Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска им врачи решенија за вработување на 109 лица во Клиничката болница Тетово, кои досега беа ангажирани со договор на дело.

Со ова, заедно со претходно врачени решенија, во болницата досега се вработени вкупно 145 лица од различни медицински профили, неопходни за успешно функционирање на установата.

„Ви честитам на сите и ви посакувам успешна работа, професионални успеси и многу посветеност во грижата за пациентите. Вашата работа е од огромно значење за нашето здравство,“ порача министерот Клековски.

Проектот за вработување на 1.500 повеќегодишни договорци со ова се заокружува, а наскоро ќе биде комплетиран и проектот за вработување на 600 специјализанти. Министерството најавува дека ќе продолжи да вложува во здравствените работници и во зајакнување на кадровските капацитети на јавните здравствени установи.