Доста се лажевме: Бугарија никогаш нема да престане да ја уценува Македонија

Доста веќе се лажевме дека постои некаква последна отстапка по која Бугарија ќе каже: „Еве, сега сте добри, повелете во Европската Унија“.
Такво нешто не постои.

Со години ни се продаваше приказната дека проблемот е во нас. Дека не сме направиле доволно. Дека треба уште малку трпение, уште малку разбирање, уште некој компромис, уште некоја жртва и конечно ќе стигнеме до целта.

Но секој што барем малку искрено ги следел односите меѓу Македонија и Бугарија, денес мора да си признае дека проблемот никогаш не бил во тоа дали Македонија дала доволно. Проблемот е што за Бугарија никогаш не постоел ставот „ова е последна отстапка на Македонија…“

Бугарија со години мудро молчеше додека Грција ги ставаше ветата и ја играше улогата на лошиот сосед. Не случајно. Така беше многу полесно. Додека целиот гнев на Македонците беше насочен кон Атина, Софија трпеливо чекаше на својата шанса.
И токму кога беше потпишан Преспанскиот договор, кога беше сменето името и кога многумина искрено поверуваа дека најтешкото е зад нас, одеднаш излезе сета злоба што со децении тивко се ткаела во бугарската политика кон Македонија.

Тогаш стана јасно дека приказната не завршува со Грција. Напротив, дури тогаш започнува ново поглавје.

Ако Бугарија уште на самиот почеток, заедно со Грција, ги поставеше своите вистински барања, ако уште тогаш отворено кажеше дека има проблем со македонскиот јазик, историја, идентитет и со самото постоење на македонската нација, сигурно многу работи во Македонија ќе се одвиваа поинаку.

Никој немаше да живее во илузија дека со промената на името ќе завршат проблемите. Народот барем ќе знаеше со какви пречки и со каква политика си има работа.

Но, тоа не беше избраниот пат.
Многу поудобно и поитро за Бугарија беше таа да чека. Да дозволи Грција да ја заврши својата работа, а потоа, кога Македонија веќе ќе биде ослабена, разочарана и длабоко поделена, да започне нов круг на условувања.

И затоа денес е време да престанеме да се залажуваме.

Можеме да менуваме устави. Можеме да прифаќаме нови барања. Можеме да даваме нови гаранции. Можеме и Бугари да се пишуваме. Можеме и јазикот да го преименуваме. Секогаш ќе се појави нешто ново.

Затоа што проблемот не е во тоа што Македонија не исполнува услови.
Проблемот е многу подлабок.

Со влезот во Европската Унија, Македонија и Бугарија ќе седнат на иста маса, со исти права и со ист глас. Тогаш веќе нема да постои однос во кој едната страна е господар, а другата постојано мора да се правда, да се извинува и да докажува дека има право да постои.

Тогаш веќе нема да има кој да уценува и кој да биде уценуван.
И токму затоа не постои теоретска шанса Бугарија доброволно да се откаже од пеколниот инструмент што денес ѝ овозможува од позиција на ѓаволска сила да се однесува кон Македонија.

Ниту една држава во историјата не се откажала доброволно од моќта што ѝ носи политичка предност. Зошто тогаш некој верува дека Бугарија ќе биде исклучок?
Затоа, ако Европа навистина сака Македонија да стане членка на Унијата, решението нема да дојде од Софија.

Решението може да дојде само од Брисел, преку механизам што нема да дозволува билатералните спорови да бидат претворени во бесконечно средство за блокада и уцени.

Во спротивно, ќе продолжиме да живееме во истата заблуда во која живееме со години – дека само уште ова треба да се направи и потоа конечно ќе биде крај.
Но проблемот е што крајот постојано се поместува.

И можеби најтешката вистина што треба да си ја признаеме е следната:
Бугарија не се плаши од тоа што Македонија ќе влезе во Европската Унија.
Бугарија се плаши од денот кога Македонија и Бугарија ќе седнат како рамноправни држави, на иста маса, со исто право на глас, и кога вистината повеќе нема да се кажува само од едната страна.

Затоа, да не се лажеме. Ако Европа не најде начин да го заобиколи бугарското вето, не постои теоретска шанса Бугарија сама да се откаже од можноста од позиција на сила да ја уценува Македонија.

И токму затоа, најголемата заблуда не е дека сме направиле малку, туку дека постои нешто што некогаш ќе биде доволно.