Фото: Маја Јаневска-Илиева

ФОРМАТИРАЊЕ НА ЕВРОПСКАТА „ВТОРА ЛИГА“

Последните пораки што доаѓаат од Брисел се претставуваат како нов импулс за европското проширување. Отворањето на првите кластери во преговорите со Украина и Молдавија беше прогласено за историски момент, а европските претставници зборуваат за „нова енергија“ во политиката на проширување. Но зад свечената реторика се наѕира една поинаква реалност: Европската Унија не го забрзува проширувањето, туку го редефинира. Токму затоа, таканаречениот нон-пејпер што последните месеци циркулира низ европските институции не треба да се чита како документ за побрз прием на нови членки. Напротив. Тој претставува обид за институционализирање една нова политика – политика на постепено приближување без јасна гаранција за полноправно членство.

Мерц и Макрон ја кажаа суштината

Она што долго време се навестуваше зад затворени врати, денес веќе јавно се артикулира од најмоќните европски престолнини. Иницијативите што ги поддржуваат Берлин и Париз, а кои беа дополнително афирмирани преку настапите на Фридрих Мерц и Емануел Макрон, всушност означуваат прекин со досегашниот концепт на проширување. Досега формулата беше релативно чиста, освен за нас: реформи, исполнување на критериумите и полноправно членство. Денес се нуди нова формула: реформи, постепена интеграција, делумен пристап до европските политики и фондови, а прашањето за членството да остане отворено за некоја неодредена иднина. Во таа смисла, Брисел повеќе не зборува за влез во Унијата, туку за „различни степени на приближување кон Унијата“. (!?)

Изјавата на Марта Кос го открива вистинскиот правец

Најсилниот аргумент дека не станува збор за забрзување на проширувањето дојде токму од еврокомесарката за проширување Марта Кос.
– Нејзината изјава дека новите членки би можеле да бидат ограничени во користењето клучни права, вклучувајќи го и правото на вето, во период од пет, десет, па дури и петнаесет години по приемот, претставува политички преседан. Формално, Кос инсистира дека нема да постои „половина членство“. Но суштински, токму тоа се предлага. Ако една држава стане членка, а во исто време нема да може целосно да учествува во носењето на одлуките, тогаш станува збор за членство со ограничен суверенитет. Тешко е да се најде поинакво толкување на предлогот според кој новите членки би биле под посебен режим на надзор една и пол деценија по влезот во Унијата – велат нашите соговорници, дипломати.

Тие додаваат дека причината за оваа промена е очигледна.
– Во Брисел расте незадоволството од начинот на кој Унгарија ги користи механизмите што ги има како полноправна членка. Споровите околу Украина, санкциите кон Русија, буџетските прашања и надворешната политика ја отворија дилемата дали Унијата може да си дозволи нови држави што би имале можност да блокираат стратешки одлуки. Но наместо да го менуваат принципот на едногласност за сите членки, големите европски сили сè повеќе размислуваат за систем во кој новите држави ќе имаат помалку права од старите. Така се создава нова политичка хиерархија во рамките на европскиот проект – тврдат нашите брифери, дипломати од кариера.

Европска политичка заедница – првата станица на новиот модел

Всушност, контурите на оваа нова архитектура се видливи веќе неколку години. Во 2022 година Макрон ја промовираше Европската политичка заедница како простор за политичко приближување на земјите што не се членки на ЕУ. Подоцна, Урсула фон дер Лајен ја надгради идејата преку концептот на постепена интеграција низ повеќе функционални столбови – заеднички пазар, енергетика, безбедност и други области. Денес тие иницијативи сè повеќе личат на темелите на еден нов европски круг, кој се наоѓа меѓу статусот на кандидат и статусот на членка. Тој круг нема јасно дефинирани институции, нема јасно дефинирани права, но има една клучна карактеристика: овозможува државите да бидат трајно врзани за европските политики без да станат рамноправни членки на Унијата.
– За земјите од Западен Балкан оваа трансформација носи особено важна порака. Брисел со години тврдеше дека проширувањето е прашање на исполнување критериуми. Денес станува сè поочигледно дека прашањето е и геополитичко, институционално и безбедносно. Тоа значи дека дури и кога кандидатите ќе ги исполнат барањата, патот до полноправно членство може да остане политички блокиран. Оттука, новите европски иницијативи не треба автоматски да се толкуваат како доказ дека Унијата е подготвена за нов бран проширување. Напротив, тие може да се читаат и како подготовка за долгорочен модел на контролирано приближување без прецизен датум за членство – објаснуваат дипломатите.

Новата реалност што ја креира Брисел

Затоа главното прашање денес не е кога ќе се прошири Европската Унија, туку дали воопшто сегашниот модел на полноправно членство останува крајната цел на европската политика. Изјавите на Марта Кос, предлозите што ги туркаат Париз и Берлин и концептите на постепена интеграција укажуваат на една нова реалност. Имено, Европа создава повеќеслоен систем во кој ќе постојат различни категории на интеграција.
– Во вака предложен систем, кандидатите може да бидат сè поблиску до Унијата, а сепак да останат далеку од рамноправното место на европската маса. Токму затоа приказната за „забрзано проширување“ денес звучи повеќе како политичка формула за јавноста отколку како реален план за скорашно полноправно членство. Зад новата европска реторика сè појасно се наѕира создавањето на една европска „втора лига“ – простор на интеграција без еднаквост, приближување без гаранција и членство што постојано се одложува кон некоја далечна иднина – објаснуваат нашите соговорници, кои имаат повеќедецениско искуство како професионалци во дипломатијата и меѓународните односи. П.Р.