Знаменитостите на Македонија
- Приказна за младоста што ја оживува традицијата, за селото Оризари, кое станува сцена на културна упорност, за гајдата како мост меѓу минатото и иднината и за фолклорниот ансамбл „Осоговски извор“, кој ја претвора тишината во песна, а песната во сведоштво дека македонската душа е жива, непокорна и вечна
Во срцето на Оризари, Кочанско, селото во кое секој камен и секоја сенка носат приказна, звукот на гајдата се издигнува како живо сведоштво за вековната македонска душа. Длабок и продорен, но истовремено топол и човечен, тој звук не е од рацете на стар мајстор, туку од млад човек – Никола Стојов. Со својата упорност и љубов кон традицијата, Никола ја претвора гајдата во мост меѓу минатото и иднината, оживувајќи ја не само како инструмент туку и како симбол на културна сила што не може да се избрише. Оризари, тивко и скромно село, станува сцена каде што младоста и традицијата се спојуваат. Никола не е само свирач – тој е мајстор што самостојно ги изработува гајдите, вложувајќи во секој дел од нив дел од својата душа. Кожата што ја избира, дрвото што го обликува, секој детаљ е дел од неговата мисија да ја зачува автентичноста на македонскиот звук. Таа посветеност го прави неговиот труд повеќе од занает – тоа е чин на љубов кон земјата и народот. Со секој тон што се разлева низ Оризари, Никола ја враќа Македонија во својата најчиста форма – како земја на песни, приказни и непокорен дух. Гајдата во неговите раце не е само музика, туку повик за паметење, за единство и за гордост. Таа е живо сведоштво дека традицијата не е минато, туку иднина што се гради со љубов, упорност и вера.
Улиците на селото се мирни, но во дворовите се чувствува пулсот на културата. Мирисот на свежо исечено дрво и кожа се меша со звуците на инструментот што Никола го изработува со свои раце. Секој детаљ на гајдата е резултат на трпение и љубов – од внимателно издлабеното дрво до кожата што ја обвива, создавајќи инструмент што не е само музика, туку аманет.
– Гајдата е повеќе од инструмент – таа е глас на нашите предци – вели Никола, додека селските соседи со гордост го набљудуваат.
За нив, неговата работа е доказ дека младите не ја забораваат културната меморија.
– Кога ќе ја чуеш гајдата, не слушаш само музика – слушаш историја, слушаш идентитет. Тоа е нешто што не може да се купи, туку само да се наследи и да се пренесе – додава еден локален жител.
Селото Оризари, со своите тесни улици и топли дворови, станува сцена каде што минатото и иднината се спојуваат. Никола е мостот – млад човек што со својата гајда ја претвора тишината во песна, а песната во сведоштво дека македонската традиција е жива и непокорна.

– Кога почнува да свири има некој убав звук, кој не може да го доживее и не може да го почувствува секој. Гајдата ми е еден од најубавите македонски инструменти. Немаше кој да ме изучува да свирам на гајда. Целото тоа изучување на гајда јас сам го пробував, вадев некои тонови – вели Никола Стојов.
Но неговата приказна не завршува со гајдата – таа се шири преку фолклорниот ансамбл „Осоговски извор“, кој под негово водство стана мост меѓу минатото и иднината. Во срцето на селото, каде што секој камен носи приказна, се слуша звукот на гајдата – длабок и продорен. Но кога тој звук ќе се спои со песните и танците на ансамблот, Оризари станува сцена на живо културно театарче.
– Ансамблот е мојата втора фамилија – вели Никола.
Секоја проба е како празник, секое настапување е сведоштво дека нашата традиција е жива. „Осоговски извор“ не е само група ентузијасти – тоа е колектив што ја носи силата на заедништвото. Под водство на Никола, ансамблот има освоено голем број награди во земјава и во странство, претставувајќи ја Македонија на фестивали каде што публиката со восхит ја дочекува нивната енергија.
– Кога ќе излеземе на сцена, чувствуваме дека не настапуваме само за себе, туку за целата наша земја – додава Никола.
Селските жители велат дека ансамблот е гордост на Оризари.
– Кога ќе ги видиме младите облечени во носии, со гајдата и песната, знаеме дека нашата култура нема да исчезне – вели еден постар жител.
Стојов им ја пренесува љубовта кон фолклорот на новите генерации, учејќи ги не само да свират и танцуваат туку и да ја разберат симболиката на секој чекор и секој тон.
– Фолклорот не е само уметност – тоа е нашата историја, нашата меморија -нагласува тој.
Сепак, Никола не крие дека ансамблот и гајдата имаат потреба од институционална поддршка.
– За да продолжиме да растеме, ни требаат средства – машини за изработка на инструменти, услови за проби, поддршка за настапи. Ако државата не помогне, ризикуваме да изгубиме дел од нашето културно богатство – заклучува Стојов. Д.Ст.
































