Презентирана платформата АРБУ за рангирање на балканските универзитети
- Презентацијата на АРБУ ја отвори дебатата за рангирањето на македонските универзитети, нивната научна продуктивност и потребата од системски реформи за поголема конкурентност во регионот
Во македонската Стопанска комора вчера се одржа значаен настан посветен на состојбата и иднината на високото образование во земјата и регионот. Презентацијата на платформата АРБУ (Academic Ranking of Balkan Universities) ја отвори дискусијата за тоа каде се наоѓаат македонските универзитети во 2025 година и какви реформи се неопходни за нивно подобрување. Претседателот на АРБУ, Марјан Бојаџиев, ја претстави методологијата заснована на цитати и продуктивност по професор, нагласувајќи дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје има 968 професори и 341.852 цитати, но сепак заостанува зад универзитетите во Загреб, Белград и Љубљана.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави поддршка за иницијативата и истакна дека Владата ќе работи на зголемување на истражувачката продуктивност и интернационализација на универзитетите. Настанот беше збогатен со обраќања на домашни и меѓународни експерти. Со своето искуство во медицинските и економските науки, д-р Сашко Кедев дополнително ја продлабочи дискусијата.
Македонското високо образование во 2025 година – меѓу застојот и потребата за реформи
Според резултатите од Академското рангирање на балканските универзитети (ARBU), најголемиот државен универзитет – „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) – во 2025 година падна на 12-то место во регионот, зад универзитети од Хрватска, Србија, Словенија и Босна и Херцеговина. Истражувањето, кое користи библиометриски податоци од Google Scholar, покажува дека македонските институции заостануваат во научната продуктивност и меѓународната видливост. Додека универзитетите во Загреб, Белград и Љубљана бележат двоцифрен раст на цитати, УКИМ бележи скромно зголемување од само 8,19%.
– Универзитетот не само што не напредува, туку постепено губи чекор со регионалните конкуренти – се наведува во студијата.
На национално ниво, УКИМ останува доминантен со повеќе цитати од сите останати македонски универзитети заедно. Сепак, разликата во ефикасноста е очигледна: Универзитетот во Крагуевац остварува 1.212 цитати по професор, додека УКИМ едвај достигнува 213. Во рамките на Македонија, зад УКИМ следуваат Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Југоисточниот европски универзитет (SEEU) и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Но, ниту една институција не успева да се пробие во врвот на регионалната листа.
Авторите на истражувањето предупредуваат дека без сериозни реформи во истражувачкиот капацитет, интернационализацијата и управувањето со институциите, македонското високо образование ќе остане неконкурентно.
– Системот е признат како квалитетен, но е оптоварен со тешкотии кои го спречуваат напредокот – се заклучува во трудот.
Оваа анализа ја става Македонија пред јасен предизвик: дали ќе остане во сенка на регионалните конкуренти или ќе вложи во реформи што ќе ја вратат на академската мапа на Балканот и пошироко.
Македонските универзитети меѓу застојот и потенцијалот: УКИМ води, но реформите се неизбежни
АРБУ 2025 ја открива комплексната слика на македонските универзитети, каде што Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје останува убедливо прв на национално ниво со 341.852 цитати, повеќе од сите останати институции заедно, но со ефикасност од само 353 цитати по професор што го става далеку зад водечките регионални конкуренти. Зад него следи Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип со 109.063 цитати, а Југоисточниот Европски Универзитет (SEEU) е трет со 46.486 цитати и повисока ефикасност од УКИМ.
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и Универзитетот во Тетово го заокружуваат првите пет, но нивните резултати остануваат скромни. Помалите институции, иако со ограничен број професори, понекогаш покажуваат висока продуктивност – Европскиот Универзитет со само тројца професори бележи 364 цитати по професор, најмногу во земјата, додека Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ (UIST) има 186 цитати по професор.
По научни области, УКИМ доминира во медицинските науки со 175.861 цитати, во природните науки со 41.188 и во инженерството со над 132.000, но Универзитетот „Гоце Делчев“ изненадувачки води во хуманистичките науки со 6.867 цитати, пред УКИМ и Универзитетот во Тетово. Во економијата и бизнисот пак, SEEU е лидер со 23.250 цитати, пред УКИМ и Гоце Делчев, додека во општествените науки УКИМ е прв, но SEEU и Американ Колеџ Скопје (UACS) се издвојуваат како значајни играчи. Сликата што ја дава ова рангирање е јасна: македонските универзитети имаат силни поединечни резултати и области на доминација, но системски заостануваат зад регионалните конкуренти. УКИМ останува национален столб, но со ниска ефикасност, додека помалите универзитети демонстрираат потенцијал за висока продуктивност.
Ова укажува на потреба од реформи, подобро искористување на човечкиот капитал и стратегија за интернационализација, ако Македонија сака да ја врати својата академска позиција на Балканот и пошироко.
Македонија без универзитет во топ 50 – време е за системски промени
На настанот говореше претседателот на АРБУ, Марјан Бојаџиев, кој истакна дека Македонија нема универзитет во топ-50 рангирањето и дека тоа е сериозен проблем што бара системска анализа. Тој посочи дека меѓу топ – 507 универзитети што водат кон топ-50 економии во светот, само мал процент од Централна Европа успева да се пробие – меѓу нив Загреб, Љубљана, Сплит и Белград. Дури и Франција, иако е седма економија во светот, нема универзитет во топ-50, што покажува дека рангирањето не зависи само од економската сила на државата, туку од посветеност на истражувањето и академската продуктивност.
Бојаџиев нагласи дека најрелевантни во Европа се три големи рангирања – QS, Times Higher Education и Шангајската листа (ARWU). Секое од нив има различни критериуми, но истражувачкиот аспект е најзначаен и токму тука Македонија заостанува. „Нашиот најголем универзитет – УКИМ – има околу 397 илјади цитати, додека конкурентите од регионот како Крагуевац и Ниш веќе го надминуваат. Универзитетите во Загреб и Љубљана имаат милионски бројки на цитати, што ја покажува разликата во научната продуктивност,“ истакна тој.
Заклучокот, според Бојаџиев, е јасен: ако во наредните години не се направат суштински промени, Македонија нема да може да се приближи до врвот. Потребни се системски реформи, поддршка за истражувачите, јасни критериуми за напредување и интернационализација на академската работа. Само така може да се создаде универзитет кој ќе биде конкурентен и видлив на глобалната сцена.
Новиот закон за високо образование како темел за системски промени
Министерката за образование и наука на Македонија, Весна Јаневска, изјави дека од претходниот закон до 2018 година, кога постоеја критериумите, имало мало напредување. Недоволно, но сепак статистичките податоци и анализи покажуваат извесен поместок. Таа нагласи дека жално е што тоа е така, но дека сега мора да се врати назад и токму затоа да се подготви ново законско решение кое ќе оди по соодветна процедура. Според Јаневска, недостигот на вистинско подобрување во високото образование бара суштински и системски промени. Целта не е само да се добијат македонски универзитети меѓу првите 500 на шангајската листа, туку да се изградат универзитети кои ќе придонесуваат за национален развој, ќе образуваат студенти подготвени за предизвиците на 21 век и ќе создаваат наука што е основа за развој на целото општество. Таа потсети дека веќе се работело на промени во регулативата, на обезбедување поголем буџет за високото образование и истражувањата, но и на достоинствен третман на професорите и подобрување на условите за нивната работа.

Министерката подвлече дека без оглед на статистиките и споредбите, факт е дека платите и буџетите се повисоки во согласност со економијата. Таа изрази уверување дека Македонија има квалитетен професорски кадар кој тоа секојдневно го докажува, но дека им е потребен мал поттик за да ги претворат предавањата во инспирација за студентите и да им дадат мотив на колегите да работат во истата средина и услови.
Затоа, како што истакна Јаневска, поддршката се насочува кон подобрување на материјалните услови, стимулирање и напредување на наставно-научниот труд, можности за професионален развој и меѓународна мобилност, како и јасни практики за напредување во кариерата. Професорите добиваат можност да се посветат на квалитетна настава, иновативни истражувања и менторство на студентите.
Со новиот закон за високо образование, министерката нагласи дека се гради инклузивна и јасна визија за тоа што сака да се постигне. Законот гарантира академска автономија, транспарентни критериуми за евалуација и напредување, како и механизми за поддршка на младите истражувачи. Тој поттикнува продуктивност, објавување на научни трудови и видливост во меѓународните академски размени.
Д.Ст.

































