ФУДБАЛ
- Шефот на судиите во Светската фудбалска федерација, Пјерлуиџи Колина, одлучи да се бори против задржувањето време, со голем број мерки. Но дали статистиката покажува дека планот на Колина функционира?
Таблата со минути за продолженијата порано беше дочекувана со воздишки. Десет, 11, 12 минути или повеќе би биле означени од четвртиот судија. Но не и на фудбалското Светско првенство годинава. Дури и ако се земат предвид трите минути за паузата за хидратација, дополнителното време беше изненадувачки ниско, понекогаш само пет или шест минути, пишува „Би-би-си“.
Шефот на судиите во Светската фудбалска федерација (ФИФА), Пјерлуиџи Колина, одлучи да се бори против задржувањето време, менувајќи ја тактиката од минатиот турнир, каде што им рече на судиите да додадат апсолутно сѐ. На СП 2022 натпреварите траеја во просек повеќе од 100 минути. Но на овој турнир, игнорирајќи го времето за паузи за хидратација, натпреварите траат околу 96 минути, пишува „Би-би-си“.
– Целта што сакаме да ја постигнеме е да го зголемиме темпото на натпреварот – рече Колина пред СП 2026.
Колина воведе голем број мерки, како што е одбројување од пет секунди за изведување аут и голаут. Тактиките беа воведени во обиде да се ограничи начинот на кој тимовите би ги запирале натпреварите, со поставување часовник од 10 секунди за замени на фудбалери и принудување на играчите на кои им е потребен третман да останат надвор од теренот една минута. Промените, досега, беа добро прифатени на СП 2026 што се игра во САД, Мексико и во Канада.
Но дали статистиката покажува дека планот на Колина функционира, пишува „Би-би-си“.
„Играчите ќе го почитуваат ограничувањето“
Филозофијата на Колина беше многу едноставна. Ако ги спречите играчите да задржуваат премногу време, тоа време може да се врати во играта без да се додава на крајот.
– Целта е да се елиминира, колку што е можно повеќе, нарушувањето на темпото на натпреварот – објасни Колина.
Ова никогаш не требало да биде за доделување многу корнери (според новото правило, ако голманот не изведе голаут за одреденото време, се досудува корнер за противникот) или строгост при замените. Целта беше да се промени однесувањето или, како што рече Колина, „играчите ќе го почитуваат ограничувањето“.
Досега,се чини дека тоа е случај. Само еден голаут е променет во корнер, на мечот ДР Конго – Португалија. Немало случаи на резервен фудбалер да не му е дозволено да влезе на теренот затоа што заменетиот играч одолжувал при напуштање на теренот. Според тоа, мора да заборавиме на стариот начин на работа, како што е додавање 30 секунди за секоја замена. Сега играчите го напуштаат теренот во рок од 10 секунди и поради тоа може да се случи да се прават замени во судиското продолжение и да не се додава дополнително време, пишува „Би-би-си“.
Се чини дека барем имало помалку прекини поради повреди, додека судиите брзо им кажувале на некои играчи дека мора да излезат дури и ако немаат физиотерапевт. Правилото за играње со 10 играчи барем една минута се чини дека дејствува како пречка, пишува „Би-би-си“.
Системот видеопомошник-судија (ВАР), кој ги проверува корнерите, веројатно не влијаел на натпреварите, иако ФИФА има многу повеќе судии за видео и подобрена технологија, која не би била достапна за домашните лиги.
Со забраната на тактичките тајмаути за голманите, се чини дека натпреварите имаат подобар тек.
Зошто мерките на Колина може да се сметаат за успех?
Клучната мерка за успех е обично времето на топката во игра. Претходно целта беше да се достигнат 60 минути, но тоа се покажа како многу тешко да се постигне. Дури и на СП 2022 во Катар, со сето тоа дополнително време, ФИФА можеше да добие само до 58,03 минути вистински фудбал, пишува „Би-би-си“. Како се споредува Светското првенство во 2026 година? Прво, автоматските шест минути што се применуваат за паузи за хидратација се отстранети и тоа не е дел од редовното време на натпреварот. Просечното времетраење на натпреварите на ова Светско првенство е 96,08 минути, нешто повеќе од шест минути дополнително за двете полувремиња. На СП 2022 тоа беше 102 минути и 43 секунди за 1. коло. Сепак, на СП 2018 тоа беше 96 минути и 54 секунди, само малку повеќе од СП 2026, пишува „Би-би-си“.
Сите три турнири имаа по четири прегледи на ВАР. Значи, натпреварите се пократки на ова СП отколку на кое било од претходните две, пишува „Би-би-си“. Но дали оваа стратегија е поткрепена со просечното време на топката во игра?
На СП 2018 тоа беше 54 минути и 50 секунди. Со толку многу време на продолжување, не треба да биде изненадување што на СП 2022 се зголеми на 58 минути и осум секунди. Имаше мало намалување на 57 минути и 22 секунди на ова Светско првенство. Дали тоа значи дека сево ова не функционира баш? Најдобриот начин навистина да се процени можеби е да се погледне релативното време на игра со топката. Колкав процент од должината на натпреварот се игра фудбал? Тука гледаме дека ова Светско првенство е најефикасно, 59,38 отсто од времето на натпреварот е поминато со топката во игра. На СП 2022 тој процент беше 56,86, а на СП 2018 беше 56,25.
Ова се први денови на мастерпланот на Колина, но засега се чини дека функционира, пишува „Би-би-си“. Н.М.

































