Тридневна работилница во ЦК „Марко Цепенков“
Од 17 до 19 јуни, во Ликовната галерија во Прилеп, петнаесет ученици, под менторство на м-р Александра Димитрова, ја изучуваа техниката на создавање мозаик, креирајќи свои творби.
Ева Танеска од Прилеп е матурантка во ДСУ „Лазар Личеноски“ во Скопје, која своето образование ќе го продолжи на Факултетот за ликовни уметности во Софија, соседна Бугарија. Поразговаравме со неа додека работеше врз својот мозаик.
– Првпат доаѓам на оваа работилница, но досега сум изработувала мозаик за време на моето средношколско образование. Имам желба да го надградам своето знаење за мозаикот. Имам идеја да изработам едноставен мозаик и сакам да прикажам движење и динамика. Мозаикот повеќе е геометриски медиум, но со труд и вежбање, преку него можат да се претстават и нашите емоции – вели Ева.
Лазар Ѓуриќ, осмоодделенец од ООУ „Блаже Конески“, кој веќе подолго време го развива својот сликарски талент, на оваа работилница првпат имаше можност да учи за мозаикот.
Многу е интересно да се работи мозаик и драго ми е што сум дел од оваа работилница, за која дознав од мојата наставничка Елена. Процесот е малку напорен, а прстите ми се постојано со лепило, но многу сум задоволен од тоа што го сработив. Со камчиња правам реплика на делото „Ѕвездена ноќ“ од Ван Гог – ни откри Лазар.
Професорката Александра Димитрова сподели со нас дека интересот за работилницата е голем, па затоа постојат размислувања за настан што ќе трае повеќе денови и на кој ќе можат да присуствуваат деца и од други градови. Идејата е да се направи колонија, а делата да бидат претставени на патувачка изложба низ Македонија.
– Мојата цел како ментор е да ги поттикнам креативноста, трпеливоста и индивидуалниот уметнички израз кај секој учесник, овозможувајќи простор за истражување, учење и за создавање. Верувам дека мозаикот не е само техника туку и начин на размислување – процес во кој од многу различни елементи се создаваат хармонија и убавина – рече Димитрова.
Координатор на проектот е прилепскиот уметник Марјан Стојаноски. Ф.Д.

































