Магдалена Стојмановиќ-Константинов
Во сите познати општества низ историјата нееднаквоста била присутна, а колку што општествата стануваат посложени во својата структура на макро, мезо и микроодноси толку нееднаквоста станува поизразена. Во суштина, научната фантастика преку сценариото за „купување“ и „продавање“ на времето покажува дека оваа можна појава од иднината ја открива нееднаквоста во општеството. Но не е далеку и од сегашните случувања и околности, кои современиот зафатен човек малку ги забележува.
На пример, фактот дека богатите луѓе имаат поголем пристап до лекови, современи лаборатории, не работат по рудници, имаат можност да живеат во неконтаминирана животна средина, да се грижат за своето ментално здравје и да плаќаат скапи сеанси, да одат на одмор неколкупати и да се хранат здраво со помош на нутриционист, додека оној слој на граѓани што преживува со минимална плата ја нема истата пристапност, тоа не само што се огледува во квалитетот на животот туку често и во неговата должина.
Во иднина, кога времето потенцијално би станало валута со која би можело хипотетички да се тргува, таа разлика во должината на животот би била поочигледна. Но ова е само премисата на научнофантастичното сценарио, кое насликува што би се случило доколку времето стане валута. Втората импликација од ова сценарио е – колку е важна слободата во услови на нееднаквост. Кој е квалитетот на животот и сфаќањето за него доколку сме свесни дека имаме уште пет години живот, а што се случува кога би знаеле дека имаме уште сто години живот или евентуално сме бесконечни?
Мартин Хајдегер вели дека времето е тесно поврзано со перцепцијата за вредноста на човечкиот живот низ перспектива на времето. Токму конечноста како човечко огледало ја раѓа потребата за осмислување на човечкиот живот. Фактот дека човекот е свесен дека е конечен и дека животот има крај го тера да носи одлуки, да биде креативен и да се бори да им додаде смисла на работите и своите постапки.
Анри Бергсон прави разлика помеѓу „мерливо време“, кое може да се измери на часовник, и живеено време, кое го доживуваме како интуитивен континуитет на свеста. Според Бергсон, слободата нема никаква врска со механичкото време – во смисла: имам уште еден час одмор или половина час пауза – туку со интуитивното разбирање на континуитетот на свеста, кој од секој од нас прави единствени целини и можност истиот тој од пред десет години да го поврземе со сегашниот тој, иако сме додале 20 килограми, брчки на лицето или сме ја смениле бојата на косата.
Една од најинтересните тези за врската помеѓу времето и слободата во филозофијата дава Валтер Бенјамин. Тој вели дека „историското време“ е скршено, а не линеарно време, а тогаш кога ќе настане прекин на континуитетот настанува слободата. Во психолошка смисла, тоа е оној момент кога сакаме да „расчистиме со старата“ слика за себе и вртиме нов лист, односно психолошки почеток.
Пол Рикер смета дека чинот на слободата се раѓа во раскажувањето на сопствената временска линија. Можноста себеси да се прикажеме како лик во едно сценарио, со свое минато, избори и планови, е најјасен чин на слобода.
Токму затоа, кога научната фантастика го разгледува времето како валута, таа користи голем број филозофски концепции. Во тој случај таа не само што говори за несразмерност во дозирање на смисла во човечкиот живот, условена од неговата конечност, туку говори и за слободата, односно го поставува клучното прашање: Дали слободата воопшто би имала некаква смисла доколку човекот е бесмртен?

































