Доведувате преслатко кученце во вашиот дом и го учите сè што треба да научи, но штотуку ја започнувате обуката за послушност и социјализација. И токму тогаш добивте покана за забава на која не сакате да одите бидејќи кучето ќе остане само дома. И што друго можете да направите освен да го земете со вас, иако не е покането. Таму, вашето куче поминува два часа скокајќи по децата и гостите, јадејќи сè што може да најде, пребарувајќи низ кантите за ѓубре, третирајќи го домот на вашите домаќини како свое лично игралиште.
Ова е дилемата на современиот бонтон: сопствениците ги сакаат своите кучиња и ги третираат како свои деца, па одлучуваат дека љубовта им дава право да ги носат своите кучиња апсолутно насекаде. Дали се во право?
Добро обучено куче што оди на поводник и следи команди, не е проблем ако е покането заедно со вас од домаќините на забава. Исто така и мирно куче што ќе помине време во дворот на пријателите што се љубители на животни. Настани на кои присуствуваат љубители на кучиња, собири каде што домаќинот конкретно ве поканил да дојдете со вашето куче – ова се ситуации каде што вашето куче е добредојдено.
Но, понекогаш има пречки – луѓето со хронични болести, анксиозност или други ментални проблеми нема лесно да го толерираат присуството на куче. Но, кучињата за помош и поддршка – животни специјално обучени да извршуваат задачи за лица со попреченост – одат каде и да оди нивниот сопственик и тука нема расправа.
Проблемите почнуваат кога сопственикот ќе каже „моето куче ми е најважно“ и „моето куче мора да биде добредојдено каде и да сум јас добредојден“. Присуството на куче на друштвено собирање ги менува енергијата во просторијата, однесувањето на гостите и искуството на домаќинот. Не се сите луѓе среќни кога се околу кучиња, 10-20 проценти од луѓето имаат некаква алергија на домашни миленици, дури и малите кучиња може да предизвикаат големи проблеми, а да не зборуваме за луѓето што имале непријатни искуства со кучиња. Малите деца се особено ранливи и не може да се очекува од нив да останат мирни додека сакаат да го „поздрават“ кучето. Затоа треба добро да размислите дали треба да го земете со вас вашето милениче кога сте поканети на некоја домашна прослава или средба.

































