Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави дека почна аплицирањето за билети за мечот од Суперкупот во Салцбург (Австрија), на 12 август (од 21 часот), на кој ќе настапат европскиот првак Пари сен Жермен и победникот на Лига Европа, Астон вила. Влезниците ќе бидат распределени преку лотарија, а продажбата и распределбата на билетите за навивачите на тимовите-учесници ќе бидат координирани директно со двата клуба, пишува УЕФА.
– Како и обично, поголемиот дел од билетите е резервиран за навивачите на финалистите и за пошироката јавност. Од нето-капацитетот на стадионот од 28.500 места, 9.000 билети се достапни за пошироката јавност, а секој клуб добива по 7.000 билети – објави УЕФА.

Цените на билетите за двата клуба се по 30 евра, влезница од третата категорија чини 50 евра, од втората категорија 90 евра, а од првата категорија 150 евра.
– Како дел од процесот на лотарија, кандидатите мора да ја преземат апликацијата на УЕФА и да се регистрираат со мобилниот телефон што ќе го користат за пристап до стадионот. Успешните апликанти потоа мора да го користат овој регистриран мобилен телефон за пристап до стадионот на денот на натпреварот, бидејќи билетот на купувачот нема да биде пренослив. Во согласност со овие одредби за непреносливост, купувачите на билети што не можат да присуствуваат можат да ги препродадат своите билети преку официјалната платформа за препродажба на УЕФА, по цена ограничена на номиналната вредност и не се наплаќаат провизии за продавање. Пристап до купување билети од препродажба прво ќе им биде даден на избрани навивачи што не биле успешни во лотаријата – пишува УЕФА. Н.М.