Автор: Д-р Даниела Николовска, Поликлиника Чаир
Опаѓањето на косата е многу чест проблем кој ги погодува и мажите и жените. Иако понекогаш се смета за чисто естетско прашање, тоа често предизвикува сериозен здравствен психолошки проблем, причина за нарушена самодоверба и социјална анксиозност. Разбирањето на сложениот биолошки циклус на растот на влакното, навременото идентификување на внатрешните и надворешните причини за неговото опаѓање, како и деталното запознавање со достапните современи третмани се клучните чекори кон успешно решавање на овој естетски и здравствен предизвик.
1. Фази на раст на косата
Секое влакно на скалпот има свој независен животен циклус кој се состои од три главни фази:
• Анагена фаза: Фаза на активен раст која трае помеѓу две и шест години. Во таа фаза се наоѓаат околу 90% од влакната.
• Катагена фаза: Краток преоден период од две до три недели, кога влакното престанува да расте.
• Телогена фаза: Фаза на мирување и опаѓање која трае околу три месеци. По нејзиното завршување, старото влакно паѓа, а на негово место почнува да расте ново.
Губењето од 50 до 100 влакна дневно се смета за сосема вообичаен нормален процес на опаѓање и обновување на косата.
2. Најчести причини за опаѓање на косата
Прекумерното губење на косата може да биде предизвикано од внатрешни, односно здравствени, и надворешни фактори:
• Генетика, односно андрогена алопеција: Најчеста форма на долготрајно губење на косата. Настанува поради пречувствителност на фоликулите кон хормонот дихидротестостерон (DHT), што води до нивно постепено изумирање.
• Хормонален дисбаланс: Промени за време на бременост, по породување, односно постпартум, менопауза или нарушена функција на штитната жлезда, односно тироидната жлезда.
• Стрес, односно телоген ефлувиум: Силни емоционални шокови, операции или тешки вирусни инфекции со висока температура можат да доведат до зголемено опаѓање.
• Недостаток на нутриенти: Ригорозни диети кои доведуваат до дефицит на железо, односно анемија, цинк, витамин Д и витамини од Б група, особено биотинот.
• Агресивно третирање: Често бланширање, користење силни бои, пеглање на високи температури и цврсто врзување на косата во коњско опавче, односно тракциона алопеција.
• Автоимуни состојби и заболувања: Состојбата позната како Alopecia areata настанува кога имунолошкиот систем на телото по грешка ги напаѓа сопствените фоликули на косата, што резултира со нагло опаѓање на косата во форма на правилни, кружни печати.
• Други причини: Габични инфекции на скалпот, како Tinea capitis, цикатрициелна алопеција, лупус.
3. Разлики меѓу машкиот и женскиот тип на андрогена алопеција
• Мажи: Опаѓањето започнува со повлекување на челната линија во форма на буквата „М“, односно залистоци, и проретчување на темето.
• Жени: Губењето е дифузно и рамномерно низ целиот скалп. Најзабележливо е по должината на патецот, кој постепено се проширува, но ретко води до целосна ќелавост.
4. Современи медицински третмани
Начинот на справување со опаѓањето на косата треба да биде во консултација со дерматолог. Пред почетокот на кој било третман на косата, задолжително треба да се посети дерматолог за да се направат анализи на крвта и трихоскопија.
Најефикасните медицински решенија вклучуваат:
• Миноксидил (Minoxidil): Лосион или пена што се нанесува директно на скалпот. Ја подобрува циркулацијата на крвта и го стимулира растот на фоликулите. Треба да се користи континуирано.
• PRP терапија: Третман со плазма збогатена со тромбоцити, која се извлекува од крвта на самиот пациент и се инјектира во скалпот за да ја поттикне клеточната регенерација.
• Трансплантација на коса: Хируршка метода, најчесто со FUE техника, при која здрави фоликули од задната страна на главата се префрлаат на местата каде што косата недостасува.
5. Природни решенија и секојдневна превенција
Доколку опаѓањето е во почетна фаза или е предизвикано од сезонски промени и моментален нутритивен или витамински дефицит, козметиката со природни стимулирачки состојки може да помогне без несакани ефекти:
• Кофеин: Кофеинот има докажано позитивно влијание врз растот на косата, но исклучиво кога се нанесува локално, односно директно на скалпот, преку шампони, лосиони или серуми. Најважната улога на кофеинот е неговата способност да го неутрализира дејството на дихидротестостеронот (DHT). Кофеинот е познат вазодилататор. Кога ќе се нанесе на главата, тој ги шири ситните крвни садови и ја подобрува циркулацијата на крвта во скалпот, со што овозможува до коренот на косата побрзо и полесно да стигнат кислород и клучни хранливи материи, како витамини и минерали. Кофеинот ја стимулира делбата на клетките во коренот на влакното, односно кератиноцитите. Со тоа го продолжува животниот век на влакното и ја одржува косата подолго време во фаза на активен раст, односно анагена фаза, спречувајќи го нејзиното предвремено опаѓање.
• Масло од рузмарин: Клинички е докажано дека есенцијалното масло од рузмарин ја стимулира циркулацијата исто како и благите медицински лосиони.
• Масажа на скалпот: Секојдневна масажа од 5 минути со кружни движења го зголемува протокот на кислород до коренот на влакното.
• Правилна исхрана: Потребен е внес на протеини, како јајца и месо, омега-3 масни киселини, како риба и ореви, и намирници богати со железо, како спанаќ.
• Нежна нега: Да се користат шампони со горенаведените состојки и да бидат без сулфати и парабени. Да се избегнува агресивно чешлање на косата додека е влажна.
За какви било резултати потребна е упорност од најмалку 3 до 6 месеци, со оглед на природната брзина на растот на косата.



































