КОШАРКА
Подготовките на машката кошаркарска репрезентација на Македонија продолжуваат со комплетирање на играчкиот состав за завршниот дел во претквалификациите за пласман во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2029 година. Селекторот Жозеп Мариа Берокал упати повик и до Нејт Сестина, кој ќе биде дел од тренажниот процес и ќе биде во конкуренција за настап на двата дуела во јули, со Ирска и со Луксембург, пишува Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Се работи за играч што настапува на позицијата крило, а во изминатиот период беше дел од составот на новиот шампион на Италија, Олимпија Милано. Сестина се очекува да му се приклучи во репрезентативниот табор во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје, а подготовките на македонските репрезентативци продолжија со нови имиња во составот. Првиот тренинг како репрезентативец на Македонија го одработи Дивејн Стјуарт Јуниор, а во работната група се приклучи и Андреј Јакимовски, кој ги пропушти воведните тренинзи и контролниот меч со Бугарија. Со приклучувањето на Јакимовски, Стјуарт и на Сестина, се комплетира составот на кој ќе смета Берокал со стручниот штаб во пресрет на клучните мечеви во претквалификациите за ЕП 2029.
Македонија на 2 јули во Скопје ќе игра со Ирска (18 ч.), во салата „Лазар Лечиќ“, додека три дена подоцна ќе гостува кај Луксембург. Пред овие дуели, црвено-жолтите ќе имаат уште една проверка на формата, поточно денеска во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје ќе гостува Бугарија (18 ч.). Г.И.


































