Илустрација / Фото: Пекселс

Автор: д-р Ана Мадиќ Костовски, психијатар во Општа болница Куманово

Стресот претставува природна реакција на организмот на различни надворешни и внатрешни предизвици. Во умерена количина може да биде корисен и да помогне во адаптација и преживување, но кога е продолжен и интензивен, може значително да влијае врз физичкото и психичкото здравје. Една од најважните природни невротрансмитери во мозокот која има улога во регулирањето на стресот е гама – аминобутеринската киселина, позната како GABA.

Што всушност претставува GABA и зошто нам ни е битна?

Таа претставува главен инхибиторен невротрансмитер во централен нервен систем. Неговата основна функција е да ја намалува прекумерната активност на нервните клетки во мозокот. Се наоѓа рамномерно распределена во скоро сите регии на големиот мозок, р’бетниот мозок и во локалните инхибиторни интернеурони. Триесет проценти од човечките мозочни неврони содржат GABA, што влијае скоро на сите нервни активности. Инхибиторното дејство го постигнува зголемувајќи ја пропустливоста на невронската мембрана за јоните на хлорот, постигнувајќи стабилизација на потенцијалот на мирување. Со тоа GABA делува како “сопирачка” на нервниот систем и помага во одржување на психичката и емоционалната рамнотежа. Кога нивото на овој невротрансмитер е соодветен, лицето се чувствува посмирено, порелаксирано и полесно се справува со секојдневниот стрес. Намалената активност на GABA може да биде поврзана со анксиозност, несоница, напнатост и намалена раздразливост.

Врската помеѓу стресот и GABA

При стресни ситуации организмот ослободува хормони како кортизол и адреналин. Овие хормони го активираат нервниот систем и го подготвуваат телото за реакција “бори се или бегај”. Краткорочно ова е корисно, но долготрајниот стрес може да доведе до нарушување на неврохемиската рамнотежа во мозокот. Некои истражувања покажуваат дека хроничниот стрес може да ја намали активноста на GABA системот. Кога GABA не функционира доволно ефикасно, нервниот систем останува во состојба на постојана возбуда.

Ова може да предизвика: анксиозност, панични напади, проблеми со спиењето, раздразливост, потешкотии во концентрација, чувство на внатрешна напнатост итн. Од друга страна, добрата GABA активност помага во намалување на психичката преоптовареност и создавање чувство на смиреност. Некои клинички студии го потврдуваат позитивното дејство при цереброваскуларните заболувања (атеросклероза, хипертензија), при хронична церебро-васкуларна инсуфициенција проследена со нарушена меморија, намалена моќ за концентрација, пречки во говорот, вртоглавица и главоболка, при динамички пореметувања на церебралната циркулација како и пациенти со пост-апоплектична состојба и во пост-трауматски период со цел да се зголеми психофизичка способност на болните. GABA ја зголемува продуктивноста на мисловните процеси, ја подобрува меморијата, влијае на воспоставување на моториката и говорната моќ после нарушена мозочна циркулација.

GABA и анксиозни растројства

Ниското ниво или намалената функција на GABA често се поврзува со различни анксиозни состојби. Кај лица со генерализирана анксиозност, паничното растројство и хроничен стрес често се забележува нарушена регулација на овој невротрансмитер. Поради тоа, многу лекови што се користат за анксиозност делуваат токму преку GABA системот.

Стресот и GABA се тесно поврзани. GABA има клучна улога во смирувањето на нервниот систем и регулирање на емоционалната состојба. Хроничниот стрес може да ја наруши неговата функција и да придонесе за развој на анксиозноста и други психички проблеми. Разбирањето за оваа врска е важно за подобрување на менталното здравје и развој на стратегии за справување со стресот.