Фото: ЕПА

Името на американскиот претседател Доналд Трамп утринава беше отстрането од фасадата на „Центарот Кенеди“ во Вашингтон, откако федерален суд пресуди дека преименувањето на институцијата не може да се изврши без одобрение од Конгресот, пренесе „Си-ен-ен“.

Работите за отстранување на натписот започнале во раните утрински часови, кратко по истекот на рокот што судот ѝ го постави на федералната влада за спроведување на одлуката. Работниците ги демонтирале буквите со името на Трамп во операција што траела околу половина час.

Контроверзната одлука за преименување беше донесена во декември од Управниот одбор на центарот, со кој претседава Трамп. Тогаш беше изгласано институцијата да го носи името „Меморијален центар за сценски уметности Доналд Џ. Трамп и Џон Ф. Кенеди“.

Сепак, федералниот судија Кристофер Купер на 29 мај пресуди дека единствено Конгресот има законско овластување да го менува името на културната институција. Со одлуката беше наложено името на Трамп да биде отстрането од зградата, официјалната веб-страница и сите промотивни материјали, пишува „Ројтерс“.

Министерството за правда претходно побара продолжување на рокот за извршување на наредбата, наведувајќи дека временските услови и невремето можеле да ја загрозат безбедноста на работниците. Судот, сепак, остана на ставот дека одлуката мора да биде спроведена.

Центарот е отворен во 1971 година како национален споменик на Џон Ф. Кенеди, кој беше убиен во 1963 година. Одлуката за неговото преименување предизвика политички и правни реакции, а случајот сè уште е предмет на жалбена постапка пред федералниот апелационен суд.