Задоцнето бриселско преиспитување

Процесот на длабоко внатрешно преиспитување на Европската Унија што навидум долго време тлееше под површината на европската политика, се чини дека неделава најпосле излезе на виделина со неколку звучни објави. Дознавме дека нон-пејперот од Тиват го враќа во фокусот проектот за таканареченото „фазно пристапување“ и Европа во повеќе брзини при проширувањето на Унијата, слушнавме спротивставени идеи за следниот долгорочен буџет на ЕУ, чие кратење бараат побогатите земји членки, додека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја турка определбата за нови даноци, а излезе и информација дека Франција, Германија и уште неколку влијателни држави размислуваат за сериозна реконструкција на дипломатската служба на европскиот блок.
Во средиштето на последната расправа се наоѓаат високата претставничка за надворешна политика Каја Калас и Европската служба за надворешна акција. А кога институција создадена да обезбеди заедничка надворешна политика, по петнаесет години постоење станува предмет на разговори за радикално преструктурирање, тоа е знак дека очекувањата и резултатите не се совпаднале. Но уште поинтересно е што во самата дебата се појавуваат различни и меѓусебно спротивставени решенија. Една опција предвидува префрлање на поголем дел од надворешнополитичките надлежности во Европската комисија. Втора би им дала поголема улога на земјите членки преку Европскиот совет. Трета, пак, предвидува зајакнување на позицијата на високиот претставник и негово подобро интегрирање во процесите на донесување одлуки. Самото постоење на три значително различни концепти покажува дека Унијата често нема јасна долгорочна визија за функционирањето на сопствените институции.
Но суштината е многу поширока бидејќи го отвора прашањето дали сегашниот модел на европско управување може да одговори на актуелните предизвици, кои стануваат сѐ повеќебројни. Последните неколку години беа вистински тест за европските институции. Војната во Украина, конфликтите на Блискиот Исток, економските тензии со САД и со Кина, енергетската криза и забрзаните промени во глобалната безбедносна архитектура бараа брзи и координирани одговори. Наместо тоа, Европската Унија често остава впечаток дека троши повеќе време на усогласување на ставовите отколку на нивно спроведување.
Извесно е дека Париз и Берлин се незадоволни од бавноста на Брисел, но истовремено француско-германската оска, која важи за традиционален столб на европската интеграција, покажува знаци на замор и политичка фрагментација. Забележливо е дека Франција сè почесто настапува со еднострани иницијативи, додека Германија се двоуми меѓу економскиот прагматизам и геополитичките обврски. Во ваков контекст, европската надворешна политика сè почесто оддава впечаток дека дејствува реактивно наместо стратегиски.
И во однос на проширувањето, што Македонија најмногу ја засега, сè поочигледни се и структурната бавност и нерешителноста на Европската Унија. Иако процесот формално останува еден од клучните стратешки инструменти на Унијата, во пракса тој со години поминува низ одложувања, условувања и политички блокади меѓу земјите членки. Недостигот од јасен консензус за насоката на проширувањето создава впечаток дека ЕУ и тука дејствува реактивно наместо да иницира јасно решение. Дополнително, секое ново пристапување се претвора во долготраен тест на трпение и за кандидатите и за самата Унија, што ја доведува во прашање нејзината кредибилност. Оваа динамика укажува дека проширувањето од технички процес се претвори во симптом на поширока внатрешна неодлучност.
Затоа во последната деценија сè повеќе земји членки почнаа да го преиспитуваат балансот меѓу наднационалното управување и националниот суверенитет. Овој процес често се опишува како подем на суверенизмот, но таквата дефиниција не е потполно соодветна. Најголемиот број политички сили што бараат промени, бараат поинаква Унија. Помалку централизирана, повеќе флексибилна и почувствителна на националните специфики. Овој тренд може да се забележи од Будимпешта и Братислава до Париз, Рим и Берлин. Се поставуваат прашања за тоа колку далеку треба да оди интеграцијата, колку моќ треба да имаат европските институции и дали постојниот модел е способен да се справи со реалните проблеми.
Во таа смисла, Европа се движи кон фрагментирана интеграција. Единството повеќе не се подразбира. Тоа мора постојано да се договара, обновува и одржува преку компромиси. Токму оваа промена создава дополнителен притисок врз институциите во Брисел. Колку повеќе расте политичката разновидност меѓу земјите членки толку потешко станува носењето заеднички одлуки. Колку повеќе националните влади инсистираат на сопствени приоритети толку посложен станува процесот на координација.
Унијата поседува огромна економска моќ, значителни финансиски ресурси и дипломатска мрежа што се протега низ целиот свет. Но кога ќе се појави голема геополитичка криза, процесот на носење одлуки често се претвора во сложен лавиринт од институционални процедури, политички компромиси и национални вета.
Пред Брисел затоа се поставува комплексна задача: да пронајде нова рамнотежа меѓу ефикасноста и легитимноста, меѓу заедничкото дејствување и националната автономија. Во таа потрага се очекуваат промени што ќе доведат до поголема ефикасност на ЕУ за одглавување на проширувањето и на други значајни процеси, чија важност ги надминува рамките на Унијата. Длабокото внатрешно преиспитување веќе е задоцнето и треба да заврши.