Да му се стави крај и на тивкиот идентитетски топонимски инженеринг

  • Сведоци сме на постепено менување на топонимите – од таблите за населбите, селата, градовите, културните и туристичките знаменитости и низа локалитети, поставени од локалната самоуправа, преку картографијата, па до дигиталните мапи што секојдневно ги користиме, што е најнов случај. На прв поглед тоа изгледа како техничка промена, но всушност претставува тивок идентитетски инженеринг, кој ја еродира културната меморија и создава паралелни симболички светови

Во едно тетовско маало, стар тетовец секое утро излегувал пред својата куќа и со гордост гледал кон таблата на улицата што ја носела истата ознака со која тој израснал. „Ова не е само име“, им велел тој на своите внуци, „ова е нашата приказна, нашата меморија“. Но еден ден таблата била заменета со друго име – непознато за него, неповрзано со неговите спомени. Внуците го прашале: „Дедо, зошто улицата се вика поинаку?“ Тој само воздивнал и рекол: „Кога се менува името, се менува и дел од нас“. Години подоцна одлуката на Уставниот суд да ја укине незаконската постапка за преименување на улиците во Тетово му дала чувство дека правдата, иако бавна, сепак стигнува. Таа одлука не била само правен чин – била потсетник дека државата има сила да ја заштити културната меморија и да ја врати сигурноста во симболите што нè обединуваат.

Укинувањето на одлуката на Советот на Општина Тетово од 24 април 2007 година за преименување на инфраструктурните објекти во градот, од страна на Уставниот суд, е потсетник дека правната држава во Македонија има институционален капацитет да ги исправи неправдите и незаконитостите, без оглед колку време поминало од нивното донесување. Почитувањето на Уставот и законите е темел на секое демократско општество, што токму оваа пресуда го потврдува.

Но суштината на проблемот е многу подлабока и не може да се сведе само на административна процедура. Сведоци сме на постепено менување на топонимите – од таблите на улиците и патиштата поставени од локалната самоуправа, преку картографијата, па до дигиталните мапи што секојдневно ги користиме, што е најнов случај.

На прв поглед тоа изгледа како техничка промена, но всушност претставува тивок идентитетски инженеринг што ја еродира културната меморија и создава паралелни симболички светови. Топонимите се повеќе од зборови на табли – тие се архиви на јазикот, сведоштва за историјата и мостови меѓу генерациите. Кога едно име исчезнува или се заменува со паралелна форма, тоа не е само превод, туку симболичка замена на културниот код. Секое име носи приказна: името на селото ја чува меморијата за неговите основачи, името на реката ја пренесува легендата за нејзиниот тек, името на планината ја одразува духовната врска меѓу човекот и природата.

Во дигиталната ера овој процес добива нова димензија. Глобалните платформи како „Гугл мапс“ или други картографски алатки стануваат арена каде што се води политичка борба. Таму, со еден клик, може да се избрише вековна меморија и да се создаде нова симболичка реалност, која не кореспондира со правниот поредок и културното наследство. Оваа практика не е невина. Таа создава паралелни светови – еден официјален, запишан во законите и документите, и друг дигитален, кој полека влегува во секојдневната употреба. Во таа тивка замена се крие опасноста: идентитетот се еродира, не преку отворен конфликт, туку преку постепено навикнување на нови имиња, нови симболи, нови кодови.

Затоа е неопходно да се нагласи дека дигиталната област мора да биде регулирана со истата сериозност како и физичката. Ако дозволиме топонимите да се менуваат без контрола, тогаш ризикуваме да изгубиме дел од нашата културна меморија и да создадеме институционална нерамнотежа. Името на улицата, селото или планината не е само знак на карта – тоа е сведоштво за постоењето на еден народ, за неговата историја и за неговата врска со просторот.

Во ерата на глобалната дигитализација, секоја промена на топонимите станува повеќе од локален административен чин – таа станува дел од глобалната симболичка архитектура. Кога на дигиталните мапи се појавуваат паралелни имиња, тоа создава впечаток дека постојат два света: еден официјален, запишан во законите и документите, и друг виртуелен, кој полека го заменува во секојдневната употреба. Таа двојност не е само техничка туку и суштинска – таа влијае врз начинот на кој граѓаните се идентификуваат со својата земја и култура.