Шестата книга на Љубомир Јованоски-Кара, „Проклетството на Суетата“, (Бадник над Санк Петербург, Проколнати, Талкачот, Шутот безличен и Ѓаволска наметка) е поддржана од Министерството за култура, а е во издание на центарот за културна размена „Логос“ – Битола. Делото претставува демистификација на личности што ја обележале историјата со триумфални победи и оставиле трага за народите и поколенијата. Човекот како единка дури и да е од највисок општествен ранг, во својата кројка го носи самољубието како црно петно што предизвикува индивидуални и колективни катастрофи, кои, за жал, победничката страна ги најавува како триумф што ги оправдува средствата. Безбројни млади животи потрошени залудно за трон и идеологија, а суштински за интерес и задоволување на суетата, фрлаат црно петно врз триумфот.
Овој ракопис се обидува да демистифицира галерија на харизматични личности што господареле и господарат со животни судбини. Наедно, целта му е да фрли светлина врз мрачната страна на менталниот состав на владарите, нивната нарцисоидност, но и на целокупниот концепт на функционирање на власта пресликан низ вековите, па до денес. Големата битка е само повод и пример за преостанатите запишани во историјата. Едновремено и показател за слабостите на човечкиот карактер за кого привлечноста на престолот значи повеќе од илјадниците жртвувани животи. Цар или шутина, шутина или император. Каде се крие разумот? Амбиции, интриги, дворски игри, сомнежи, девастација на карактерните особини на човекот.
Книгата е историска фикција, мрачен трилер со неочекуван епилог за сите што се почитувачи на пишаниот збор, динамиката и заплет што бара силна сосредоточеност. Напишаното од авторот нека биде повод за лично толкување на текстот од страна на читателот, оти само во тој случај содржината допрела до него и книгата навистина е прочитана.