Француската интелектуална мисла во полза на македонските идентитетски обележја во денешен контекст
- Француската традиција повеќе од еден и пол век ја признава, ја истражува и во широки меѓународни рамки ја афирмира националната и идентитетска самобитност на македонскиот народ, неговиот јазик, култура и историја. Во полза на Македонците, македонскиот јазик и историја е и своевидната „Француска научна и интелектуална доктрина“ за постоењето на автентична и неспорна македонска етничка, идентитетска, јазична и историска засебност, како и „Францускиот манифест на македонизмот“ на францускиот и европски писател и интелектуалец Анри Барбис, чие дело веќе цели сто години ја зрачи вистината за самобитноста на македонскиот народ, идентитет и јазик не само во Франција и Балканот туку и среде Европа и низ светот
Францускиот славист Андре Мазон, професор на Колеџ де Франс и еден од најголемите европски слависти на 20 век, преку своите проучувања на македонската дијалектологија во 1920-тите и 1930-тите, ја потврди и ја засведочи пред европската научна јавност посебноста на македонските дијалекти во рамките на системот на македонскиот јазик. Мазон има неколку клучни научни труда за Македонија и македонскиот јазик, во кои говори за „словенски говори, дијалекти“, а не за „бугарски говори, дијалекти“, за „словенски песни“, а не за „бугарски песни“, како и за „словенски приказни“, а не за „бугарски приказни“.
Во годините пред тоа, особено во 1903 година, не само интелектуална и научна Франција туку и видни дејци во нејзиниот политички живот, заедно со напредната француска јавност, се однесувале со искрени симпатии спрема борбата на македонскиот народ за своја држава, за национална слобода и самостојна пројава на македонскиот идентитет. Францускиот и европскиот печат биле преполни со вести за трагичната ситуација во Македонија, за крвавите репресалии на казнените експедиции на турската војска итн. Насекаде се кренал бран од протести во полза на македонскиот народ. Под раководството на истакнати личности од областа на културата, уметноста и политичкиот живот на Франција, како што биле познатиот француски писател и нобеловец Анатол Франс, социјалистичкиот лидер Жан Жорес, Виктор Берар и Франс де Пресансе, се создало цело промакедонско движење за помош на македонскиот народ.
Судбината на Македонците и македонското прашање станале предмет на расправа дури и во тогашниот француски Парламент. На низа заседанија во август и септември 1903 година и во текот на 1904 година биле разгледувани прашањата околу положбата во Македонија и француската политика за решавање на македонската криза. Во францускиот парламент честопати биле поднесувани интерпелации до Владата. Во нив се барало Владата да го каже својот став по работите во Македонија, да заземе поенергичен став за праведно решавање на македонското прашање. За тоа најмногу се заложувале социјалистичките пратеници. Mery нив се истакнале Жан Жорес и Франсе Д’Пресансе. На неколку заседанија на Парламентот, почнувајќи од август 1903 година, тие го поставувале прашањето за Македонија и инсистирале за неговото поволно решавање.
Во својата студија „Одгласот на Илинденското востание“ историчарот д-р Христо Андонов-Полјански има напишано: „Илинденското востание го разбранувало француското општествено мислење. Неговите поистакнати претставници, општествени и културни дејци го кренале својот глас во полза на Македонците. Притисокот на јавноста станал силен и влијателен. Француската влада била принудена да заземе поенергичен курс за македонските работи“.
Под влијание на печатот, промакедонското движење во Франција се зголемувало. Тоа почнало пред Илинденското востание, но добило уште поизразит облик во времето на востанието и потоа. Уште во почетокот на 1903 година познати француски општественици, како што биле Д’Етурнел, Кошен и Пресансе, предложиле дека само преку јавните собири може да се прошири интересот за Македонија. За да ja придобијат јавноста кон прокламираниот потфат, тие упатиле апел. На овој апел се одзвале видни личности од Парламентот и Академијата на Франција, познати корифеи на науката и културата. Meѓy нив се наоѓал и Анатол Франс.
По иницијатива на споменатите дејци, во Париз биле одржани митинзи на 15 февруари и на 17 март 1903 година. Овие митинзи биле бројно посетени. На нив говореле истакнати француски политичари и културни работници. На првиот собир најголем впечаток оставил говорот на социјалистичкиот лидер Жан Жорес, кој истакнал дека македонското прашање не се решава затоа што за него нема можност, туку затоа што Европа нема морални сили. Се дошло до потребата организациски да се оформи промакедонската дејност низ Франција. Веднаш по првиот митинг од 15 февруари 1903 година се формирал Македонски комитет (Comité de la Macédoine). Основачи на Македонскиот комитет, покрај другите, биле и познатите публициста и јавни работници Виктор Берар и Ж. Голис. Тие презеле голема активност за популаризација на македонското ослободително дело во француската јавност.
Меѓународниот македонски митинг од 1903 година во Париз собрал видни претставници на политичкиот и културниот живот
Најголемата манифестација во полза на Македонците била изразена на меѓународниот македонски митинг, кој се одржал на 25 октомври 1903 година во познатиот париски театар „Сара Бернар“. На овој митинг присуствувале видни претставници на политичкиот и културниот живот не само од Франција туку и од Велика Британија, Италија и САД. Во своите говори на митингот тие ги нагласувале сериозноста на настаните во Македонија и потребата за поефикасна контрола и поенергични мерки за реформирање на Македонија. Посебно се третирало донесувањето на „Мирцштегските реформи“ и резултатите од нив за подобрување на положбата во Македонија. На митингот Виктор Берар рекол дека „би било потребно трите западноевропски држави да го земат македонското прашање во свои раце“.
Виктор Берар (1864–1931) бил истакнат француски дипломат, историчар, балканолог и политичар. Тој е познат како голем поддржувач на македонското национално ослободително движење и врвен истражувач на минатото на Балканот. Како хроничар на македонското прашање и универзитетски професор во Париз, тој детално ги проучувал случувањата во Македонија. Истапувајќи како енергичен афирматор и заштитник на македонската самобитност, во своите анализи објавени во угледниот весник „Париска ревија“ во 1903 година Берар отворено посочил дека Македонците не сакаат турското ропство да го заменат со грчка, српска или бугарска власт. Берар е само еден од многутемина блескави и смели умови на Франција од тоа бурно време што дејствуваа како, така да ја наречеме, „интелектуалната совест на Франција за Македонија“. Но Берар бил дел од своевидната француска „Македонска школа“, сочинета од многу француски и франкофонски научници, историчари, балканолози и лингвисти, кои експлицитно повеќе од еден век ги третираат македонскиот народ и македонскиот јазик како засебен историски, културен и лингвистички ентитет. Некои од нив тоа го прават директно, а некои преку академски анализи за Балканот, националните идентитети и јазичните политики. Така е и во денешни дни.
Во март 2023 година, говорејќи на одбележувањето на 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Париз, кој функционира во рамките на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), професорката д-р Весна Мојсова-Чепишевска, тогаш во својство на директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, посочи на истражувањата и објавените статии на француските филолози за македонскиот јазик од периодот меѓу двете светски војни, пред неговата кодификација.
– Во темелите на овој македонски Лекторат е и еден претходен, исклучително значаен, непрекинат научен интерес за македонскиот јазик во француската филологија. Токму тој Лекторат стана почетна точка на новата на присуството на македонскиот јазик, литература и култура во Франција – нагласи тогаш д-р Мојсова-Чепишевска.
Моќниот говор на францускиот нобеловец Анатол Франс за Македонците и македонската вистина од 1903 година
Говорот на Анатол Франс за Македонија и Ерменија одржан на 17 март 1903 година претставува еден од најсилните историски гласови на европската интелектуална авангарда во одбрана на македонскиот и ерменскиот народ пред Илинденското востание. Познатиот француски писател и нобеловец го одржал овој говор за време на големиот митинг во Париз (во некои извори се споменува и Женева), организиран со цел да се сврти вниманието на западната јавност кон страдањата на народите во Отоманската Империја.
– Интересирајќи се за судбината на Ерменците и Македонците, затоа што се луѓе, ние бараме, како гаранција за нивната благосостојба и за зацврстување на општиот мир, полно и целосно извршување на Берлинскиот конгрес, што се однесува за Ерменија и Македонија – им порачал Франс на Европејците и големите европски сили.
Писателот ја осудува пасивноста на Европа и жестоко ги критикува европските сили, кои остануваат неми на злосторствата во Македонија.
Овој говор на францускиот книжевник нобеловец има огромно значење за македонската историја. Тој служи како доказ дека македонското прашање и идентитет биле јасно препознаени во Европа на почетокот на 20 век. Поддржувајќи ја Бугарија во нејзините намери и обиди за бугаризација на Македонија и Македонците, денешна политичка Европа, олицетворена во Европската Унија, е во жесток судир со интелектуална и културна Европа од пред 120 години. Макрон треба да го има како патоказ на своето политичко дејствување и овој говор на неговиот славен сонародник Анатол Франс, за да разбере дека како моментален претседател треба да се придржува до високите идеали на Француската Република, во чиј парламент, исто така, одекнуваше вистината за Македонија и македонското прашање.
Свето Тоевски
крај

































