина и да ја збогати научната литература за македонската заедница во Албанија
Mонографијата „Прогонот на Македонците од преспанското село Горна Горица (1924–1933)“ од страна на авторот Васил Стерјовски е претставена како скромен, но значаен придонес кон историографијата, со јасна цел: да се зачува историската вистина, да им се даде глас на заборавените човечки судбини и да се збогати научната литература за историјата на Македонците во Албанија. Вредното дело беше објавено во издание на центарот за културна размена „Логос“ од Битола, со поддршка на Министерството за култура.
Во монографијата се наведени внимателна реконструкција на архивски документи, дипломатска коресподенција и усни сведоштва што ја прикажуваат трагедијата на егзодусот на горичаени во април 1933 година. Преку овие извори се создава мост меѓу минатото и сегашноста, со јасна порака дека секој документ и секое сведоштво се дел од мозаикот на колективната меморија. Таа историска вистина, често замолчувана или игнорирана, овде добива своја форма и глас, претставувајќи се како неопходен темел за разбирање на македонската судбина во Преспа.
Книгата не се задржува само на фактографијата туку преку детални поглавја оживува човечки судбини, лица и приказни на селаните што биле принудени да го напуштат родниот крај. Секој опис е сведоштво за болката, надежта и отпорот на луѓето што ја носеле својата татковина во срцето, дури и кога биле лишени од земјата под нозете. Така, монографијата станува етички чин на враќање на достоинството на заборавените, на оние чии животи биле избришани од официјалните наративи, но останале да живеат во колективното сеќавање.
Делото систематски е поделено на седум поглавја што опфаќаат историски, културни и социјални аспекти, создавајќи нова база за истражувачите, студентите и пошироката јавност. Четвртото поглавје „Прогонот на Македонците од Горица“ е посветено на социоекономските услови во селото по падот на Османлиската Империја, раните форми на притисок врз населението, демографскиот развој на Горица и појавата на беговската фамилија Фрашери, како и на правната битка, институционалниот притисок, полицискиот терор и отпорот на селаните во периодот од 1925 до 1933 година. Во следното поглавје, „Патешествието на прогонетите Македонци од Горица“, се обработуваат иселувањето на горичени, нивната судбина по прогонството и состојбите во Горица по нивното заминување.
Со тоа, монографијата не е само сведоштво за една трагедија туку и научен придонес што ја збогатува литературата за македонската заедница во Албанија. Таа отвора простор за нови истражувања, дебати и критички согледувања, поставувајќи ја историјата на Горна Горица како пример за пошироките процеси на национално и културно преживување во меѓувоениот Балкан.
– Како потомок на семејство што непосредно ги почувствувало последиците од овие настани, ова истражување за мене претставува не само научен предизвик туку и лична и морална обврска. Целта на книгата е да придонесе кон зачувувањето на историската вистина, да им даде глас на заборавените човечки судбини и да ја збогати научната литература за историјата на Македонците во Албанија. Верувам дека познавањето на минатото е предуслов за градење подобра иднина. Затоа се надевам дека оваа монографија ќе биде корисен извор за историчарите, истражувачите, студентите, но и за сите оние што се интересираат за историјата, идентитетот и културното наследство на Македонците во Преспа. Оваа книга е посветена на сите генерации Македонци од Албанија што, и покрај многубројните искушенија и предизвици, успеале да ги зачуваат својот јазик, традиции, културно наследство и македонски национален идентитет – вели Васил Стерјовски.
Особено внимание е посветено на улогата на Бугарија во случајот со горичани, преку доверливи извештаи од бугарското дипломатско претставништво во Тирана. Тие документи откриваат како македонското население било третирано како политички инструмент за национални претензии – пример што ја потврдува континуираната практика на геополитички игри врз грбот на Македонците. Монографијата не е само историска реконструкција туку и морален повик: да се зачува меморијата за трагедијата на горичаени и да се спречи заборавот.
МАЕИ официјално поднесе клучни барања во пресрет на најавените територијални измени во Албанија
Општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и да се преименува во Општина Преспа
Единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), поднесе официјално барање до Специјалната парламентарна комисија за административно-територијална реформа при Собранието на Република Албанија, со клучните барања на Македонците во пресрет на најавените територијални измени.
Македонската алијанса за европска интеграција децидно бара Општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на новата реформа да не претрпи никакви територијални измени, односно да не се спојува со други административни единици, што го менува етничкиот состав на населението. Партијата го темели ова барање на Уставот на Албанија, меѓународните обврски од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за локална самоуправа, како и на членот 16 од албанскиот Закон за заштита на националните малцинства број 96/2017), каде што категорично се вели: „Забрането е преземање мерки што го менуваат составот на населението во единиците на локалната самоуправа каде што живеат лица кои припаѓаат на националните малцинства, со цел ограничување на правата и слободите предвидени со овој закон“.
Второто клучно барање е Општина Пустец да се преименува во Општина Преспа. Овој предлог се заснова на фактот дека Пустец е само едно од деветте села во општината, додека името Преспа поцелосно го претставува историскиот, географскиот, културниот и природниот идентитет на целата област. Терминот Преспа традиционално се користи од локалното население, ужива меѓународно признание, а наедно целиот административен дел се поклопува со Националниот парк Преспа. Се смета дека преименувањето дополнително би помогнало во промоцијата на регионот како туристичка и еколошка зона со посебни вредности.
– Земајќи го предвид значењето на зачувувањето на идентитетот, претставувањето и правата на македонското национално малцинство во Албанија, бараме овие препораки сериозно да бидат земени предвид при изработката на предлозите за административно-територијалната реформа – се наведува во дописот.
Општина Пустец е единствена единица на локалната самоуправа во Албанија каде што речиси сите се Македонци, поради што нејзиното зачувување е од клучно значење за опстанокот и заштитата на македонскиот идентитет. Д.Ст.



































