Драмската секција при СОУ „Ѓорче Петров“ сними долгометражен филм
- Многу сме изненадени и задоволни што имаше голем интерес за филмот и билетите се распродадоа за многу кратко време. Ако се знае дека средствата се наменети за хуманитарни цели, радоста е уште поголема. Филмот ги поттикнува луѓето на заборавените вредности и потсетува дека материјалното богатство не е најважното во животот, рече ученикот Тоше Тодороски, кој ја толкува улогата на Славе
Минатиот четврток во големата сала на центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржа премиерата на долгометражниот филм „Девојките на Марко“, според истоимениот роман на македонската писателка Оливера Николова, по сценарио и режија на Филип Стојаноски, а во изведба на членовите на драмската секција „Слободно театарче“ од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп.

Салата беше исполнета до последното место, а сите присутни со голема радост и возбуда го проследија филмот, за на крајот да го наградат со громогласен аплауз и стоечки овации.
Досега ова е најобемен проект на секцијата „Слободно театарче“, која под менторство на проф. Билјана Тинтоска опстојува 27 години.
– Разработувајќи ги односите во семејството, љубовта кон родниот град, љубовта кон татковината и младешката љубов ние научивме многу низ процесот на создавањето на филмот. Сакам да ја понесете таа лекција вечерва како скапоцен дијамант од оваа сала, а тоа е дека сите ние луѓето ја бараме среќата, а треба да знаеме дека среќата е во средбата. Средбата со себеси, а потоа и со луѓето околу нас. Треба да имаме слух за секој човек – порача професорката Тинтоска.
Полна сала и силни аплаузи
Филмот, за чија подлога е земен романот „Девојките на Марко“ од Оливера Николова објавен во 1987 година, разработува една семејна приказна. Најстариот син на Милка и Живко, Марко, се враќа на пауза од служење на воениот рок. Него со нетрпение го очекуваат сите во семејството, мајката, таткото, средниот брат Диме, но најрадосен е најмалиот брат Славе, кој има чисто срце и се труди никој да не страда. Иако тој веќе си подготвил план како да ги помине деновите со саканиот брат, војникот Марко, работата воопшто не оди по планот. Наместо да научи да пука, да ползи, да се крие во грмушки и да поздравува старешини, почнува од последната лекција – односот на девојките. Па така, девојките на Марко стануваат обврска на малиот Славе.
Ликот на Славе, кој има носечка улога во филмот, го толкува ученикот Тоше Тодороски.
– Како член на драмската секција „Слободно театарче“ можам да кажам дека секој од нас го даде својот максимум во работата на овој проект. Многу сме изненадени и задоволни што имаше голем интерес за филмот и билетите се распродадоа за многу кратко време. Ако се знае дека средствата се наменети за хуманитарни цели, радоста е уште поголема. Филмот ги поттикнува луѓето на заборавените вредности и потсетува дека материјалното богатство не е најважното во животот. Мојот лик е најголема жртва во семејството иако е најмал, но тој ги совладува сите пречки и се соочува со животот на возрасните – рече ученикот Тоше.

Тодороски, иако учи средно стручно училиште, ни откри дека размислува да студира глума. Тука треба да спомнеме дека веќе двајца поранешни ученици од СОУ „Ѓорче Петров“ и членови на „Слободно театарче“сега се студенти по глума во Скопје. Важно е што ова училиште се грижи, контактира и соработува со многу свои поранешни ученици. Така, и режисерот на претставата Филип Стојаноски е поранешен ученик, но верен соработник и поддржувач во работата на училиштето, иако матурирал пред 12 години.
Директорката на училиштето, Жанета Видевска, со гордост го истакна значењето на секцијата „Слободно театарче“, која е важен сегмент во промоцијата на училиштето.
– Проекцијата на филмот е последна во низата настани на нашето училиште за оваа учебна година. Покрај многубројните успешни проекти, како драмски претстави и кратки филмови, ова е прв долгометражен филм во кој особено доаѓа до израз работата на професорката Тинтоска и на нејзиниот соработник Стојаноски, но и талентот и посветеноста на учениците – истакна директорката Видевска.
Со љубов и ентузијазам до успех!
Во создавањето се вклучени 15 ученици, а процесот на подготовка траел осум месеци. Според режисерот и сценарист на филмот Филип Стојаноски, тоа што Прилеп одреден период нема театарска зграда, па се работи во импровизирани услови, и нема простор во кој „Слободно театарче“ ќе може да прикаже своја претстава биле дополнителни мотиви наместо со драмска претстава, да се зафатат со снимање филм.
– Уште од октомври почна да се развива нашата идеја. Со цел темата да биде што поблиска до младите, го избравме текстот „Девојките на Марко“, кој како роман е лектирно издание за учениците во основните училишта. Имавме многу проби, кои се случуваа и навечер и во викенди, а снимавме седумдесет часа. Затоа им благодарам на сите за истрајноста, посветеноста и за енергијата. Благодарност до сите што на каков било начин помогнаа да дојдеме до конечниот резултат – рече Стојаноски.
Ученичката Исидора Николоска, која ја толкува улогата на мајката Милка, ни раскажа дека адаптацијата на филмот била предизвик, со оглед на тоа што книгата е напишана пред речиси 40 години. Иако во романот дејството се одвива во Скопје, во филмот центар на случувањата е градот под Марковите Кули.
– Прилеп е нашиот град, место во кое сме родени и израснати. Тоа што дејството во филмот се случува на повеќе локации низ Прилеп има цел да го промовира градот како средина во која се одвива еден нормален живот во кој владеат семејни и пријателски вредности.

Сакаме да порачаме дека не е толку лошо да се остане во родниот град и дека секој на свој начин може да придонесе Прилеп да биде уште поубав. Ова се надоврзува и на мотото на годинашното одбележување на денот на училиштето, кое гласи „Останете овде, Прилеп ве сака“ – раскажа ученичката Исидора Николоска.
Во филмот играат: Toше Тодороски, Филип Сотиров, Марко Стојаноски, Исидора Николоска, Филип Стојаноски, Марија Стеваноска, Марија Котева, Тамара Димитриеска, Викторија Костадиноска, Ивана Ангелеска, Марта Шаркоска и Саша Бошков. Тон-мајстор е Вилијам Спиркоски, а за светлото беше задолжена Сара Павлоска. Техничка поддршка на сите полиња даде Михаил Тркалески, а музиката за филмот ја создаде Ѓорѓи Петкоски и беше изведена од групата „Д докторс“, која во најголем дел е сочинета од ученици на СОУ „Ѓорче Петров“. Целата екипа работела врз основа на ентузијазам, без финансиска конструкција, без надоместок, а со поддршка на училиштето и општествено одговорните фирми од градот.
Репризните проекции на филмот „Девојките на Марко“ ќе продолжат наесен и ќе бидат достапни за учениците во основните и во средните училишта во Прилеп.
Можеби ќе ве интересира…
Романот „Девојките на Марко“ на Оливера Николова е објавен на први јануари 1987 година. Тој е актуелна задолжителна лектира за осмо одделение во основните училишта во Македонија. Во ноември 1987 година, на Македонската телевизија, во шест епизоди е емитувана и истоимената серија, создадена врз основа на романот. Во серијата, ликот на Марко го толкува Игор Џамбазов, Иван Ивановски е во улогата на Славе, средниот брат Диме го толкува Рубенс Муратовски, мајката Милка е актерката Соња Михајлова, а актерот Борис Чоревски ја толкува улогата на таткото Живко.

































