Институтот за судска медицина утврдил дека во парчињата салама што деца ги пронашле во населбата Расадник, во општина Кисела Вода, во близина на детско игралиште, има присуство на инсектицидот метомил, во јавноста познат како ланате. Станува збор за високо токсичен инсектицид кој одамна е забранет за употреба и увоз во земјите од Европската Унија и во Македонија поради неговата исклучителна токсичност и можноста за злоупотреба, најчесто за труење животни, соопшти ЈП Лајка.
Во Расадник на 15 мај се случило масовно труење при кое угинале повеќе домашни и улични кучиња и мачки, а отровот бил расфрлан и пред влезови на станбени згради. По настанот, граѓани преку флаери поставени на речиси секој влез предупредувале на расфрлана храна со бела прашкаста материја. Благодарение на тоа, децата кои ги пронашле парчињата салама веднаш ги известиле своите родители.
Загрижените родители се обратиле до ЈП Лајка, по што сомнителната храна била доставена до Институтот за судска медицина за токсиколошко испитување. Анализите потврдиле присуство на ланате – отров кој предизвикува тешка агонија кај животните, проследена со губење сила, пена на устата, грчеви, неконтролирано мокрење и дефекација, како и задушување.
Од ЈП Лајка посочуваат дека супстанцијата е опасна при голтање, вдишување и контакт со кожа, а само еден грам може да предизвика смрт кај човек тежок околу 70 килограми.
Поради сè почестата злоупотреба на овој инсектицид, од претпријатието апелираат на поголема координација и навремена реакција од надлежните институции за да се утврди кој ја расфрла опасната материја на јавни површини и на кој начин таа се внесува во државата.
Воедно, ЈП Лајка изрази благодарност до Институтот за судска медицина и до неговиот директор, проф. д-р Александар Станков, за подготвеноста и во иднина да се вршат токсиколошки анализи на сомнителни супстанции пронајдени на јавни места.
Од претпријатието потсетуваат дека во современите држави труењето со ланате не се третира само како злоупотреба на пестицид, туку и како еколошки криминал, кривично дело и закана за јавното здравје. Во Македонија веќе постојат случаи со смртни последици кај луѓе кои дошле во контакт со овој инсектицид. За расфрлање вакви опасни материи се предвидени затворски казни согласно член 232 од Кривичниот законик, кој се однесува на неовластено производство, постапување и промет со опасни материи.
ЈП Лајка предупредува дека во овој случај не се загрозени само животните, туку и граѓаните, особено децата кои може да дојдат во контакт со отровот.
Граѓаните се повикуваат, доколку забележат сомнителна храна со бела прашкаста материја, да не ја допираат без заштитни ракавици, веднаш да ги оддалечат децата и животните од местото, да го пријават случајот во МВР и во ЈП Лајка, да ја фотографираат локацијата доколку е можно и да ја информираат јавноста за потенцијалната опасност.

































