Настани, симболи, алузии
Текстот што ќе го читате денес нема блиска врска со актуелните политички случувања, иако низ него може да се забележи извесна нишка што ги поврзува дамнешното минато и неговите рефлекси за денешната состојба како на Балканот така и во Македонија. На читателите им го нудам не како историско четиво, не како научно откритие, туку само како информација за дел од помалку позната историска заднина, како забава, како рекреација, одмор од замрсената и стресна политика неповолна за нашата држава.
Во весници, на радио и телевизија, по портали, поткасти и други форми на јавно информирање многу се зборува за браќа Бугари, браќа Срби, Грци и Албанци, за браќа Руси и Унгарци, браќа Американци и Западноевропејци. Ретко кој или никој не зборува (не пишува) за браќа Турци. А нема да биде невистина, ниту срамно признание, отворено да се каже дека Република Македонија (сега Северна) ако со некого има долга заедничка историја, на прво место би излегла денешна Република Турција, наследничка на поранешното Отоманско Царство, познато и како Отоманска Империја.
И покрај тој историски неспорен доказ, Македонија и Турција денес немаат некакви државни или локални спорови, преговори, договори, спогодби и слични идентитетски спорови, географско-територијални претензии. Минатото е минато, сегашноста, стварноста е сѐ, она што е живо и што функционира меѓу двете држави и двата народа. Без проблеми, без закани, без ултиматуми и дипломатско-државнички уцени.
Турците се еден голем народ, кој петстотини години управувал со еден мал народ на голема географска територија што и денеска го носи топонимот Македонија. По Балканските војни и со мировниот договор од Букурешт во 1913 година е поделена на грчка (Егејска), бугарска (Пиринска) и српска. Српскиот дел по 1941 година го зазеде Бугарија, а по 1944 година, по крајот на Втората светска војна, таа територија конечно им припадна на оние на кои природно им припаѓа – на Македонците.
Турција не ни е сосед, но на Македонија ѝ е една од најблиските држави. Ако работите се согледуваат според релевантни историски извори, ако се отвораат тефтери, ако се отвораат тогашни „книги“ (китапи) на родените, ќе се види дека сите наши дедовци, прадедовци биле пишани како поданици на Турција, родени во Турција, нивна раја, нивна потлачена аргатска класа. Ако турските власти побараат да им бидат вратени или платени (како што бараат некои други) куќи, џамии, сараи, безистени, бит-пазари, направени џадиња, ете ти меѓународен проблем, кој ни за сто години не ќе може да си го види крајот. И по создавањето на турската република во 1923 година до денес турските власти со симпатии гледаат на македонскиот народ, на неговиот идентитет, култура, христијанска вера и традиција…
Како настанала Османската Империја и кога нејзините први вооружени орди дошле на територијата на Македонија?
Легендата вели дека момчето Осман, кое заспало во куќата на шејхот, неговиот духовен татко, видело во сонот како месечината излегува од градите на светиот човек и влегува во неговите сопствени. Сонувал како од папокот му излегува огромно разгрането дрво, кое фрла сенка на цел свет. Видел во тие сенки планини и долини, води и потоци и луѓе што пијат од таа вода и ги полеваат своите бавчи. Кога се разбудил му го раскажал сонот на шејхот и побарал да му го протолкува. Овој му рекол: „Османе сине, ти честитам. Алах тебе и на твоите потомци ви даде царско звање и моќ над светот. Еве, како награда ти ја давам и ќерка ми за твоја жена“.
Значи, Осман е првиот турски цар, поточно султан, и по него го добило името повеќевековното силно Османско Царство. Вториот е Орхан. Третиот е Мурат, син на Орхан, главната личност на овој текст, кој има врска со Македонија, со македонската далечна историја. Имено, Мурат е првиот турски водач и војсководец што стапнал на балканска почва. Тој во 1371 година ја прегазил реката Марица, која е географска балканско-европска граница, ги поразил христијанските сили, составени главно од пијани српски војници. Ова со пијаните Срби можеби е и измислица, но историјата кажува дека, всушност, неслогата на балканските христијански народи многу придонела да биде олеснет продорот на Османлиите кон Европа.
Било како било или како што се прикажува, едно се приказните, друго се документите, што би рекле историчарите. Еден од тие документи, сочуван, а не наново напишан, е ферманот од 1386 година, со кој султанот Мурат Први го овластува Еврен-бег да управува со јужна Македонија. Токму така – со јужна Македонија. Со возвишениот султански потпис тој го наредува следното: „На неговото достоинство, заштитникот и основач на провинцијата, гордост меѓу благородните освојувачи, заповедникот на војниците за вера и за истребување на неверните незнабошци, на хаџи Еврен-бег, среќата цел живот да биде со него, за неговите заслуги му ги доделувам градот Џумурџин, градот Сер, сѐ до Битола, до Биглиште и Хрупиште, кои отсега ќе бидат еден румелиски санџак, и кои тој ги заслужи со својата сабја“.
„Те назначувам за главен заповедник на овие земји и на овие борци за верата. Биди им верен господар. Само чувај се суетноста и возгордеаноста, самофалбите, да не те натераат да кажуваш дека ти си ги отворил и освоил овие делови на Румелија. При ширењето на османската власт кон Европа имај на ум и не заборавај дека земјата прво му припаѓа на Господ, а потоа на Пророкот и дека преку нив и преку мене ти е дадена тебе“ (за појаснување: во Румелија спаѓале цела географска Македонија, цел Балкан и сите народи што живееле на тие простори. Другото била Анадолија. Имињата на местата во текстот се дадени според денешните, македонски, а не според турските топоними. Големите села Биглиште и Хрупиште се наоѓаат во околината на Корча, односно се во близината на денешната гранично тромеѓа меѓу Македонија, Албанија и Грција, недалеку од Преспа како целина).
Она што е поинтересно се запишаните совети што султанот Мурат, заедно со ферманот, му ги дал на својот намесник Еврен-бег, совети што до денес не изгубиле од својата актуелност, свежина и морални принципи. Еве какви совети му напишал: „Прими го овој совет и запамети го. Знај дека местата што ги доби во Румелија се оддалечени едно од друго. За да владееш со нив, да ги задоволиш нивните потреби и да го зачуваш мирот, ќе мора да собереш околу себе луѓе од сабја и од перо. Чувај се да не посегнеш по богатството на блиските. Не мешај се во божјите работи, не верувај му никому и не отворај се пред никого. Ќе видиш многумина што прекуден постат, а ноќе се на нозе и вршат разни работи, иако му се клањаат на идолот. Чувај се од таквите. Не дозволувај да те залажува надворешниот изглед. Ако сакаш некого да поставиш на некое место, не потпирај се на тоа што го знаеш за него од порано. Можеби во меѓувреме се променил, зашто се знае дека телото на синот човечки е подложно на секакви промени. Затоа распрашај се наоколу, биди внимателен и добро запознај го онега кому му доверуваш некоја работа. Види дали останал истиот од времето кога го знаеш и според тоа мери ги неговите зборови.
Послушај го и овој совет: ако намесниците што ќе ги одредиш да ти служат во внатрешноста бидат работливи и чесни, ќе и биде добро и на рајата. Нареди им на сите од друга вера да ги сметаат муслиманите за свои браќа. Поданиците да не се држат строго, нека не им се прави лошо и да не бидат казнувани без причина. Намесниците нека имаат постојано на ум дека ќе дојде ден кога записите со делата сторени во минатото ќе паѓаат како снег, дека ќе дојде денот кога ќе се пресудува.
Нека водат грижа за сиромасите. Нека им обезбедуваат доволно средства за живот. Сиромашните на Алах му се драги, тој на себе го презема нивното сиромаштво, кога ќе дојде денот тој не ќе прави разлика за оние што имаат богатство. Почитувај ги угледните луѓе, особено учените, како и шејхот Фекија, шејх на исламот за цела Румелија. Води сметка за своите имами, кои се наследници на Пророковите потомци. Укажувај им љубов и милост, почитувај ги и штити ги.
Отвори ги вратите за награди и дарови на спахиите.Чувај се да не бидеш со преширока рака, но немој да бидеш циција. Не примај од нив ни најмала награда затоа што си ги поставил. Не земај лесно, не биди лаком. Работи чесно. Не фали се пред други со својата храброст и јунаштво, но гледај сабјата секогаш да ти биде наточена и остра. Добро храни го својот коњ“.
Погоре цитираното писмо е напишано во 1386 година по сегашниот календар, односно 788 по исламскиот. Тогаш Еврен-бег бил назначен за царски намесник во Македонија, а пред тоа бил еден од првите акинџии, нерегуларни пешадиски војници – единици што војувале за плен. Сѐ што ќе запленеле станувало нивна сопственост. Одлуката да го постави на тоа место се смета како важен политички стратегиски потег водачите на немилосрдните и неконтролирани акинџии да ги интегрира во државниот систем.
Мурат е основачот на првиот јаничарски одред составен од христијански деца што се собирале преку таканаречениот „данок во крв“. На освоените територии плански почна да населува Турци од Анадолија. Тој е првиот што формира диван (влада) предводен од везири (премиери). Запаметен е по неговата мудра и далекосежно важна одлука на потчинетите христијани да им се дозволи да си ги задржат верата и црковните судови, да градат верски објекти, ако селаните редовно му го плаќаат данокот десеток. Во хрониките е запишан како одличен стратег и тактичар, визионер, реформатор. И особено како водач што знаел дека најмудри се оние што се опкружуваат со мудри и способни луѓе, не со ласкавци и полтрони.
Како што е кажано на почетокот, Мурат е првиот османски војсководец што згазнал на европска почва и го освоил цел Балкан. На балканска земја ја предаде душата на Алах, во познатата Косовска битка во 1389 година. Со нож го прободе Милош Обилиќ, српски легендарен јунак, за кого албанските историчари тврдат дека не бил Србин, туку Албанец.
Отоманската династија опстојувала шест века, од кои пет владеела со територијата на географска Македонија. За тоа време на чело на царството се смениле 36 султани, кој пократко кој подолго. Најдолговечен бил султанот Сулејман, со прекар Величествениот, кој стигнал до Виена што неуспешно ја опсадил. Нивното владеење завршило во 1922 година. Почнувајќи од Мурат до последниот султан Мехмед Шести, на Балканот оставиле толку многу траги и редица отворени историски прашања што и денес не се докрај расчистени.
Македонија не е исклучена, ниту пак целосно излечена од болестите на тој отомански лавиринт низ кој се движел македонскиот народ. Меѓу големиот број турцизми во јазикот, останало наследството и денешните главни политички партии да го носат народски називот „султан-партии“, а лидерите да се изедначуваат со власта и моќта на отоманските владетели.

































