РАКОМЕТ – РФМ ДОБИ НОВА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ГОЛЕМО НАТПРЕВАРУВАЊЕ
- Претходно РФМ ја доби организацијата и на СП 2027 за ракометари до 21 година и на ЕП 2028 за ракометари до 18 години, што е потврда за континуираната работа на РФМ во развојот и во промоцијата на спортот на меѓународно ниво
Македонија ја доби организацијата на квалификациски турнир за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2027 година за кадетки, во ноември годинава во Скопје, информира Ракометната федерација на Македонија (РФМ). Македонската репрезентација ќе настапи во групата Б, заедно со селекциите на Литванија, Косово и на Грција. Првите две селекции од групата ќе обезбедат пласман на ЕП, а дополнително ќе се пласира и најдоброрангираната третопласирана репрезентација од сите квалификациски групи.
Ова е третпат како годинава РФМ доби можност да биде организатор на големо европско натпреварување. Македонија во април ја доби довербата од Светската ракометна федерација (ИХФ)да биде домаќин на едно од најзначајните младински ракометни натпреварувања во Европа, Светското првенство (СП) во 2027 година за ракометари до 21 година. Македонија ќе биде домаќин и на Европското првенство (ЕП) во 2028 година за ракометари до 18 години. Одлуката беше донесена од Извршниот комитет (ИО) на ЕХФ на состанокот одржан на 13 јуни годинава. Сето ова претставува уште едно значајно признание за македонскиот ракомет и потврда за континуираната работа на РФМ во развојот и во промоцијата на спортот на меѓународно ниво. Г.И.
































